1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мажите не се ништо подобри од жените

3 јануари 2010

Жените од малцинските етникуми во општина Теарце му предадоа „Манифест“ со барања на првиот човек на локалната самоуправа. Жените се вклучени главно во домашна работа, што условува инфериорност во општеството.

https://p.dw.com/p/LG8p
Фотографија: picture alliance/chromorange

„Во конзервативното македонско општество жените на село се четирипати повеќе вклучени во домашната работа отколку мажите“ – оваа констатација е содржана во една од анализите на Центарот за истражување и создавање политики од Скопје во врска со различни аспекти на родовата нееднаквост во Македонија. Според овој истражувачки центар, „кога доминантните животни активности на селските жени се сведуваат на тоа домот да биде исчистен, а децата згрижени, тогаш е сосема логично дека тоа ќе предизвика инфериорен статус на жените во општството, особено во јавниот и политичкиот живот“. Истовремено „тие жени ќе имаат помали можности на пазарот на трудот“.

„Женски манифест“ во Теарце

Во ваквиот општествен контекст женската граѓанска иницијатива „Антико“, невладина организација од Скопје, од мај до крајот на декември покрена локални иницијативи во 16 села во општините Липково, Могила, Крушево и Теарце за промовирање на родовата рамноправност. Во овие десетмесечни активности на „Антико“ беа вклучени неколку стотици жени од албанската, турската и другите малцински етнички заедници во земјата, како најпогодени од родовата дискриминација.

Dorf in Mazedonien
Теарце - на Исен Асани, градоначалникот на општината жените му предадоа „Женски манифест“Фотографија: DW

Дона Димов – Марковска, координаторката на проектот во „Антико“ во Скопје, посочува на еден од регистрираните конкретни примери: „Во општина Могила има неколку села во кои живеат жени од турската етничка заедница, за кои може да се каже дека се дискриминирани неколкукратно, на еден начин, да не кажам отфрлени, но, сепак, неинформирани, оддалечени од градот ... Значи, условите им се полоши.“

Иницијативата на „Антико“ за подобрување на статусот на жените во општинскиот центар Теарце, тетовско, резултираше со изготвување „Женски манифест“. Изминативе денови тој му беше предаден на Исен Асани, градоначалникот на Теарце. Дојче веле ја праша Садие Алити, локалната координаторка на „Антико“ кои барања се вградени во тој „Манифест“:

„Да се почитуваат сите закони, кои и‘ ја даваат и и‘ ја гарантираат на жената можноста да биде вклучена во јавниот живот, да биде поактивна и да биде ставена на оние места каде што се одлучува“, вели Алити и дополнува: „Меѓу барањата е и она да се покрене иницијатива за отворање градинка во Теарце, бидејќи тоа го нема. Имаме многу млади жени, кои се вработени и кои се соочуваат со проблеми. Ако имаат градинка во близина, сигурно е дека ќе можат да си ги организираат подобро приватниот живот и своето учество во јавниот живот. Исто така, бараме да се изнаоѓаат, да се обезбедуваат проекти за кариерно напредување на жените.“

„Жените од малцинските етникуми и самите се виновни што се чекор зад мажите“

Лејла Хусеини, една од активистките, истакнува: „Денес имаме жени присутни во Советот на општината, во образованието, во здравствената амбуланта, во поштата, во политиката ... Состојбата е подобра од порано. Сепак, оваа позиција не е задоволителна, бидејќи немаме се‘ уште добиено можности да придонесуваме и преку раководните места.“

Aktivistinnen in Mazedonien
Активистките од Теарце: Садие Алити, Шенѓул Мемети, Лејла Хусеини и Менсуре ИлјазФотографија: DW

Шенѓул Мемети ги изнесува и своите критички погледи: „ Жените се еден чекор зад мажот, но честопати тие се самите виновни за тоа, сметајќи се многу поинфериорни од мажите, односно мислејќи дека мажите можат да завршат некои работи подобро од нив.“

Кон искажувањата на овие припаднички од албанскиот етникум се надоврзува и Менсуре Илјаз, од турската етничка заедница во Теарце: „Жените се запознати со своите права и знаат што сакаат, само кај нас не на општинско ниво, туку на ниво на државата, е многу мал бројот на оние жени кои се обраќаат каде што треба и кои ги бараат своите права.“

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска