1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лет во место: Договорот ни назад, ни напред!

Катерина Блажевска29 октомври 2015

„Статус кво!“ Ова е епилогот откако вчера пред партиите стигнал нов предлог законски текст, во кој се регулираат надлежностите на министрите и замениците министри. Некакво поместување се очекува денеска.

https://p.dw.com/p/1GwMC
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Нов предлог законски текст, во кој се регулираат надлежностите на министрите и замениците министри, добиле четирите партии потписнички на Договорот од Пржино од европскиот олеснувач Питер Ванхауте. Како што тврдат извори упатени во преговорите, партиите вчера имале внатрепартиски консултации за тој предлог, но и билатерални средби со Ванхауте. Но, со оглед дека до доцна синоќа немаше информации дека е закажана средба на Работната група, на која би било заеднички разговарано и постигнато решение за тој предлог, извесно е дека партиските ставови се уште не се усогласени.

„Статус кво!“ Ова е одговорот од преговарачки извори на прашањето дали има напредок во преговорите.

Втора нерешена обврска се уште останува комплетирањето на тимот на специјалната обвинителка. Претседателот на Советот на обвинители, Петар Аневски, и вчера беше дециден дека е сосема доволен бројот на помошници што и е одобрен на Јанева.

„Избрани се седум јавни обвинители и со специјалниот обвинител се осум, што е сосема доволно да почне со работа. Второто обраќање од обвинителката е повторно со истите имиња и нема никакви нови околности. Имаме и уште едно обраќање каде што кажува дека евентуално ќе бидат оформени нови предмети и дека ќе има потреба од поголем број обвинители. Сметам дека специјалното обвинителство треба да почне да работи, а во иднина да се размислува за зголемување на бројот на обвинители“, порача Аневски.
Вчера вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески, соопшти дека Владата обезбедила финансиски средства за специјалното обвинителство.

„На седница на Владата одлуката ќе биде разгледана и очекувам Владата да даде поддршка и таа одлука ќе биде доставена до Собранието. На првата седница на Собранието која што е закажана за 2 ноември, ќе биде потврдена или разгледана таа одлука. И штом Собранието ја потврди, веќе истиот ден ќе се префрлат средствата и специјалниот обвинител ќе може да ги користи“, рече Ставрески.

Zoran Stavreski Vize Ministerpräsident Mazedonien
Министерот Ставрески се надева дека средствата за специјалното обвинителство ќе бидат одобрени до 2 ноемвриФотографија: MIA

Прочитани тактики

Премиерот Никола Груевски вчера го поздрави ангажманот на меѓународната заедница за помагање на преговорите, и објасни што сакал да каже со неговиот коментар на Твитер - „Народот на Македонија одлучува за нејзината иднина“.

„Мојот коментар на Твитер не е ништо друго туку потврда на тоа што е реалност кога доаѓаат изборите. На изборите одлучуваат граѓаните и тоа воопшто не е во колизија со напорите кои ги прават претставниците на меѓународната заедница да помогнат за да се надмине побрзо сегашната ситуација со преговорите“, рече Груевски. Тој ги отфрли како неосновани шпекулациите за наводно организирање јавни собири од страна на ВМРО ДПМНЕ.

„Немаме таква одлука за организирање јавни собири, а за крваво сценарио ниту некогаш сме помислиле, ниту некогаш ќе помислиме“, рече премиерот.

Иако навидум изгледа дека нештата се враќаат во колосек, дека се ценат напорите на меѓународната заедница и дека постои домашна волја Договорот да се реализира, во јавноста не владее верба во ветувањата дека се прави се за Договорот да успее, пред се, поради досега промовираните тактики за купување време.

Како што дознава ДВ, и на дипломатите воопшто не им биле непознати методите со кои некои од потписниците сакаат да го одолговлечат спроведувањето на Договорот, ниту планираните мерки како да се реализира тоа.

„Јасна е намерата да се пролонгира процесот, да се изгуби време, со што директно се стеснува времето неопходно за прочистување на избирачкиот список, но и да се спречи можноста да профункционира специјалното обвинителство. Но, со секое пробивање на договорените рокови, во прашање се доведува и договорениот датум за избори. Процесот има свои етапи и секоја од нив бара одредено време, кое сега за некои од нив се стеснува или целосно се губи“, велат извори упатени во преговорите.

Тие не откриваат дали и кога и ова прашање би било ставено на дневен ред.