1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Лавиринти на македонското судство: што би требало да знаете

1 февруари 2020

Политичарите во Собранието ги носат законите, а не експертите. Без оглед на гневот на јавноста, тие се водат од своите интереси и од добиениот мандат. Така е и со законот за јавно обвинителство. Пишува Љупчо Поповски.

https://p.dw.com/p/3X7f0
Symbolbild Justitia Justiz Gerichtigkeit
Фотографија: picture-alliance/dpa

Професорот Гордан Калајџиев грмеше како Зевс громовникот во емисијата на Оливера Трајковска „Вин-вин" против тесноградоста и променливоста на ставовите на политичките елити, веројатно исфрустриран од долгогодишното разводнување на стручната работа (негова и на други колеги) кога нивниот труд ќе се најде на масата на министрите и политичарите. Тој силен гнев, како да доаѓа од врвот на Солунска Глава, не е неразбирлив, иако беше пресилен за една дебатна емисија. Тој гнев во себе содржи многу работи наталожени со години, за сега да излегува на разни страни во цајтнотот околу законот за јавно обвинителство. Неговиот извик – „Што држава е тоа!“ – за галиматијасот околу судбината на СЈО, местото на Катица Јанева во новиот обвинителски систем (пред да се дознае за нејзиното спектакуларно потклекнување), ископаните партиски ровови во кои се бранат само интересите на одредени луѓе, лесно одѕвонува кај пошироката јавност, која многу одамна си го поставува ова прашање, но никако да најде вистински одговори.

Еве неколку работи што би требало да ги знаете.

1. Дали македонските политичките елити се единствен случај во Европа?

Ни случајно. Политиката ги следи своите интереси, кои некогаш може да се поклопат со интересите на граѓаните. Професорот Калајџиев од долгото искуство во разни групи за подготовки на закони и тимови за реформи веројатно ушта одамна сфатил дека политичката мрежа може да биде толку ситна, дури и невидлива, за да не се забележи дека си фатен во неа. Како што сега изгледа сосема јасно дека ставовите на правните експерти се користат и од едната и од другата страна на затегнатото политичко јаже за да се протуркаат сопствените политички ставови. Политичката злоупотреба тука е безмислосна, иако најпосле може да произлезе и еден поднослив закон, како овој за јавното обвинителство.

Mazedonien Ljupco Popovski
Љупчо ПоповскиФотографија: Petr Stojanovski

На почетокот од 2000-те години поранешниот француски претседател Валери Жискар Дестен беше на чело на една група од европски мудреци составена од стотина луѓе, кои требаше да го подготват уставот на ЕУ. Во еден незаборавен разговор за „Интеренешнал хералд трибјун" од 2003 година тој објаснуваше дека со месеци го проучувал она што го направија двајца од американските татковци на нацијата - Томас Џеферсон и Џон Адамс - при составувањето на американскиот устав. Дестен тврдеше дека од денешен аспект изгледа просто невозможен дострелот на мислата, идејата и визијата на Џеферсон и Адамс. И дека сите стотина умни луѓе во панелот не можеле да се приближат до висините на двајцата Американци кои седумте члена на уставот ги напишаа за неколку недели есента 1787 година. Па, сепак, Дестен и другите мудреци составија предлог устав кој можеше да достигне некакви европски висини. Кога тој предлог стигна пред политичарите од земјите членки тие го поткопаа на безброј начини, следејќи ги интересите не само на државите, туку и на политичките групации. Крајниот резултат беше: ни риба, ни девојка, па затоа повикувањето на него е ретко, освен во некои кризни ситуации кога одредени држави драматично го нарушуваат владеењето на правото. А Дестен беше почестен од политиката со најпрестижната европска награда „Карло Велики".

Други колумни од авторот:

Во судницата

Отаде иднината

2. Кои се најприземните политички интереси околу законот за јавно обвинителство?

Овде не се потребни длабински анализи на некаков труст мозоци. Интересите се едноставни – владејачката СДСМ сака да се донесе законот пред да се распушти парламентот за тоа да биде уште еден македонски адут пред мартовскиот самит на ЕУ и можноста за добивање датум. Со тоа партијата во изборната стометарска кампања би стартувала од дваесеттиот метар, што може да се покаже како недостижна предност во однос на опозицијата. А ако во тоа време стигне и ратификацијата на протоколот за НАТО од Шпанија, предноста може да биде и поубедлива. Заборавете на вмровските флоскули дека нивната главната заложба е да се направел вистински европски закон. Клучот за сегашното блокирање е „опасноста“ Македонија да добие датум во март, па е важно да се стават повеќе пречки на патот. Особено откако германската канцеларка Ангела Меркел пред некој ден по средбата со албанскиот премиер Еди Рама јасно изјави дека Германија сака отворање на преговори со Македонија и Албанија во март, цитирајќи „геополитичка потреба". „Бидејќи новата Комисија сака да биде геополитичка комисија, има уште повеќе, а не помалку, причини решително да се поттурне овој процес напред", рече Меркел.

При поставувањето на пречките за ВМРО-ДПМНЕ дојде неочекувано изјавата на францускиот амбасадор, Кристијан Тимоние, дека „процесот на промената на методологијата и пристапните преговори можат да се водат паралелно". Дополнително на тоа и пораката на амбасадорот на ЕУ, Самуел Жбогар, објавена на Твитер: „Ја препознаваме неопходната улога што ја има опозицијата во донесувањето на неколку реформски закони во последните две години. Очекуваме да видиме иста демонстрација на посветеност кон европската иднина во однос на Законот за јавно обвинителство". Секако дека откако СЈО беше уништено втората главна цел во овој момент на вмровската номенкалтура е да бидат закопани и сите истраги што ги водеше ова обвинителство. Токму поради тоа американската амбасадорка Кејт Брнс во првата суштинска порака на американската администрација околу законот порача на Сител: „Ја истакнуваме и важноста случаите на СЈО да продолжат да се процесуираат на кредибилен начин во јавното обвинителство. Веруваме дека ова се вистинските одлуки за да се создаде доверба кај граѓаните и да се потврди дека поединци кои извршуваат високи функции ќе сносат одговорност за какви било злоупотреби".

Symbolbild - Sprintstart
Која партија ќе оствари предност во предизборната трка?Фотографија: Fotolia/Stefan Schurr

3. Обвинители и судии на потерница

Се сеќавате кога пред пет-шест години во телевизиски емисии се објавуваа фотографии од новинари закачени на пано со своевиден повик за медиумски отстрел. Кога од „бомбите“ произлезе квалификацијата „сваровски судство", искована од новинарите, а потоа преземена од тогашната опозиција, сега се вратија потерниците. Стартот на ловната сезона го објави лидерот на опозицијата, па сега во партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ речиси секојдневно се објавуваат на телопи фотографиите на судијката Добрила Кацарска и обвинителката Вилма Русковска како да се непријатели број еден. Причината е едноставна – тие двете беа клучни актери од процесот за упадот на 27 април. Нивното јавно уништување треба да им даде своевиден ореол на маченици на „патриотите“ кои пролеваа крв во Собранието. Вакво денунцирање со потерници на судии и обвинители досега не е забележано во македонската историја. Прашање е што ќе биде ако сегашнава власт стане опозиција и таа на ваков начин да почне нов лов на нови судии и обвинители. Кругот на распадот ќе се затвори.

4. Дали пред судот некој треба да има посебна заштита?

Во четвртокот германскиот парламент гласаше да му се одземе пратеничкиот имунитет на лидерот на крајнодесничарската партија Алтернатива за Германија, Александер Гауланд, поради истрагата на обвинителите за даночно затајување. Обвинителите побараа од Бундестагот дозвола за спроведување на одлуките на судот „за истрага и конфискација". Веднаш по одлуката на парламентот, полицијата и даночните истражители влегоа во двата дома на Гауланд во Потсдам и Франкфурт. Вкупното даночно затајување било 6.000 евра. Во друг случај истиот ден беше симнат имунитетот и на пратеничката на владејачката ЦДУ, Карин Штренц, која е под истрага за нејзина инволвираност во аферата за поткупување од властите на Азербејџан. Полицијата веднаш отиде да ги пребара нејзиниот дом и канцеларијата во Бундестагот. Добро знаете што се случи овде со пропаднатиот обид за одземање на пратеничкиот имунитет на Трајко Вељаноски кого обвинителството го товари дека е еден од организаторите на упадот во Собранието на 27 април. Во една бесрамна политичка сплетка Трајко Вељаноски остана поштеден и сега може слободно да учествува во блокадите за донесување на законот за јавното обвинителство.

Deutschland Immunität von Alexander Gauland aufgehoben
Документи пронајдени во домот на Гауланд по претресот Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Stähle

Кога осрамотениот Карлос Гон (поранешниот директор на „Нисан-Рено") избега на спектакуларен начин од куќниот притвор во Токио скриен во голема кутија од музички инструмент, а потоа со супербрз воз се префли во друг град, а оттаму со приватен авион до Истанбул и најпосле пак со авион до Бејрут (тој има либанско потекло), полицијата и обвинителите веднаш влегоа во неговиот дом за да направат темелна истрага. Овде судот не издаде наредба полицијата да влезе во домот на Никола Груевски за да изврши пребарување и евентуално да најде некакви докази,  што можеби ќе одведеа до трагите за начинот како избегал поранешниот премиер. Тешко се објаснува оваа логика.

5. Дали процесот за „Рекет“ се претвора во водвиљ?

Она што изгледаше дека ќе биде судски спектакл на годината полека се претвора во водвиљ. Во оние лесни оперети од 18 век наменети за сиромашните граѓани во скромни театарски сали. Обвинителството како да ја загуби нишката одсуштината на процесот, а повиканите сведоци раскажуваат приказни кои беа неважни за суштината на процесот. Дали недоисплатениот мебел е клучот за милионското мито побарано од Орце Камчев; или пак шопинзите во Милано треба да го докажат делото. Вулгарностите на Катица Јанева упатени кон нејзината поранешна верна соработничка Лиле Стефанова се идеални за таблоидите. Но Лиле Стефанова на некој начин сама ги поткопа своите наводи тврдејќи дека истрагата за „Империја“ одела со забрзано темпо, а нејзината шефица Вилма Русковска потоа тврдеше дека такво забрзување немало. Многумина сакаат да се извлечат неизвалкани од овој комплициран случај, но е необјасниво како во една строго хиерархиски поставена институција две обвинителки од исто одделение зборуваат различни работи. Дали тоа значи дека вработените таму функционираат како распуштен вод, во кој секој зборува што сака. Кому да му верува јавноста – на Стефанова или на Русковска? Ако зборовите на Стефанова не одговараат на вистината за истрагата за „Империја“, дали тогаш и другиот дел од сведочењето е целосно вистинит?

Nord-Mazedonien Gerichtsprozess im Fall "Reket"
Лиле Стефанова Фотографија: DW/P. Stojanovski

Ако набројувањето на сета облека што била собрана од домот на Боки 13 е дел од обвинувањето за перење пари, дали тоа има врска со наводниот рекет што бил побаран од Камчев. Се разбира дека сите тие алишта не можеле да се купат за неколку месеци. И дали тоа што Јанева имала „Луј Витон" чанта е најголем грев. Зошто некој обвинител, судија, пратеник, градоначалник не би смеел да има чанта од овој скап бренд? Исказите на сведоците досега беа повеќе забавни отколку со вистинска вредност. Доколку доказите на обвинителите вистински не ја разобличат аферата со поткупот целото судење ќе се распрсне. Без оглед дали Јанева и Боки 13 ќе бидат осудени. И секако да се дознае дали навистина биле дадени пари и каде завршиле.

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар