1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Цената на струјата ја носи опозицијата на протест

9 септември 2020

Процентот на зафаќање на трошокот за струја од просечната нето плата бил највисок во 2013 и 2014, а најнизок во 2009 година. Регулаторната комисија повикува на институционални постапки.

https://p.dw.com/p/3iC5d
Strompreise steigen
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Weißbrod

Висок напон меѓу власта и опозицијата предизвика зголемувањето на цената на струјата од 7,4 отсто од 1-ви август. Тоа е и повод за протестот што за вечерва во 18 часот го најави ВМРО-ДПМНЕ, откако нејзиниот лидер обвини дека цената била зголемена на шверцерски начин, во период на одмори.

„Имаме скапа струја, а сиромашен народ. Ја качија цената на струјата создавајќи екстра профит за универзалниот снабдувач на електрична енергија. Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци и сите станати, сме една иста група на граѓани која што гледа една иста мака – сиромаштијата. Во исто време, Владата си ги полни џебовите, додека ги празни тие на народот. Отпорот станува наша должност и ова е време кога треба да се биде гласен“, повика Мицкоски на првиот од серијата протести што ги најави за следниот период.

Hristijan Mickoski PK Mazedonien
Мицкоски: Имаме скапа струја, а сиромашен народФотографија: DW/P. Stojanovski

Протестот ќе започне пред Министерството за правда, а ќе заврши пред Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги, која Мицкоски ја нарече „маша на власта“, и од неа ќе се бара да ја врати старата цена на струјата. Тој ги повика сите незадоволни политички партии, интелектуалци, синдикати, здруженија, еснафи и поединци да се обединат и да направат опозициски фронт против власта.

Колку зголемената цена на струјата ќе се одрази врз џебот на граѓаните? Според пресметките, секој што плаќал 1.500 денари месечно, сега ќе плаќа 100 денари повеќе. Во зимските месеци, оние кои се греат на струја, ако досега плаќале 6.000 денари ќе треба да платат 400 денари повеќе. Многу или малку? Оценките се разликуваат според аголот од кој се анализира покачувањето. Во време на корона- криза и економските последици што таа ги предизвикува, за опозицијата ова е тема на која очекува да добие поддршка од синдикати и незадоволни граѓани. Од Регулаторната комисија за енергетика посочуваат на податоците, според кои земјата и натаму има една од најниските цени на електрична енергија во регионот и во Европа. Според податоците за цени на електрична енергија, во втората половина од 2019 година во Северна Македонија таа изнесува 4,1 денар без ДДВ за киловат/час (kWh), додека во ЕУ е 11,2 денари. Нешто пониска од македонската цена има само во Србија (3,69 денари за kWh) и Косово (3,4 денари за kWh). Во сите други земји во регионот цената е повисока: во БиХ изнесува 4,2, во Албанија 4,8, во Бугарија 4,9, во Црна Гора 6, во Хрватска 7,2, а во Словенија 8,39 денари за киловат-час.

Одлуката неминовна

Зградата на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги е втората адреса на која ќе се одвива вечерашниот протест. Марко Бислимоски, претседател на оваа Регулаторна комисија, вели дека одлуката за зголемување на цената била неминовна.

„Протестите се легитимен начин на изразување на незадоволство, но овие протести се исклучително политички мотивирани за што ќе ги известиме европските институции, конкретно Секретаријатот на Енергетската заедница со седиште во Виена и Делегација на Европска унија во Скопје“, најавува Бислимоски.

Mazedonien Energieregulierungskommission
Бислимоски: Протестите се исклучително политички мотивираниФотографија: DW/K. Delimitov

Потенцира дека сега кога Собранието е конституирано и Владата избрана, опозицијата нема пречки за институционални постапки со предлог-решенија за ова прашање.

„Доколку опозицијата, односно партиите искрено се грижат за граѓаните, можат преку своите претставници во Собранието да достават иницијатива за анулирање на ефектите од донесената одлука преку намалување на ДДВ-то или други соодветни решенија. Но, очигледно опозицијата има потреба од театар за добивање на политички поени. Во спротивно, ќе видевме сериозна иницијатива за решенија. Ние бевме свесни дека одлуката е непопуларна, но беше неминовна. Како регулаторно тело, пред се', имаме основна задача да ја гарантираме сигурноста и стабилноста во испорака на енергенси, посебно сега, во зимскиот период и неизвесноста од можен нов бран од Ковид- 19. Во консултација со Секретаријатот на Енергетската заедница, предлагаме и ги охрабруваме носителите на законодавната власт да донесат измени соодветни со кои ќе се прошири листата на лица кои добиваат надомест за енергетска сиромаштија, со вклучување на сите граѓани кои се погодени директно од здравствената криза. Не треба да се субвенционираат богатите“, вели Бислимоски.

Споредбен раст на цената на струјата и просечната нето плата

Показател, преку кој може да се види дали и колку трошокот за електрична енергија „јаде“ од домашниот буџет, е компарацијата на растот на цената на струјата во однос на растот на просечната нето плата. Во периодот од 2006 до 2020 година, цената на електричната енергија за домаќинствата бележи пораст од 89,85%, додека просечната нето плата во истиот период се зголемила за 97,35%, што значи дека просечната нето плата пораснала за 7,50% повеќе од просечната цена за електрична енергија по kWh за домаќинствата. Со последната одлука на Регулаторната комисија за енергетика, просечната сметка кое едно домаќинство би ја плаќало за електрична енергија изнесува 1.751 денари, што е за 146 денари повеќе во споредба со 2019 година, кога просечната сметка за домаќинствата изнесувала 1.605 денари.

Mazedonien Schaltergeschäft in einer Bank in Skopje
Просечната плата на граѓаните треба да се стави во сооднос со поскапувањето на струјатаФотографија: DW/P. Stojanovski

Од друга страна, просечната нето плата во 2019 година изнесувала 25.215 денари, а заклучно со мај 2020 година изнесува 26.678 денари, што претставува зголемување од 1.463 денари. Ако се направи споредба помеѓу просечната нето плата во периодот од 2006 до 2020 година и се пресмета учеството на трошокот за електрична енергија на едно домаќинство во просечната нето плата, се доаѓа до следните податоци: трошокот за електрична енергија во 2020 година учествува со 7,75% во просечната нето плата остварена заклучно со мај 2020 година. Споредено со останатите години од анализираниот период (2006 – 2020 година), само во 2008, 2009, 2018 и 2019 година процентот на зафаќање на трошокот за електрична енергија од просечната нето плата бил нешто понизок од 2020 година, додека сите останати години тој процент е повисок. Процентот на зафаќање на трошокот за електрична енергија од просечната нето плата бил највисок во 2013 и 2014, кога изнесувал 9,06% и 9,07%, а најнизок во 2009 година кога изнесувал 6,75%. Процентот на зафаќање на трошокот за електрична енергија од просечната нето плата за 2020 година (7,75%) е приближно ист со оној од 2018 година, кога изнесувал 7,73%.

Тема за меѓупартиски обвинувања

Но, дебатата за цената на струјата засега не се води на стручен, туку пред се' на меѓупартиски мегдан. Од СДСМ, во одговор на опозициските критики, оценија дека Мицкоски бил најлошиот директор на ЕЛЕМ и советник за енергетика на Никола Груевски, во време кога цената на струјата пораснала до 100 отсто.

SDSM Parteizentrale, Skopje, Mazedonien
СДСМ: Цената на струјата остана непроменета цели три години, додека платите имаа највисок раст во историјата Фотографија: MAKFAX

„Во време на СДСМ цената на струјата остана непроменета цели три години, додека платите имаа највисок раст во историјата на земјата. Оттука, раст на струја од 7% за три години е неспоредливо со растот на струја од 100% за нивните 10 години. Покрај зголемување на цената, токму ВМРО-ДПМНЕ на Мицкоски ја укина евтината тарифа на струјата што значеше и сериозно дополнително зголемување на сметките на корисниците. СДСМ беше и натаму останува позади својата политика за евтина тарифа на струјата“, реагираа од СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ ваквите тврдења на сметка на Мицкоски ги нарекоа лага, и најавија тужба за клевета доколку нема јавно извинување.

Во изминатиот период своја реакција имаше и Регулаторната комисија за енергетика, која како неточни, неосновани и нестручни ги оцени наводите дека зголемената цена на електричната енергија ќе ги зголеми цените на производите.

„Одлуката на Регулаторната комисија за енергетика се однесува само за регулираниот пазар на електрична енергија. Најголем дел од индустриските и комерцијалните потрошувачи сами набавуваат електрична енергија на слободниот пазар по цени коишто не ги определува Регулаторната комисија за енергетика“, соопшти оваа комисија.