1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Проверка на факти: Оправдувањето на Путин за инвазијата

Јоша Вебер | Матијас фон Хајн | Андреа Грунау
26 февруари 2022

И додека трупите се инфилтрираат во Украина, Владимир Путин се обидува да ја оправда инвазијата. Тој вели дека Русија се „брани“ себеси и сака да го запре „геноцидот“. Што се крие зад овие тврдења?

https://p.dw.com/p/47ctk
Ukraine-Konflikt - Tag des Verteidigers des Vaterlandes
Фотографија: Alexei Nikolsky/Sputnik Kremlin/AP/dpa/picture alliance

По неколкунеделни тензии во конфликтот со Украина, Русија започна воен поход против јужниот сосед. Во четвртокот наутро, рускиот претседател Владимир Путин ѝ се обрати на јавноста и ги наведе причините за нападот, кој во негови очи всушност е чин на одбрана. Колку вистина има во изговорите на Путин за инвазија? ДВ провери некои од нив: 

Дали трупите на НАТО се приближуваат до границите на Русија? 

Тврдење: Путин зборува за „проширување на НАТО на исток, доближување на воената инфраструктура до руските граници“. 

ДВ проверка на факти: Неточно

Она што е точно е дека: по распадот на Советскиот Сојуз, 14 источноевропски земји беа примени во НАТО. Четири од тие земји граничат со Русија. На Украина ѝ беше ветено членство во 2008 година, но беше ставена под мраз на неопределено време. Германскиот канцелар Олаф Шолц пред неколку дена во Москва изјави дека членството на Украина во НАТО „не е тема“ во догледна иднина. 

Точно е дека НАТО направи подготовки во своите источни членки за брзо преместување на војниците. Но, тоа беше направено дури откако Путин го окупираше Крим во 2014 година. 

НАТО се држи до темелниот договор со Русија од 1997 година за забрана за постојано стационирање на војници во новите членки. Но, од 2016 година, НАТО редовно ги регрупира трупите во балтичките земји и Полска. Овие единици бројат околу 5.000 војници, така што тврдењето дека ова е закана за Русија, која држи под оружје околу 850.000 војници, е нереално. 

Сепак, некои земји во рамките на НАТО соработуваат билатерално, така што во Романија веќе е инсталиран противракетниот систем Aegis Ashore, кој може да носи боеви глави и може за кратко време да стигне до Русија. Сепак, Русија ја отфрли понудата на НАТО да провери дали навистина се инсталирани боеви глави на овој противракетен систем како дел од контролата на вооружувањето. 

Дали рускиот напад всушност е чин на одбрана според повелбата на ОН? 

Тврдење: „Не ни останува друга опција за одбрана на Русија и нашиот народ освен да нападнеме - републиките во Донбас побараа помош од Русија и решив да започнам вонредна воена операција во согласност со поглавјето 7 од член 51 од Повелбата на ОН“, рече Путин. 

ДВ проверка на фактите: Погрешно   

Нема тврдење дека Русија мора да се „одбрани“ од Украина, ниту дека може да се повика на Повелбата на ОН. 

Русија не достави никакви докази дека Украина подготвува воена акција против неа. Испраќањето на трупи на Путин во Донбас како „мировни сили“ е всушност продолжување на руската „де факто“ окупација на ова подрачје на истокот на земјата. Последните денови следеа серија докажани инсценирани напади на украинската страна на цели во Донбас, кои требаше да му послужат на Путин како доказ за украинската агресија. „Правото на самоодбрана е условено со претходен напад на спротивната страна, што не се случи во случајот со Украина“, изјави за ДВ Пиа Фурхоп од Германскиот институт за меѓународна политика и безбедност. 

Тврдењето на Путин дека ова е одбрана од украинскиот напад е контрадикторно и за Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), која со години го следи конфликтот на терен. Организацијата го нарекува повикот на Путин за повелба на ОН „срамен“.

На крајот, самиот генерален секретар на ОН, Антонио Гутереш, го осуди нападот, велејќи дека тој не е „поврзан со член 51 од Повелбата“. 

Дали е извршен геноцид во Украина? 

Тврдење: Путин ја оправда својата воена акција и со тврдењето дека целта била „да се заштитат граѓаните кои осум години биле подложени на терор и геноцид“.

Проверка на факти: Погрешно

Терминот геноцид е дефиниран со Конвенцијата за геноцид на ОН од 1948 година како „злосторство на намерно истребување на национална, етничка или религиозна група или припадник на раса“. Дури и мисиите на ОБСЕ, кои, со согласност на Москва редовно вршат истраги во сепаратистичките области, не пронашле никаква основа за наводите за геноцид.

Според податоците на ОН од 2021 година, во конфликтите во источна Украина досега животот го загубиле околу 3.000 цивили. Според извештајот на ОБСЕ, најголем број цивилни жртви биле убиени во артилериски напади. 

И за Пиу Фурхоп, тврдењата на Путин за геноцид се целосно неточни. Според неа, Путин и онака не се грижел за фактите, бидејќи во „авторитарниот режим како Русија, нема независни медиуми кои можат да ги потврдат тврдењата на претседателот“. 

Дали Украина треба да се „де-нацифицира“? 

Тврдење: За да се запре „геноцидот“, Русија мора „да работи на демилитаризација и де-нацификација“ на Украина, тврди рускиот претседател.

Проверка на факти: Погрешно

Изјавата на Путин е чиста пропаганда, која веќе неколку пати ја повтори, за која, сепак, нема основа. Рускиот претседател овде користи термин што го користеа сојузниците по Втората светска војна во Германија, чие општество требаше да биде „исчистено“ од припадниците на националсоцијалистичкиот режим.

Но, ставањето на овој термин во конотација со Украина е сосема погрешно, оценува политикологот Андреас Умланд од Стокхолмскиот центар за источноевропски студии (SCEEUS). Тој посочува дека актуелниот претседател на Украина е Евреин кој победил еден неевреин кандидат на последните избори.

Умланд истакнува дека и во Украина има десничарски екстремни сили, кои сепак се слаби во споредба со другите европски земји. „На последните избори екстремно десничарскиот Обединет фронт освои само 2,15 отсто од гласовите“, рече Умланд.

Друг аналитичар укажува на десничарските екстремни сили во самата Русија, кои се посилни отколку во Украина.

На удар на критиките се најде една воена единица со десничарска екстремна позадина, која беше активна на почетокот на конфликтот во Донбас. Но, таа група, според Умланд, е интегрирана во постоечките единици на Националната гарда. Десничарските екстремистички групи се минорна појава во Украина, заклучуваат експертите.