Македонија бара спас во НАТО
7 јуни 2017„Трите приоритетни цели кои ги најави новиот македонски премиер Зоран Заев по стапувањето на функцијата се: стимулирање на економијата, повторно воспоставување на правната држава и што поскоро внесување на двомилионската мала балканска земја во ЕУ и во НАТО“, пишува денеска авторот Флоријан Хазел во весникот Зиддојче цајтунг.
„Токму последната цел, приемот во НАТО, Москва радо би го спречила. Така, новата влада во Македонија не само што треба да го реши долгогодишниот спор со соседот Грција, да ги обнови руинираните државни институции и да ги санира лошите финансии, туку и да смета на растечки притисок од страна на Русија. На 7 април, пред западноориенираниот Заев да однесе победа, московскиот амбасадор во Скопје, Олег Шчербак, изјави дека Москва би сакала 'појас од воено неутрални земји' на Балканот, вклучувајќи ги Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија и Македонија, што го докажуваат документи со кои располага истражувачката мрежа Крик. Но, на крајот на април, Црна Гора се изјасни за членство во НАТО и од вчера официјално припаѓа на воениот сојуз. Москва веќе забрани увоз на вино од Црна Гора, воведе забрана за влез во земјата за црногорски политичари, најавувајќи и натамошни консеквенции.
Амбасадорот Шчербак во Скопје во април наводно се заканил дека и Македонија ќе мора да смета на економски и дипломатски казни доколку не ја поддржува политиката на Москва.
Руската фирма 'Стројтрансгас' во Македонија гради гасовод, Москва во Македонија има основано дузина 'пријателски здруженија', а според документите од Крик, во локалните медиуми спроведува опсежни дезинформативни кампањи. Тие, очигледно, се координирани со Белград преку претставници од српската тајна служба БИА во Скопје: таму од владата контролираните медиуми во последните месеци засилено трубат против НАТО, против ЕУ и во корист на воената сила Русија. Во Македонија, според информации од македонската тајна служба УБК, руската тајна служба за странство СВР и воената тајна служба ГРУ, се обидуваат да врбуваат војници, полицајци и агенти. Целта на Москва е создавање 'критичка маса на воено истренирани лица' кои во 'одреден политички момент ќе можат да бидат искористени за спроведување на руските интереси.' Ова потсетува на Црна Гора: таму наводно руски агенти во октомври 2016 година, заедно со поранешни српски офицери, се обидоа да го убијат премиерот кој заговараше влез во НАТО, и да изведат пуч. Во Црна Гора е во тек судски процес за случајот, а Москва ги демантира обвинувањата.
Во Скопје, токму поради растечкиот руски притисок, сега се надеваат на брз прием во НАТО, како што изјави на пример поранешниот амбасадор во Алијансата, Нано Ружин, за Балкан инсајт. Основен услов за тоа е договор со Грција, чиј северен регион исто се вика Македонија и затоа со децении го блокира приемот на Македонија (официјално БЈРМ) во ЕУ и НАТО.
Сега е можен нов почеток: грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас изјави дека повеќепати телефонирал со новиот македонски премиер Заев и својот колега по функција, Никола Димитров, го поканил во Атина заради 'решавање на сите одамна постоечки проблеми'. Грците порано ги лутеше што Македонија засилено аспирираше на наследството на Александар Велики, преземајќи стотици милиони евра скапа реконструкција на главниот град Скопје во псевдоантички стил.
Владата на Заев го стави на мраз овој проект, зад кој претпоставува масивна корупција, што не беше толку тешка одлука. Многу потешко ќе биде намалувањето на високата невработеност и санирањето на државните финансии: автократот Груевски, кој беше на власт до 2016 година, трикратно го зголеми државниот долг, а свои луѓе инфилтрираше во министерствата, полицијата, армијата, судството, државните фирми и медиумите. Специјалното обвинителство, формирано на притисок од ЕУ, кое треба да го разјасни скандалот со масивно прислушување и широко проширената корупција во време на Груевски, наидуваше на отпор од владата, парламентот и владино контролираните судови. Новиот премиер Заев планира специјално судско одделение кое ќе биде надлежно исклучиво за случаите на корупција и другите казниви дела на носители на високи функции“, пишува Зиддојче цајтунг.
Со улогата на НАТО на Балканот, а во светлината на вчерашниот официјален прием на Црна Гора, се занимава и Франкфутрер алгемајне цајтунг.
„Зошто НАТО реши да ја прими Црна Гора? И зошто Русија со сите средства се бореше против тоа и се обиде, судејќи според црногорското правосудство, да изврши и државен удар?“, прашува Франкфутрер алгемајне цајтунг, одговарајќи: „Па, ако се земат десетината километри коридор околу Неум, по приклучувањето на Црна Гора во Алијансата, речиси цел брег на Јадранот припаѓа на НАТО. Црногорскиот брег е долг 250 километри и поседува природни пристаништа кои се користат од античко доба. Од посебен интерес отсекогаш бил Бокакоторскиот Залив. Русија вложуваше напори да го добие ова место за својата поморска флота. Пристаништата во кои нема мраз се важни и во ова дигитално време. Едногласното обвинување од Москва гласи дека проширувањето на НАТО нема никаква друга цел освен закана кон Русија. Но, во случајот со Црна Гора, обвинувањата не се баш убедливи, зашто Русија и Црна Гора ги делат 1.400 километри и четири земји, од кои само Романија е членка на НАТО. Значи, образложението дека тоа е опасност за руската национална безбедност, воопшто не држи. Но, точно е тоа дека Москва вложува напори да го прошири своето влијание на Балкан“, заклучува Франкфутрер алгемајне цајтунг.