1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лондон: Парламентот веќе не ја прашува Меј

БГ/ ДВ
26 март 2019

Во обид да изнајде решение за ќорсокакот со Брегзит, британскиот парламент и нанесе уште еден тежок пораз на премиерката Тереза Меј. Пратениците сами ќе решаваат за опциите за Брегзит, вклучително и за нов референдум.

https://p.dw.com/p/3FezL
UK Unterhaus lehnt zweites Brexit-Referendum ab
Фотографија: Reuters TV

Со 329 гласови „за“ и 302 „против“, парламентот во Лондон си даде за право да гласа за алтернативни опции во врска со Брегзит во однос на она што го нуди премиерката Тереза Меј.
Тоа е уште еден пораз за Меј која се противеше на тоа парламентот да добие поголема улога во одлучувањето.
Парламентот сега планира да одржи ткн. необврзувачки гласања в среда (27.03) и со тоа да ја процени поддршката за различните опции поврзани со Брегзит. Се очекува гласањето да ги вклучува следните опции:

- отповикување на Брегзит;

- одржување на нов референдум;

- поддршка на планот на Меј за излез од ЕУ;

- поддршка на договор со кој Обединетото Кралство (ОК) ќе остане дел од заедничкиот пазар на ЕУ;

- поддршка за Брегзит без договор.

Владата ја искритикува одлуката на парламентот како „опасен и непредвидлив преседан за иднината“. Меј изјави дека нема да се чувствува обврзана од исходот на гласањето. Опозицискиот лидер Џереми Корбин им честиташе на пратениците и го критикуваше пристапот на владата кон Брегзит како „беден неуспех“.

Großbritannien London People's Vote Demonstration
Викендов во Лондон се одржаа едни од најмасовните демонстрации против БрегзитФотографија: AFP/N. Halle'n

ЕУ подготвена за „развод“

Во меѓувреме, ЕУ ги финализираше подготовките за заминување на Британија без договор. Европската комисија на својата интернет-страница синоќа објави листа со мерки кои, меѓудругото, вклучуваат:

- почитување на обврските во однос на актуелните договори со Лондон за 2019 година;

- продолжување на програмата на границата со Ирска до 2020 година;

- обезбедување на основна патна и воздушна поврзаност меѓу ЕУ и ОК;

- привремени мерки за да се избегнат проблеми во финансиските услуги;

- безвизен режим за државјани на ОК доколку истото го добијат и жителите на ЕУ.

Во случај на Брегзит без договор, Обединетото Кралство веднаш ќе стане ткн. трета држава, а царините и царинските контроли на ЕУ веднаш ќе стапат во сила. Британските државјани повеќе нема да бидат граѓани на ЕУ и ќе подлежат на гранични контроли. Нема да има транзициски период, што значи дека може да се смета на проблеми и ограничувања за граѓаните и фирмите.