1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Куќата на Моне засега без „резервации“ од Македонија

9 ноември 2017

Во моментов нема сигнали дека за сите партии е прифатлива идејата на европратеничката тројка за меѓупартиски дијалог во куќата на Жан Моне. Опозицијата прашува - зошто во странство, далеку од очите на јавноста?

https://p.dw.com/p/2mWR3
Belgien Die mazedonische Fahne am EU-Parlament
Фотографија: DW/M. Maksimovic

Засега е неизвесна реализацијата на идејата на тројцата европратеници Иво Вајгл, Едвард Кукан и Кнут Флекенштајн, кои предлагаат претставници на македонските партии да учествуваат на средби, на кои, низ дијалог би постигнале консензус за најважните прашања за интеграциските процеси на Македонија. Како симбол за заложбите за интеграција во ЕУ, иницијаторите на дијалогот предлагаат овие средби да се одржуваат во Франција, во куќата на таткото на ЕУ, Жан Моне.

За предлогот, за кој неофицијално се шушка повеќе од еден месец, Вајгл деновиве во интервју за емисијата „360 степени“ соопшти дека идејата била ставена на маса за време на неговата последна посета на Скопје, непосредно по изборот на новата влада, а предлогот добил поддршка и од еврокомесарот Јоханес Хан. Според иницијаторите, станува збор за неформален механизам - отворање процес на дијалог, во кој низ отворен и конструктивен разговор, без присуство на камери, би се направил обид да се најде заеднички јазик за одредени прашања. Средбите немаат за цел да го „заменат“ парламентот, бидејќи парламентот е тој што носи решенија. Тие се само начин да се дојде до приближување на ставовите за теми кои се клучни за процесот на интеграција, бидејќи преговорите за влез во ЕУ бараат домашен консензус, кој нема да зависи од промените на власта.

Johannes Hahn in Skopje
Еврокомесарот Јоханес ХанФотографија: MIA

Зошто тајно, и зошто во странство?

Куќата на Жан Моне во изминатите години била домаќин на многу партиски средби, летни школи, семинари... Располага со приземје, прв кат и голема градина, а сместена е во Ивлин, на работ од шумата на Рамбује, 27 милји западно од Париз. Но, многу повеќе милји ги делат македонските партии во подготвеноста да седнат на заедничка маса, далеку од очите на јавноста. Иако првата можна средба се планирала кон крајот на оваа, или во почетокот на 2018 година, во моментов нема јасни сигнали дека таа идеја е прифатлива за сите партии. Од ВМРО-ДПМНЕ „засега не ја коментираат идејата“. Сепак, партиски извори неофицијално посочуваат дека за оваа партија е спорно се што би се одвивало далеку од очите на јавноста, во тајност и нетранспарентност. Второ, доколку треба да се води дијалог и да се постигне консензус за кое било прашање, потенцираат дека тоа треба да се направи дома, а не во странство. Како пример го посочуваат Договорот за добрососедство со Бугарија, кој бил постигнат без никаква транспарентност и без да се отвори расправа за него во парламентот.

Токму Договорот со Бугарија деновиве ќе биде во епицентарот на политичкото внимание, откако бугарската вицепремиерка и министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева, вчера најави дека се очекува во текот на следната седмица во бугарскиот парламент да биде ратификуван Договорот за добрососедство со Македонија, а се надева дека тој набрзо ќе биде ратификуван и во македонскиот парламент. Од друга страна, ВМРО-ДПМНЕ пред една недела соопшти дека до парламентот ќе поднесе предлог за организирање референдум на кој граѓаните ќе се изјаснат за Договорот со Бугарија. Ова ќе биде првиот тест за меѓупартискиот дијалог, но далеку од куќата на Моне.

Mazedonien Besuch der Europaabgeordneten Kukan Vajgl und Howitt
Европратеничката тројка, Едуард Кукан, Ричард Хауит и Иво ВајглФотографија: MIA

Корисно, но не е едноставно

Може ли низ форми на вонпарламентарен дијалог да се постигне меѓупартиски консензус за ова и слични прашања, од кои зависи интеграцијата на Македонија во ЕУ?

„Иницијативи за градење на консензус веќе постојат и помалку или повеќе успешно се спроведуваат веќе одредено време“, вели Андреја Стојковски од граѓанскиот Центар за европски стратегии „Евротинк“.

„Дел од владите на државите членки работеа на поврзување и некаков тип на помирување помеѓу политичките партии и други репрезенти, а истото го користеа и за сопствените потреби на развивање на политиките и пристапот кон Македонија. Германската влада преку една од своите фондации веќе подолго време спроведува проект за градење на консензус по важни прашања во Македонија, преку вклучување во различни панели на претставници на различни организации на граѓанското општество, медиумите и политичките партии. Во досегашната работа покрај дебата и создавање на консензус за медиумската сфера и прашањата на слободата на говорот се разгледувале и соработката со НВО, пристапувањето во ЕУ, изборите, името...“, објаснува Стојковски.

Но потенцира дека работата е поедноставна кога се работи со граѓански организации, а поинаква кога станува збор за политички партии.

Knut Fleckenstein, SPD-Abgeordneter aus Hamburg im EU-Parlament
Германскиот европратеник Кнут Флекенштајн го замени британецот Хауит во европратеничката тројкаФотографија: Christiane Rogge

„Во нашите услови ниту се знаат кои се партнерите, односно кои можат да бидат партнери во таквиот дијалог, ниту пак дијалогот ќе биде прифатен сега. Лично сметам дека до оној момент додека немаме чиста слика со ВМРО-ДПМНЕ - дали партијата ќе се реформира, дали ќе има нова управа и нов лидер, ќе биде  непродуктивно да се прават било какви обиди за помирување помеѓу политичките партии. Македонија мора да почне да испорачува одговорност и владеење на правото пред да започне да работи на своето внатрешно помирување“, смета Стојковски.

Ваков сомнеж делат и други соговорници на ДВ. Сметаат дека не може да има ни дијалог ни пат до консензус, ако во него не учествуваат сите партиски субјекти, а токму актуелното раководство на најголемата опозициска партија уште пред неколку месеци јавно соопшти „крај на конструктивноста“ и не покажува отстапување од тој курс.

Тоа индицира дека куќата на Моне нема брзо да има посетители од Македонија. Во меѓувреме, македонските политичари ќе може да најдат поука во изреката што често ја користел Моне: „Постојат две категории луѓе - едни кои сакаат да станат нешто, и други кои сакаат да направат нешто“.

Во која категорија спаѓаат македонските политичари - ќе се види набрзо по изборите.