Либија повторно ќе добива оружје
17 мај 2016САД и други држави се очигледно подготвени да ѝ дадат поддршка на либиската влада на национално единство ако е неопходно и со оружје. Тоа произлегува од изјавата на 21 држава на т.н. Конференција за стабилизација на Либија што се одржа во Виена. За таа цел, треба да бидат направени исклучоци во ембаргото на ОН за оружје за Либија.
Германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмајер изјави дека кај државите кои имаат свои претставници во Виена, и покрај сите разлики, владее мислење дека на новата влада ѝ се неопходни лојални безбедносни сили. Многу земји, освен тоа, се подготвени да помогнат во новото структуирање на либиска крајбрежна стража.
Растечко влијание на ИД
Либија е соочена со опасноста од пропаѓање во хаос не само поради падот и смртта на екс владетелот Моамер ел-Гадафи, туку и поради сѐ поголемото влијание на терористичката организација „Исламска држава“. Освен тоа, низ земјата минуваат десетици илјади бегалци од Африка кои се на пат за Европа.
Суштински проблем на Либија, според Штајнмајер, е следниот: „Одлучувачкото прашање е: ќе остане ли Либија, која е непосредно до јужната граница на Европа, место во кое и натаму ќе се шират тероризам, шверц, нестабилност, или со владата на национално единство(...) ќе ни успее да ги вратиме стабилноста и државноста во Либија.“
Владата на национално единство во Либија, инаку, има поддршка на ОН, но не и поддршка на сите бунтовнички групи кои се борат во земјата. Исто така, зад нејзе не стојат ниту сите ентитети во оваа сеферноафриканска држава.
Втората голема тема на конференцијата во Виена е Сирија. Во главниот град на Австрија се и шефовите на дипломатии на двете конкурентски регионални сили во сирискиот конфликт - Иран и Саудиска Арабија. А, Русија и САД, кои со месеци се борат за надмоќ во Сирија, се заеднички домаќини на разговорите.
И, како со Либија и Сирија да нема доволно проблеми, во Виена се разговара и за трето конфликтно жариште: кризата во Нагорно Карабах. Овие разговори се водат под покровителство на ОБСЕ. Тоа што шефовите на дипломатии на Русија и САД, Сергеј Лавров и Џон Кери, се во Виена, беше искористено за преземање на обид за посредување меѓу Ерменија и Азарбејџан. На крајот, претседателите на двете државиосе согласија на нови преговори за сеопфатно решение на конфликтот, кои би почнале во јуни.