1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лилјаците-најголеми пренесувачи на вируси

29 август 2011

Најновите истражувања покажуваат дека предизвикувачот на голем број вирусни заболувања како ебола или САРС се наоѓа во Африка. Во поголемиот број случаи, преносител се лилјаците.

https://p.dw.com/p/12PT4
Фотографија: Merlin D. Tuttle, Bat Conservation International, www.batcon.org.

Германски тим од виролози, еколози и социјолози во соработка со тим од Гана сакаат да дознаат повеќе за предизвикувачот на вирусите и начинот на кој се пренесуваат. Штефан Клозе и неговиот тим длабоко во ноќта шетаат по афричката џунгла. Влагата и жештината се неподносливи. Тие одат кон една огромна пештера. Од неа се слуша само мафтање со крилја и звуци од лилјаци. Овде го фативме првиот лилјак, вели дипломираниот зоолог Штефан. Во пластична кеса немирно прета еден десет сантиметри долг лилјак со големи очи. Веднаш секој би помислил, мало, слатко, црно животинче, но само додека не ги види неговите остри заби: „Лилјаците се идеални преносители на вируси, бидејќи како и сите животни од групата на цицачите, се многу слични на луѓето. Тие можат да прелетуваат големи дистанци и живеат во заедница која може да брои и до милион членови.“

Триесетгодишниот научник Штефан Клозе работи на универзитетската клиника во Бон и веќе една година го води германско-ганскиот проект за истражување на лилјаците како преносители на вируси. За откривање на предизвикувачот на вирусот во лабораторијата се истражуваат фекалиите од лилјаците. Затоа Клозе и неговиот тим лилјаците ги ловат откако тие ќе вечераат, потоа ги мерат на вага и го категоризираат секој лилјак поединечно. Откако ќе ги земат потребните материјали за истражување, научниците ги пуштаат лилјаците повторно на слобода. На некои одредени лилјаци им се вградува електронски чип за научниците да можат да го следат нивното движење во џунглата.