Липково на удар на српско-руска пропаганда
15 декември 2018Одлуката на парламентот во Приштина за трансформација на Косовските безбедносни сили во Војска на Косово, предизвика бура од различни реакции, но и шпекулации кои во актуелните настани ја инволвираат и Македонија. Под наслов „По формирањето на 'војската на Косово' почна мобилизација на границата со Србија: Албанци се групираат во Липково“, порталот „Србијаденес“, повикувајќи се на руски извори, објави дека се концентрираат и мобилизираат албански паравоени единици и на македонска територија.
„Во Липково, во Македонија, на самата граница со јужната српска покраина Косово и Метохија, почнала концентрација на албански паравоени единици и мобилизација на истите, ни jавува Александар Дугин, геополитичар и еден од главните идеолози на претседателот на Русија, Владимир Путин“, пишува „Србијаденес“.
Во текстот се објаснува дека „таа информација доаѓа директно од Македонија, од местото недалеку од Куманово и во близина на Качаник, место познато по најголем број припадници на Исламската држава по глава на жител“. Без никаква аргументација на крајот се заклучува дека „тоа е потврда оти Албанците се подготвуваат за судири, па дури ги мобилизираат и нивните припадници во Македонија“.
Од македонското МВР целосно ги демантираат ваквите тврдења.
„Нема ништо такво. Се работи за типични дезинформации и пропаганда, кои им штетат и на меѓусебните односи и на безбедноста во регионот“, велат од МВР и потсетуваат дека многупати досега биле објавувани слични дезинформации.
Повеќе:
Косово: Гутереш бара воздржаност, Москва предупредува од вооружен судир
Косово сака сопствена армија - ѕвечкањето со сабји сѐ погласно
Села со критика за Заев
Во Србија со внимание ги следат изјавите од соседството по вчерашната одлука на косовскиот парламент. Честитката за косовската војска од лидерот на ДУИ, Али Ахмети, не доби медиумски третман, а пренесена е критиката на лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, за изјавата на македонскиот премиер.
„Вокабуларот на Заев го доведува во прашање неговиот однос со САД, оставајќи сомнеж дека таквото сценарио им одговара само на Србија и Русија“, го пренесуваат српските медиуми ставот на Села објавен на Фејсбук.
Што изјави Заев? Всушност тој го посочи ставот на НАТО за косовската војска, и апелираше на внимателни чекори во регионот, соработка и разбирање.
,,Не е време, тоа е ставот на НАТО“, рече премиерот, одговарајќи на новинарско прашање за процесот на формирање косовска војска.
„Балканот нема намера да биде буре барут. Апелирам до колегите, до премиерите, до претседателите на државите, да внимаваат на своите чекори поради тоа што наша заедничка обврска како шест земји од Западен Балкан, кои што имаме аспирации за членство во ЕУ, е да ја унапредиме економската соработка, регионалниот развој и раст, да обезбедиме траен мир, и да имаме интеграција во ЕУ“, изјави премиерот.
Тој апелираше земјите од регионот да ја зголемат соработката.
„Ако политичарите бидат повнимателни во своите изјави и чекори, јас верувам дека овој дел на Балканот, вклучително и нашата Македонија, но и соседите, ќе се движиме во вистинска насока“, порача Заев.
Ахмети: Војската на Косово е темел на мирот!
Поради интензитетот на домашните политичките процеси, во Македонија мало медиумско внимание доби веста дека косовскиот парламент изгласа закон со кој Косовските безбедносни сили ќе се трансформираат во Војска на Косово. Тој чин практично доби гласност по честитката што на Фејсбук ја објави лидерот на ДУИ, Али Ахмети, покрај фотографија на која е облечен во воена униформа.
„Колку големо жртвување, колку соништа, колку напори, колку мачење низ векови за да се дојде до овие денови на слободата, независноста, на војската, на рамноправноста и перспективата. Војската на Косово е и темел на мирот и стабилноста на целиот наш регион со евроатлантска перспектива. Од денес, не само Косово, туку цела Југоисточна Европа добива уште еден сојузник во борбата за изградба на западните демократски капацитети во нашите земји, достојни за интеграција во НАТО и Европска Унија“, напиша Ахмети.
Потоа се осврна на актуелните предизвици во земјата и соседството, наведувајќи дека тоа се семаркацијата на границата помеѓу Косово и Србија, меѓусебното признавање, отворањето на пристапните преговори за членство во ЕУ на Македонија и Албанија, македонското членство во НАТО и спроведувањето на Преспанскиот Договор, заедно со владеењето на правото со соседните држави.
„Сите ние што ги делиме истите вредности и имаме идентично тежнеење за рамноправност, правда и евроатланска интеграција на нашите земји, треба да си помогнеме едни на други пружајќи му ја раката на соседот во овој процес. Потсетувајќи се на борците низ годините, мачениците, ветераните, дејците, патриотите, им честитам на сите граѓани за ова монументално постигнување. Изразувам почит и кон нашите сојузници кои останаа поддржувачи на правото и во континуитет ни докажуваат и нѐ уверуваат дека сме на прав пат и на правата страна на историјата“, напиша Ахмети.
Вучиќ добил порака од Москва
Одлуката на Косово, која вчера беше поздравена од американската и француската амбасада во Приштина, наиде на негодување во Москва. Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, вчеравечер го прими рускиот амбасадор во Белград, Александар Чепурин, кој, според српските медиуми, донел „порака од Москва“. Чепурин кај Вучиќ стигнал само половина час пред синоќешното вонредно обраќање на српскиот претседател на јавноста. Запрашан од новинарите дали на Вучиќ му носи порака од Москва, рускиот амбасадор одговорил: „Да!“
Под средбата со Чепурин, во синоќешното обраќање до јавноста српскиот претседател, меѓу другото, изјави дека станало потполно јасно оти Албанците и нивните спонзори никогаш не сакале дијалог, и вети заштита на српското население на Косово.
„Не морате да се грижите. На секој обид за напад на Србите, за погром, Србија ќе има сили да ве заштити од секоја злоупотреба на нивната војска и за влез таму каде што влезот им е забранет во согласност со договорот со НАТО. Без согласност на српското локално население нема влез на оружените формации на север. Ако ве нападнат, Србија ќе има сила да ве заштити“, порача Вучиќ .