1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лево за мир – десно на штандот за оружје

Ивица Петровиќ
13 октомври 2021

Неврзаните во Белград – носталгично потсетување на обидите за создавање на поправеден и мултиполарен свет. А и потсетување дека „Вучиќ е можеби некој мал Тито“, но и да се продаде нешто од оружјето.

https://p.dw.com/p/41cW2
Serbien Belgrad | Konferenz Blockfreie Staaten
Фотографија: SNA/imago images

На дводневниот самит со кој се одбележуваат шест децении на Движењето на неврзаноста, одржан во Белград, присуствуваа делегации на членки на Неврзаните од преку 105 земји. Шефот на српската дипломатија Никола Селаковиќ самитот го нарекува „комеморативен“, бидејќи е организира во знак на сеќавање на првата конференција во 1961. година во Белград.

Собирот не носеше никакви политички одлуки, учествуваа 50 шефови на држави, влади и министри за надворешни работи, а беа видни напорите на организаторот сѐ да изгледа слично на протоколот од пред повеќе децении, од времето на бивша Југославија.

Иако на собирот официјално се зборуваше за вакцини, климатските промени или борбата против тероризам, самиот самит сепак се гледа само како едно носталгично потсетување на обидите за создавање поправеден и мултиполарен свет во време на блоковските поделби.

Домаќини на собирот беа Србија и Азербејџан, кој е и претседавач со Движењето на неврзаните. Случајно или не, во рамките на Белградскиот саем каде се одржуваше самитот на неврзаните е организиран и Меѓународен саем за вооружување и воена опрема, „Партнер 2021“.

Организаторите на собирот уште еднаш се обидоа да ја афирмираат идејата за мултилатерализам, иако е јасно дека идејата за  Движењето на неврзаните,  како и самото движење, денес исто како и пред 60 години, немаат некоја преголема политичка тежина.

Аналитичарите во Белград веќе забележуваат дека српскиот претседател Александар Вучиќ со своите регионални иницијативи се обидува да се наметне како лидер на Западен Балкан, но и дека неговите амбиции не запираат тука.

Често се нагласува дека Вучиќ се обидува да биде нов  Тито,  а Движењето на неврзаните идеално се вклопува во тој имиџ. Тешко е да се каже колку ваквите забелешки се оправдани, но министерот за надворешни работи Селаковиќ на затворањето на самитот на пример нагласи дека „Тито беше еден од политичките гении на 20-от век. Ние се гордееме со тоа, како и со неговата желба да биде погребан во Белград“, изјави Селаковиќ.

Пропагандна досетка

Затоа и новинарот Слободан Ступар за Дојче веле оценува дека организацијата на самитот на неврзаните е „една од најобичните пропагандни досетки, на која по една недела никој веќе нема да се сеќава.“

„Поентата на тој собир е да се присетиме дека тој (Александар Вучиќ) е продолжувач на бивша Југославија, дека тој е можеби некој мал Тито, што сето е секако кич и фарса, но и на гостите кои се тука, да им се продаде нешто од вооружувањето. Секако, и сето тоа да се види на телевизија и во таблоидните весници“, вели Ступар за ДВ.

Косово и билатералната соработка

Сузана Грубјешиќ од Центарот за надворешна политика, обрнува внимание на организирањето на ист таков собир на 50-годишнината од неврзаните исто така во Белград, а поентата остана иста:

„Значи, во прашање беше косовскиот проблем и пред десет години и денес. Овде се присутни земји кои воглавно не ја признаваат независноста на Косово, а има и земји кои во онаа акција на отпризнавање, го повлекоа признавањето на Косово. Друга цел на овој самит е јакнење на билатералната соработка, не е на одмет да се потсети дека во халата покрај собирот се одржува саем за вооружување, а и натаму се присутни некои стари врски уште од југословенски период, па веројатно ќе се поработи и на тоа. Повеќе од тоа верувам дека не треба да се очекува“, смета Грубјешиќ. 

Неврзаните и нивните деца

Претседателот на Народната партија напоменува дека некој би можело да се загрижи како ќе реагираат на овој самит оние кои не беа присутни, како ЕУ и САД, но забележува дека „објективните околности се такви што тие му прогледуваат низ прсти на Вучиќ и за далеку поголеми работи отколку еден „комеморативен собир“ на неврзаните.

Запад го познава Вучиќ

Западот многу подобро го познава Вучиќ отколку што го познаваат граѓаните на Србија, оценува за ДВ Слободан Ступар и додава: „тие се одамна свесни за шизофреноста на српската надворешна политика, па за нив оваа ПР приредбичка не е никакво изненадување.“

Грубјешиќ нагласува дека „Србија не е членка на Движењето на неврзаните, излезе од членство токму за да може да стане членка на ЕУ и има статус на посматрач. Мислам дека ова ќе помине незабележано во западните медиуми, исто како и самитот ЕУ-Западен Балкан“.

Русија како набљудува кај неврзаните

Големо внимание привлече присуството на Русија на овој самит, земјата во својство на посматрач ја претставуваше рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров. Тој по тој повод изјави дека „статусот на Русија како посматрач отвора можности за нов придонес во меѓународните односи.“

„Големата сила Русија, која сѐ помалку е голема сила, секогаш наоѓа начин да биде присута во некои нестабилни региони, како Балкан, за тие да останат нестабилни на подолго време“, оценува Слободан Ступар.

Грубјешиќ пак смета дека „овде руското присуство е важно за Србија, за и натаму да ја држи Русија на своја страна кога е во прашање решавањето на косовското прашање. Русија исто така мисли дека има шанса да се позиционира меѓу земјите од Африка и Југоисточна Азија, присутни на самитот, па тука се поклопуваат интересите. Но, не треба да се заборави ни моментната криза со нафта и гас, зашто Србија целосно зависи од руски гас, а тој факт не се промени ни од претходниот самит на неврзаните пред десет години“, заклучува Грубјешиќ.