1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ладнокрвниот есап на Орбан против Јункер

Борис Калноки
23 февруари 2019

Со најновата кампања против Јункер, Орбан можеби претера од аспект на ЕУ, но кај нас, Унгарците, повторно постигна полн погодок. Колумна на Борис Калноки.

https://p.dw.com/p/3DxLi
Boris Kalnoky
Фотографија: privat

Секое утро на појадок се расправаме за тоа за што сакаме да се жалиме денес – вака еден комичар еднаш ја окарактеризира нашата унгарска посебност. Има нешто во ова. Никој не се расправа и жали толку страствено како ние. Особено радо дебатираме околу владата, но истовремено ни се допаѓа кога таа со „цврста рака" ја држи ситуацијата под контрола.

Се жалиме и за „оние од горе", кои секако си го гледаат само сопствениот интерес, но следниот пат повторно ги гласаме на избори. Сличен е и односот кон ЕУ. Се жалиме и ја критикуваме, но не сакаме да ја пропуштиме. Најновата кампања со плакати на Виктор Орбан против претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер оттука е полн погодок, ремек-дело на политичко познавање на човековата природа.

На плакатите го гледаме американскиот милјардер со еврејско потекло Џорџ Сорос во позадина и Јункер во преден план со сенилно плашлива насмевка. Тие сакаат да ја преплават Европа со мигранти, пишува на плакатот, и ние, унгарскиот народ, сме заслужиле да дознаеме за тоа.

Други колумни од авторот:

Моја Европа: Две души во источноевропските гради

Моја Европа: Источноевропејците го сакаат Трамп

Дрско и самоуверено демонстрирање сила

Кога го гледаме ова си мислиме: о боже, каква глупост повторно. Знаеме дека плакатите чинат пари и дека ги плаќаме од државната каса, и дека сигурно некои пријатели на владата на овој начин треба уште малку да ги збогатиме. Знаме и дека сигурно Сорос и Јункер не ја водат рака под рака ЕУ, а со тоа и нас, во пропаст. Ние се жалиме на владата која нѐ смета за глупави.

Но, тоа што тоа го прават со таква смелост и самодоверба, го сметаме како силна страна која ни се допаѓа. Патем, радо веруваме дека овој Јункер не е целосно чист, како и тоа дека ЕУ сака работи кои ние не ги сакаме. На пример, мигантите. Радо се жалиме на Брисел, и многу ни е лесно да го прифатиме Јункер како симбол за тоа. Но, исто така знаеме дека ЕУ е добра адреса и дека е подобро кога си дел од неа. И дека потенцијално ни овозможува нам и на нашите деца да работат во побогати земји и да заработуваат повеќе пари. Тоа го сметаме за добро. Никаде во Европа ЕУ не стои толку добро во анкетите како во Унгарија (освен Полска веројатно).

Но, кој е овој Јункер? Речиси никој не слушнал за него, а само на 46% од Унгарците името им е познато од некаде (што е најнизок процент во однос на остантите земји од ЕУ). Голем дел од испитаниците освен што го чуле името, не знаат ништо повеќе за него. Претходно речиси и никој не го знаеше Сорос. Сега веќе сите го знаат благодарение на владината пропаганда против него.

Јункер е совршена мета

Фактот дека двајцата се едвај познати (односно биле едвај познати) е клучната точка: човек може преку таргетирана кампања да им наметне негативен идентитет и да им изгради слика на државни непријатели. Двајцата немаат моќ за да се одбранат од ова. Сорос е шпекулант и приватно лице. Јункер е политичар на заминување, политички безгласна буква, совршена цел. Којзнае уште што сѐ ќе биде ставено во игра против нив. Неговата наводна љубов кон алкохолот дури и преку ден, поврзаноста со даночната оаза Луксембург во времето додека Јункер таму беше премиер?

Ова сѐ е како Јункер да е противник во актуелната кампања за европските избори, но владеачката унгарска партија Фидес припаѓа на истата група на европски народни партии. Унгарија го поддржува главниот кандидат на ЕПП, Манфред Вебер како иден претседател на Европската комисија. Но, на овој начин? Не е ни чудо што „прегореа осигурувачите“ кај ЕПП. Јункер, Вебер, сите се гласни. Уште еднаш гласно се бара исклучување на Фидес.

Исклучување или зголемено влијание на Фидес во ЕПП?

Каква смисла има сето ова? За еврократите на европските избори им е главна ЕУ, на Фидес ѝ е главна сопствената моќ дома. Според проценките, партијата ќе добие 13 или дванаесет пратеници на следните европски избори. Но, ако анти-Јункер кампањата функционира толку добро како анти-Сорос кампањата на последните парламентарни избори, бројот може да се искачи и на 14.

Ако се додадат уште еден до два мандата од партиите на унгарските малцинства во соседството, тогаш се доаѓа до 15 места за, по изборите веројатно ослабената, но и натаму доминантна ЕПП. Тоа значи дека релативното значење на Фидес во рамки на ЕПП ќе расте и мандат плус е и мандат плус за ЕПП. Фидес би била и мост кон евроскептичните партии. Така некако веројатно изгледа сметката на владеачката партија и причината зошто политички може да си ја дозволи и последната анти-Јункер кампања. Се смета дека во ЕПП исто така знаат математика и ќе ползата ќе биде сфатена.

Прашањето е дали ЕПП сака да гради мостови кон десницата или пак сака да се огради од националконзервативците. Ако се одлучи за ова, Орбан овојпат ја претерал работата, што значи Фидес веќе не е идеолошки компатибилна со ЕПП и ќе лета од пратеничката група во ЕП. Но, таа на тој начин ќе си наштети и себеси, бидејќи пратениците на Фидес при гласањата се меѓу најлојалните. Орбан цени лојалност и зад кулисите имаше добри односи со Јункер и тоа долго време, сѐ додека тој не побара Орбан да биде исфрлен од ЕПП. Тоа се случи минатата есен, а сметката стаса сега.

Борис Калноки, роден 1961, е дописник од Унгарија за „Велт“ и други медиуми на германски јазик.
Тој е автор на книгата „Земја на предците“ во која трага по своите предци, меѓу кои е и царскиот и кралевски министер за надворешни работи Густав Калноки.