Локални избори 2021: Гласањето заврши, тече броењето
17 октомври 202121:15
И СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ најавуваат победа
СДСМ ги оцени локалните избори како фер, слободни и демократски и најавуваат уште една сигурна победа.
„Им честитаме на институциите кои, исто така, спроведоа фер, слободни и
демократски избори, како што и доликува на една модерна, демократска држава членка на НАТО и аспирант за членство во ЕУ. Позитивната атмосфера низ целата кампања денеска беше заокружена со мирен изборен ден. Беа забележани неколку изолирани помали отстапувања по кои веднаш се постапуваше од страна на институциите, изјави на вечерашната прес-конференција генералниот секретар на СДСМ и шеф на Централниот изборен штаб Љупчо Николовски.
Тој вели дека во текот на изборниот ден се појавиле предизвици поврзани со
гласањето со отпечаток на прст и оти тоа било нешто што било очекувано и на
што било укажувано во претходниот период.
„Но, гласањето со отпечаток од прст беше услов на ВМРО-ДПМНЕ за да гласаат за Изборниот законик и ние како демократска партија го прифатиме тоа за изборните резултати да бидат уште повеќе кредибилни и да нема простор никој да ги оспорува и да има алиби за било што, рече Николовски.
Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на Фејсбук прогласи победа на изборите.
„Народот е определен. Надежта е родена. За секој човек во Македонија. Заеднички за новата иднина. Победа и голема одговорност! Ви благодарам народе на Македонија!“ напиша Мицкоски на својот профил.
Од неговата партија претходно се пожалија дека изборите поминале со
нерегуларности, нарушување на изборниот процес и коруптивно делување на
власта.
„На власт во државата имаме гарнитура која е потопена во криминал и корупција и соодветно на тоа имавме избори каде забележавме нерегуларности, нарушување на изборниот процес и коруптивно делување на власта“, рече Миле Лефков од ВМРО-ДПМНЕ.
Портпаролот на ДУИ, Бујар Османи на првата рече дека првично очекуваат победа во три општини уште во првиот круг. Тој рече дека голема предност неговата партија има и во речиси сите општини каде имаат кандидати.
„Изборите завршија успешно и покрај мали технички предизвици кои брзо се
отстрануваа и не го попречија изборниот процес. Излезност надмина до 50 отсто и дава суштински политички летгитимети со полн авторитет избраните
претставници да ги презематат функциите и со полн капацитет да ги спроведат политичките ветувања во кампањата“, рече Османи.
20:40
Спасовски: Имавме изборен ден со незначителен број неправилности
Можам со задоволство да констатирам дека имавме изборен ден со незначителен број на неправилности, без сериозно нарушување на јавниот ред и мир. До 19:00 часот се бележи вкупно намалување на бројот на пријавени настани и тоа за 40 проценти во споредба со изборите во јули 2020 година. Така годинава се пријавени 91 настан за разлика од претходните избори, кога беа пријавени 151 на стан, истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, на прес-конференција по затворањето на гласачките места.
Спасовски потенцираше дека од досега пријавените случаи, МВР нема
регистрирано посеризно нарушувања на изборниот процес и на јавниот ред и мир во текот на гласањето.
"Во текот на денешниот ден досега беа пријавени 42 случаи на агитирање,
како најчеста појава овој изборен ден, од кои седум се отфрлени како неосновани, а по останатите се постапува“, рече Спасовски.
Од поспецифичните настани кои се пријавени, Спасовски наведе дека се
видентирани 13 пријави за изборен поткуп, од кои пет се отфрлени како
неосновани, седум за упатување закани или вознемирување на гласачи, шест
случаи на фотографирање на гласачко ливче, три за излепен пропаганден материјал, по два настани за нарушување јавен ред и мир, за снимање на просторија на гласачките места, за фотографирање на гласачи, два за уништување на гласачки материјал и по еден за фрлени гласачки ливчиња, како и гласање од страна на ковид-позитивно лице, попречување на гласање, како и кривична пријава за настан случен за време на изборниот молк.
19:45
Во 19:30 часот се затворија сите избирачки места на кои граѓаните на Република Северна Македонија денеска гласаа на локалните избори.
Иако беше предвидено избирачките места да бидат затворени во 19 часот,
изборниот процес продолжи половина час додека не гласаа граѓаните кои беа
затекнати во објектите за гласање.
Партиските раководства се во нивните штабови, каде ги чекаат резултатите од
гласањето, кои се очекува да бидат објавени околу полноќ.
Претседателот на ДИК на прес-конференцијата во 19 часот повика на
воздржаност од политички активности до 19:30 часот, со цел затекнатите граѓани на избирачките места да можат да го остварат своето право на глас.
„Во согласно со Изборнот законик гласањето завршува во 19 часот. Во врска
со гласањето каде се затекнати гласачи пред објектот ДИК смета дека е добро да се излезе во пресрет на гласачите и затоа повикуваме до 19:30 часот да се
воздржат од активности партиите, медиумите и сите други. ДИК смета дека ова е најдобро решение“, истакна Даштевски.
Најави дека резултатите ќе бидат внесени директно од избирачките места за
првпат во историјата и ќе бидат достапни на веб-страницата на ДИК за
Локалните избори 2021.
На денешните седми локални избори право на глас имаа 1 824 864 граѓани, кои гласаа на 3.480 избирачки места. Граѓаните својот глас можеа да го дадат за вкупно 10 831 кандидати од кои 299 за градоначалници, а останатите за советници, на 91 листа поднесена од група избирачи односно независни, и 31 листа од политички партии и коалиции.
Првпат оваа година гласачите се идентификуваа со уреди за биометриска
идентификација преку отпечаток од прст.