1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Лавров зборува за „реална опасност“ од трета светска војна

ЕМФ | Тагесшау
26 април 2022

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров предупредува од „реална опасност“ од трета светска војна и го обвинува НАТО дека води т.н. заменска војна против Русија.

https://p.dw.com/p/4AR4m
Lawrow sieht "reale Gefahr" eines dritten Weltkrieges
Фотографија: Attila Kisbenedek/AFP/Getty Images

Русија смета дека испораките на оружје на НАТО на Украина се оправдани цели за напад. „Се разбира, ова оружје ќе биде легитимна цел за руските воени сили“, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во интервју за руската телевизија, споделено на Телеграм-каналот на руското Министерство за надворешни работи. Магацини, меѓу другото и во западна Украина, веќе беа цели на такви напади. „Како да биде поинаку? Ако НАТО преку заменик влегува во војна против Русија и го вооружува тој заменик, тогаш во војната ќе се прави она што мора да се прави“, изјави Лавров.

Тој во интервјуто предупредува и од опасност одтрета светска војна. „Опасноста е сериозна, таа е реална, не смее да се потцени“, вели рускиот министер за надворешни работи.

На барањето за споредба со времињата од Кубанската криза, Лавров одговара дека тогаш „навистина имаше малку правила, напишани правила“, но „правилата на однесување“ биле прилично јасни - во Москва било јасно како се однесува Вашингтон, а во Вашингтон било јасно како се однесува Москва.

И денес има малку правила, но „истовремено се практично уништени сите други инструменти за контрола и неширење на вооружувањето“, нагласува Лавров и укажува на договорот за нуклеарно разоружување Нов Старт. Освен тоа, во времето на Кубанската криза во 1962 година постоел канал за комуникација кому лидерите на СССР и на САД му верувале, а денес таков канал нема и никој не се обидува да го воспостави, вели Лавров.

- повеќе: Сите луѓе на Путин

Повторно обвинувања на сметка на Зеленски

По прашањето на мировните преговори со Украина, Лавров рече дека Русија ќе ги продолжи преговорите, но истовремено нагласи дека „добрата волја има свои граници“. Ако таа не се заснова на „реципроцитет“, тоа „не помага на преговарачкиот процес“.

Лавров го обвини украинскиот претседател Володимир Зеленски дека само „создава привид“ дека е подготвен да преговара. Во однос на евентуален договор за прекин на конфликтот во Украина, Лавров вели дека „рамковните услови“ на таков договор ќе зависат од „статусот на борбените дејства“, во моментот кога „договорот ќе стане реален".*