1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Лекари и сестри во самоизолација, болниците се’ пополни

ДТЗ /ДВ
22 октомври 2020

Три медицински сестри од Гинекологија се позитивни на Ковид-19, а во самоизолација се и двајца лекари. Болниците се полнат со пациенти, медицинскиот персонал е преморен по шестмесечната битка со коронавирусот.

https://p.dw.com/p/3kIqd
Nordmazedonien Corona-Pandemie in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Три медицински сестри од Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство се позитивни на Ковид-19. Тие се заразиле преку семеен контакт, а двајца лекари, меѓу кои и директорката на Клиниката, Викторија Јовановска, се во самоизолација поради заболени членови на нивните семејства. 

„Ние, двајцата доктори, сме во самоизолација, не сме со решение, туку сме во самоизолација поради тоа што во семејствата имаме повеќе од тројца заболени. Се тестиравме, и јас и докторот сме негативни. Мајка ми, сестра ми и внучето се позитивни и уште две внучиња од сестра ми се позитивни. Јас не сум имала контакт со медицинските сестри. И членови на семејството на лекарот исто така се позитивни. Поради тоа сме во самоизолација“, вели д-р Јовановска во изјава за МИА.

Повеќе: Болниците се полнат, црн рекорд на заразени и починати

Според неа, на Клиниката сите ги почитуваат протоколите за носење лична заштитна опрема. Децидна е дека во изминативе седум месеци никој не се заразил на Клиниката. „Нема никаква опасност да се заразат пациенти и персонал. Од понеделник уште еднаш ќе се тестираме, да имаме негативен тест и ќе одиме на работа“, додава д-р Јовановска.

Болниците кубурат со персонал

Десетици медицински лица од почетокот на пандемијата беа заразени со Ковид -19, а неколкумина починаа како резултат на компликации предизвикани од вирусот. Болниците кубурат со песонал, а се’ поголем е притисокот на заболени пациенти во сите инфективни одделенија во земјата, каде се бара кревет повеќе. Се полнат и модуларните болници кои беа отворени за згрижување на пациенти кои имаат посериозни компликации како резултат на вирусот.

„Едноставно мора да издржиме, заради нас и заради вас, а вие мора да ни помогнете“, апелираше вчера Директорката на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, д-р Милена Стевановиќ. Таа побара сите што имаат лесни симптоми да седат дома изолирани, со симптоматска и витаминска терапија.

ПовеќеКоронавирусот галопира на Балканот, државите уриваат рекорди

„Да им помогнеме на оние што навистина имаат потреба од хоспитализација“, вели д-р Стевановиќ.

Борбата против Ковид-19 во германските болници

Во однос на кадарот што работи во модуларната болница, постои систем на мобилизирање на медицински персонал, како медицински персонал со средно образование, така и лекари и специјалисти. „Во моментот на испомош се дојдени колеги од интернистичките гранки и тоа е практично една екипа, еден тим кој работи и во клиничката зграда и во модуларната болница. Тоа е всушност една институција сега”, соопшти Стевановиќ.

Повеќе: До илјада... и понатаму

И студентите ќе им помагаат на епидемиолозите

На испомош на колегите во Скопје во изминатиот период доаѓаа и лекари од внатрешноста на земјата, пред се’ медицински кадар од Кочани, Велес, Кавадарци и Кичево, кои привремено им помагаат на своите колеги во лекувањето на пациентите со Ковид-19. Во справувањето со пандемијата, како што најави неодамна министерот Венко Филипче, ќе се вклучат и студенти по општа медицина од последната година на студиите, кои ќе им помагаат на епидемиолозите во борбата против Ковид-19.

Ukraine Ivano-Frankivsk | Coronatests
Проблемот со медициски персонал за справување со Ковид-19 е глобаленФотографија: picture-alliance/Photoshot

Проблем со медицински персонал за справување со Ковид-19 нема само Северна Македонија. Станува збор за глобален проблем. Светската здравствена организација (СЗО) неодамна предупреди дека во светот, зафатен од пандемијата на коронавирус, недостасуваат речиси шест милиони медицински сестри.