Лето на германски начин
Само сандали и чорапи? Во никој случај! Германското лето има да понуди многу повеќе. Еве осум работи кои не можат да се одминат.
Биркеншток сандали
Долго време беа неатрактивни еко-обувки. Сега Биркеншток сандалите слават камбек. Во лак-оптика, сребрени, зелени - денес култните сандали се „кревет од плута“ за речиси секое стапало.
Нема лето без пивските градини
Седење под сенки од дрвја, пиење ладно пиво и мезе - сето тоа заедно е можно во пивските градини. Првите пивски градини датираат од 19. век во Минхен. Попрецизно земено, комерцијализираните градини каде се купуваат колбаси би требало да се викаат гостилници. Вака или онака - Германците ги сакаат своите пивски градини.
Молам? Шпагети и сладолед?
Има ли дете што не си го поставило ова прашање кога првпат ќе слушне за „шпагети-сладолед“? Сос од јагоди наместо кечап, кокос наместо пармезан и шпагети од сладолед од ванила, направени со помош на специјална преса. Оваа креација е класика во германските слаткарници, а му се припишува на сладолед-фабрикантот Дарио Фонтанела од Манхајм.
Фестивали за бегство од секојдневието
Сеедно дали сонцето грее со денови, или се гази во кал - фестивалите имаат посебна магија. Во Германија нивниот број во последните 20 години е зголемен за четири пати и во меѓувреме изнесува над 500. Рок, поп, класика, џез - за секого има по нешто.
Талкање низ пазар за стари работи
Во Германија е омилено и шетањето по пазари за стари работи, каде се бараат раритети и човек може да се ценка. Налето, кога нема мрзнење, се разбира е најубаво.
Лето = базен
Со оглед на тоа што Германија не е многу накитена со крајбрежја и плажи, базените на отворено се тие што налето нудат разладување. Кога температурите се високи, во базените станува навистина тесно. За да се смири нервозата поради турканиците тука се сладоледот или пржените компирчиња.
Скара
Тофу или колбас, на јаглен или електрична? Толку многу дилеми. Но, едно е јасно: околу 80 процети од Германците тврдат дека со задоволство прават скара. Сеедно дали на сопствениот балкон, во градината или во парк: опен-ер јадењето во друштво создава перфектен летен „филинг“.