Лекарите како помошници на смртта?
13 ноември 2014Никој не може да спречи некоја личност ако таа решила да си го одземе животот и е за тоа способна. Но задача на лекарите никогаш не смее да биде да соучествуваат во такво нешто. Задача на лекарите е да го чуваат животот и здравјето и тоа така треба и да остане.
Заговорниците на лекарска помош во доброволно самоубиство аргументираат дека на смртно болните лица, на пример пациенти со рак, би им се заштедиле тешки страдања кога би имале можност „слободно“ да го определат времето на умирање. Тие предупредуваат на правото на пациентите на „достоинствена“ смрт. Како спротивност на тоа тие ја опишуваат студената и нелична медицина со апарати и чисто вегетирање се‘ до подоцнежната и болна смрт. Но колку е еден смртно болен човек воопшто „слободен“ да донесе таква одлука?
Наводна „достоинствена“ смрт
Дури и луѓето кои се при полна свест и разум се изложени на општествен притисок, иако тој никогаш не е отворено формулиран: Дали моите роднини може да ги доведам до тоа да мора да ме негуваат можеби со месеци или години? Можам ли да ги оптоварам уште и со мојата болка и страдање? Можам ли самиот да поднесам да ме негуваат непознати луѓе и со тоа да се одречам од секаква сопствена интима? Така изгледа дека брза смрт е соодветно решение за зачувување на „достоинството“.
Но такво самоубиство не е „достоинствено“ ниту за пациентот ниту за општеството кое дозволува такво нешто. Ако законот рече „да“ за таков пат, тогаш секој тежок болен всушност ќе биде присилен да си го поставува ова прашање. Самоубиство зад кое можеби стои неизреченото стравување дека ќе излезе егоист ако сака да живее и натаму, а тоа веќе нема никаква врска со достоинство.
Неиздржлива дилема за лекарите
Легализација на самоубиство со туѓа помош ќе ги доведе во неиздржлива ситуација и лекарите. Тие ќе мора да ги советуваат пациентите околу тоа дали за нив ќе се исплати воопшто да живеат и натаму. Зависно од специјализацијата на лекарот, тој би можел во својата кариера да стане стотици, можеби и илјадници пати помошник во предизвикувањето смрт. Лекарските организации тоа го одбиваат поради добри причини. Не смее да постои таков организиран механизам на убивање, ниту во болници, ни во амбулантите, ниту каде било на друго место. Затоа и има причини за забрана на организации и здруженија како швајцарското „Дигнитас“, чија единствена цел е помош во самоубиство.
Помош за оние кои се на умирање
Како навистина изгледа достоинствен однос кон смртно болните покажуваат медицинските установи за неизлечиво болни лица и одделите за палијативна медицина. Таму на лицата кои се на умирање им се обезбедува заштитена околина во која ги минуваат последните денови од животот. Има модерни ефикасни средства против болка, како и право на пациентите да не им се продолжува животот на тој начин што вештачки ќе се одржуваат во живот со приклучување на апарати. Она што навистина ни е потребно не е расправа за помош при самоубиство, туку повеќе помош и нега на слабите и болните.