1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лидл ја освојува Америка

Ане Швет
16 јуни 2017

Германците доаѓаат! Германските дисконти го освојуваат американскиот пазар токму во време кога во САД владее мотото „Америка прво“.

https://p.dw.com/p/2ekI8
USA Baustelle Lidl-Supermarkt
Фотографија: picture alliance/AP Images/J. S. Carter

Лидл, Лајтел или Лајдл? Во Америка сѐ уште се нагаѓа како правилно треба да се изговара новиот германски дисконт. Но, иако купувачите сѐ уште мора да вежбаат, Лидл преминува во офанзива во САД - отворени се првите 10 Лидл-продавници. До средината на наредната година на американскиот источен брег треба да бидат отворени 100 продавници, а уште стотици други се планираат во годините потоа.

Store des Discounters Lidl in den USA
Една од продавниците на Лидл во САДФотографија: Lidl

Лидл има големи амбиции. Со голема онлајн-кампања германскиот синџир супермаркети веќе ги има придобиено првите американски фанови. Слоганот потсетува повеќе на глобален технолошки концерн -  #RethinkGrocery, значи размислување за животните намирници, што може да се сфати навистина буквално, зашто Лидл сака да го постигне токму тоа: да го иновира начинот на којшто купуваат Американците. Сопствени производи наместо скапи брендирани производи. Мали прегледни продавници, наместо огромни продажни хали. Или, кажано со зборовите на шефот на Лидл во САД, Брендан Проктор: „Ќе продаваме квалитетни производи. Квалитет наместо квантитет. Само најдобрите производи.“ И, Лидл притоа сака да биде пред сѐ едно: поевтин од конкуренцијата.

Која е предноста на Лидл?

Експертите за пазарот во САД веруваат дека концептот на Лидл во државата мајка на супермаркетите ќе успее: „Мислам дека Лидл претставува вистинска опасност за постоечката трговија на мало, затоа што овој ланец го менува сфаќањето за дисконтна продавница“, вели Џо Спрингер од „Супермаркет Њус“. „Досега меѓу Американците владееше предрасудата дека дисконтот е нешто за сиромашни луѓе.“ Лидл има поинаков пристап. „Таму се вели: штедењето е за секого!“ Во Германија тоа е одамна нешто нормално, „ин“ е да се купува во дисконт.

Анализите покажуваат дека појдовните позиции за дисконтните продавници на американскиот пазар не се лоши. „Сметаме дека во САД има место за уште најмалку 3000 продавници кои нудат малку производи по ниски цени“, оценува аналитичарот Џејмс Хертел од „Вилард Бишоп“.

Со својата стратегија „помалку е повеќе“ Лидл е спротивност на лидерот на пазарот во САД - Волмарт. Таму купувачите во огромни хали можат да најдат понуда на брендирани производи. Тука, според Хертел, е предноста за Лидл: „Купувачите во овие огромни продавници брзо се губат и се префорсирани од понудата на производи.“

Волмарт исто така се рекламира со ниски цени, но не може да држи чекор со дисконтите. Лидл, освен тоа, 85% од своите производи ќе ги произведува во САД. Тоа значи поевтини и посвежи производи, а на тој начин Лидл ги отстранува и забелешките од таборот „Америка прво“. Сепак, сето тоа не значи и гарантиран успех за Лидл. Волмарт поентира со производи кои на Американците им се познати и кои ги сакаат.

Aldi in den USA
Алди има повеќедецениско искуство во САДФотографија: Alex Wong/Getty Images

Стани познат со Хајди Клум 

Директниот конкурент во секторот на ниски цени меѓутоа не е Волмарт, туку германскиот дисконт Алди. Тој во САД е присутен над 40 години и е подготвен за борба со Лидл. Само неколку дена пред вчерашното отворање на првите продавници на Лидл во САД, Алди најави дека ќе го зголеми бројот на свои продавници од 1600 на 2500. Со тоа, Алди би станал трет по големина синџир супермаркети во САД.

За својот почеток во САД да го направи малку попознат, Лидл ангажираше едно познато лице од светот на модата. Американската манекенка Хајди Клум, која е омилена во САД, ќе дизајнира колекција ексклузивно за Лидл. Таа вели дека тоа ќе биде „висока мода по пристапни цени“.