1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лажната дилема редовни или предвремени избори

8 февруари 2022

Партиските лидери ќе мора прво да ги отстранат своите внатрешни блокади во земјата до почетокот на преговорите со ЕУ, а потоа може да се преговара и за предвремени избори. Пишува Ерол Ризаов

https://p.dw.com/p/46fBT
Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Фотографија: privat

Сѐ што се случува на јавната сцена и зад неа е поврзано со лажната дилема -  редовни или предвремени парламентарни избори.  Дали сте се обиделе да процените кои од клучните приоритети и стратегиски државни интереси можат да бидат решени ако дојде до брзи избори и промена на власта, или ако тие се одржат во редовниот рок во 2024 година со оваа влада и овој сооднос на силите во Собранието? Најголема веројатност е дека ниту едно значајно прашање со кое се соочува државата нема да биде разрешено и во двата случаи, од едноставна причина што излезот не е во изборите кога и да се одржат, туку во заедничкиот став на релевантните политички партии кои вака спротивставени не можат да решат ништо, туку само ги продлабочуваат делбите и ја зголемуваат тензијата со своите партиски тревоги дека излезот е во изборите. На тој начин само ја држат мобилизирана својата партиска клиентела. Ништо повеќе.

Да тргнеме од претпоставката изборите да се одржат по волја само на опозицијата, иако тоа не е можно без мнозинство во Парламентот, во јуни, или во септември годинава, со усвоени промени на изборниот законик, со една изборна единица и со намален состав на парламентот од 90 пратеници. Што ќе се промени во случај на победа на  ВМРО ДПМНЕ  и нејзините коалициони партнери? Дали тоа ќе означи симнување на бугарското вето и почеток на преговорите со ЕУ, ако ВМРО ДПМНЕ остане на своите јавно прокламирани и цврсто ветени ставови за предавство на националните интереси и со Договорот за добрососедство со Бугарија и со Преспанскиот договор со Грција, склучен пред четири, а на сила три години. Се разбира НЕ, ветото ќе остане, со таа разлика што Македонија во тој случај ќе ја загуби и поддршката што ја има во Брисел и во Вашингтон. 

Никакви придобивки освен изгубено време 

Партиските челници на ВМРО ДПМНЕ, според она што многу внимателно и со немушт јазик го кажуваат на домашната јавност, а сосема јасно и недвосмислено го соопштуваат во разговорите со странските дипломати и политичари, е дека ја прифаќаат реалноста. Тоа значи дека доколку ја освојат власта веднаш ќе ја сменат својата стратегија со нова кампања дека договорите се штетни, но веќе се ратификувани во Собранието и дека ќе мора да се применат обзнанувајќи ѝ на јавноста дека по нивна заслуга е избокусувана со тешки маки некаква дополнителна наводно клучна отстапка која нема никакво суштинско значење. 

Други колумни од авторот: Како да се измери припадноста на државата

Таквиот неуспех, без ништо да се оствари од ветувањата како што се враќање на уставното име на државата, одбрана на историското минато, воведување на реципроцитет во уставните промени за правата на малцинставата, ќе биде прославено со почетокот на преговорите со ЕУ и симнување на бугарското вето, нешто што и сега може да се постигне многу побргу со заедничка согласност без да се губи време. Тогашната пак опозиција, денешната власт, многу очекувано, ќе алармира за многу поголемо предавство на националните и државни интереси и на историското минато. Сѐ на сѐ, никакви придобивки освен изгубено време и продлабочување на екомомската со политичка криза. 

Ќе речете во тој случај не мора да бидеме членка на ЕУ и на НАТО. Тоа е најпогубната и самоуништувачка стратегија која од поодамна се тркала во јавноста, но тие што ги знаат последиците доволно се мудри при сето безумие такво нешто да не ветуваат. Оваа работа им ја препуштаат на академските средини и на своите медиумски труби. 

Ако пак актуелната влада ја задржи кревката стабилност до редовните избори, тогаш, ќе го гледаме истиот филм со блокади во Собранието и со  обвинувањата за нацинално предавство и со активирање на најавените вонинституционални протести кои ќе ги ослабнат уште повеќе позициите на Македонија во преговорите со Бугарија, но ќе ги проблематизираат и тие незавршени работи што стојат на патот за целосна реализација на Преспанскиот договор. Значи, практично нема друго прифатливо решение освен заеднички став на (не) одговорни политичари за иднината на државата. 

Партиското лидерство инцидент на историјата 

Партиските лидери ќе мора прво да ги отстранат своите внатрешни блокади во земјата до почетокот на преговорите со ЕУ. Потоа може да се преговара и за предвремни избори, со натпревар во наредните десетина години кој побрзо ќе го оствари членството во европското семејство. Во таа најтешка етапа на реализација на државните интереси, искуствата на повеќе нови членки на ЕУ кажуваат дека всушност ќе се случат и најголемите промени. Тоа е периодот на предпристапните преговори кога државите кандидати најдобро функционираат и кога јавноста ги препознава европските вредности.

Други колумни од авторот: Додека Мицкоски ја чека поканата од Ковачевски

Да го земеме за пример владеењето на правото и борбата против  организираниот криминал и високата корупција,  најголемиот проблем на земјите од западниот Балкан. Дали забележувате дека при секој и најмал чекор во пресметката со ова зло што ја јаде супстанцата на државата, сѐ посилно одекнуваат меѓусебните обвинувања кој е поголем криминалец и чија власт е покорумпирана. На ВМРО ДПМНЕ, на СДСМ или на ДУИ. Карикатурални се бомбардирањата на јавноста со излитените фрази- држете го крадецот. Сведувањето на организираниот криминал и  корупција на едно прифатливо ниво со морална одговорност и со казнивост за секој денар незаконски стекнат не се решава со врева пред телевизиските камери, туку со независноста и професионалноста на правосудниот систем и сите други надлежни институции. За ендемската корупција која почнува од пелени не е доволно ни тоа, туку макотрпна работа на промена на свеста, почнувајќи од домашното воспитување и училишните клупи уште во основното образование. Како нашите деца да ја препознаат  корупцијата,  ако и нив ги корумпираме и тоа им го прикажуваме како заслужена награда.

Колку се бесмислени меѓусебните партиски обвинувања на пример за енергетската криза со која се соочува Македонија, ако е познат фактот дека во изминатите 40 години во Македонија не е изграден ниту еден позначаен нов енергетски капацитет. Или, уште пострашна е проценката дека ќе бидат потребни најмалку пет - шест години на тој план барем нешто да се постигне ако уште утре паралелно со гасификацијата почне изградба на посериозни енергетски капацитети. Притоа не се мисли на алтернативни извори, како што се ветерниците и таканаречените сончеви фотоволтаици. Без инвестиции во големи и значајни современи електрани Македонија не може да смета на побрз развој. 

Дека сѐ е ставено на картата на предвремени избори најилустративен е последниот пример со веста дека до крајот на овој месец Македонија мора да уништи 300.000 Фајзерови вакцини. Главното наметнато прашање во јавноста е колку тоа ќе ја чини државата, наместо чија е одговорноста што само 40 отсто од населението е имунизирано и кој го стимулираше демократското право на избор наспроти јавното здравје. Кој стоеше зад протестите против заострување на мерките во војната со пандемијата. Кој ги ширеше алармантните вести дека нема респиратори, нема маски, нема вакцини...Колкава ќе беше штетата и одговорноста ако стотици илјади граѓани чекаа да бидат вакцинирани, а вакцини да нема. Подобро е да се уништат вакцини со поминат рок, отоклку предвреме загубени животи. За жал, во Македонија сѐ уште науката ја победуваат теориите на заговор и неодлучноста да се воведе задолжителна вакцина.

По сѐ изгледа уште долго време со ваков инцидент на историјата каков што се случува со лидерскиот состав на политичките партии и анемичната и поделена јавност, изборите, биле редовни биле предвремени, само ќе ја потврдуваат вистината за евидентниот недостиг на државотворност.