Каде води патот до Брисел - преку Копенхаген или Софија?
29 мај 2021Се плете ли некаков европски гоблен за на 22 јуни ЕУ да си го одржи ветувањето што го даде за Македонија? Или уште се собираат конците за кои не се знае дали ќе бидат употребени? Јавноста, речиси по навика, чека уште еден датум на европски собир, иако изгледа дека трескавичноста од претходните „големи датуми“ го нема тој интензитет. Можеби затоа што оваа нација се навикна да „живее со датуми“ и ги снема оние спектакли од порано. Португалскиот предлог за решавање на спорот (кој и не е спор, затоа што се однесува на работи кои не се дел од Копенхашките критериуми за преговори со ЕУ), е на маса. Дали некој би знаел да каже што ќе се случи со него? Тој доби поддршка од многу земји на ЕУ, но дали од сите клучни играчи?
Оваа недела беше прилично интересна со настаните што се случуваа. Но работите не изгледаат појасни без оглед, на пример, од заедничкото патување на Стево Пендаровски и Румен Радев во Рим и Ватикан. Две, или три работи некако се појавија над водата. Првата е дека Бугарија, преку изјавата на Радев, се постави како Кербер што ја чува Унијата, велејќи дека патот кон ЕУ водел преку Софија. Досега ни беше илјада пати повторено од европските функционери дека патот кон ЕУ води преку Копенхаген. Преку исполнувањето на Копенхашките критериуми. Сега излегува дека клучни биле Софиските критериуми.
Втората работа е што хрватскиот претседател Зоран Милановиќ во одбраната на македонското право изјави дека Бугарија ја уценува ЕУ да биде примена во Шенген зоната за да ја тргне блокадата на Македонија. Третата е што двајца членови од бугарскиот дел на мешовитата историска комисија излегоа надвор од мандатот и професијата и давајќи чисти политички изјави извршија притисок врз властите во Софија никако да не попуштале пред Македонија да се потчини на нивното толкување. А извесувачот на Европскиот парламент за Македонија, Илхан Ќучук, ја напушти внимателната балансираност и почна да ги пропагира бугарските ставови.
Еве еден преглед од изјавите од понеделникот наваму без да ги толкуваме. Вие самите може да оцените дали овој стопати досега повторуван „прозорец на можности“ навистина е отворен или низ него може само да се гледа, а никако да се помине.
24 мај – Румен Радев, бугарски претседател: „Можам да кажам дека одеднаш станав многу интересен за сите европски лидери. На ден имам покани да разговарам со најмалку двајца премиери, еден претседател и еден комесар. Има многу внимание кон Бугарија, нема да го кажам зборот притисок. Бугарија е членка на Европската унија и тоа значи многу, а ќе се обратиме до другите членки на ЕУ за солидарност. Најважно е Бугарија, како одговорна членка, да не дозволи да се внесат многу проблеми во Унијата.Европскиот пат на Република Северна Македонија е преку Софија и тоа е патот за решавање на сите проблеми“.
25 мај – Ангел Димитров, копретседавач на историската комисија: „Македонските историчари изгубија три години во неподготвеноста да ја прифатат формулацијата на Договорот за пријателство и добрососедство, со која станува јасно дека Бугарија и Македонија имаат заедничка историја. Не е сериозно македонската страна да ја обвинува Бугарија за недостаток на напредок заради политичките процеси во Бугарија во последните месеци поврзани со парламентарните избори. Надворешниот притисок, пред сѐ од земјите-членки на ЕУ, на кој се надеваат и политичарите и историчарите во Скопје, нема да доведе до промена на позицијата во нашата земја. Јас не сум политичар, но како личност со одредено дипломатско искуство можам да кажам дека не можеме да бидеме под притисок ако јасно ги браниме бугарските позиции. Нашите колеги не се согласуваат со историските извори. Тие шпекулираат со оние во општествените науки, не историските. Според нив, во средниот век не била формирана националност, па затоа не може да се каже дека кралството на Самуил било бугарско, но истовремено велат дека е македонско – како веќе да е формирана македонска нација. На овој начин тие се контрадикторни со себеси. Почнувам да се прашувам дали досега нашите македонски колеги се однесуваа повеќе како чувари на митовите, но сега почнувам да мислам дека тие почнуваат да се однесуваат како идеолози на оваа антибугарска позиција на која сме сведоци од минатото лето“.
25 мај - Илхан Ќучук, европратеник: „Кај мене нема оптимизам за старт на преговори со ЕУ во јуни, бидејќи Бугарија е повторно во предизборен период и без влада. Има многу силен дипломатски интензитет во разговорите кои се водат и тие не се само од страна на Португалија. Се сеќавате канцеларката Меркел колку силно се обиде и политички и дипломатски да ја придвижи таа тема како дел од дневниот ред на Европскиот совет и успеа во голема мера, со еден мал исклучок, не успеа тогашниот Совет да даде зелено светло за Република Северна Македонија и Република Албанија. Ако гледаме на тоа како на статичен феномен, односно бараме одреден датум кога Гордиевиот јазол би се разврзал, тогаш веројатно нема да најдеме датум, колку и да се обидуваме да го најдеме. За мене големиот разговор е како може да се создаде позитивна политичка атмосфера меѓу двете страни заснована на убедување дека ќе треба да одиме по патот на Европската унија заедно. Интересот на Европската унија е видлив, тој е поврзан со регионалната безбедност, поврзан со присоединувањето на земјите од Западниот Балкан кон Европската унија“.
26 мај – Михаел Рот, германски државен министер за Европа: „Сѐ уште не ја качивме планината, но само солидарно и заедно можеме да го направиме тоа. Некои од вас можеби се прашаа каде беше Европа изминатите месеци и недели. Сакам да ве убедам дека ние сме на вашата страна. Денес сакам да се обратам помалку на моите пријатели во македонската влада, туку пред сѐ на македонските граѓани кои се уморни и фрустрирани од немањето чекор напред. Ние за време на германското претседателство се обидовме да постигнеме голем напредок, бидејќи вие, драги Македонци, тоа го заслуживте. Вашата земја постигна голем напредок. Се охрабривте да решите голем историски спор така што го променивте името на вашата земја и затоа е легитимно да очекувате ние од ЕУ да ги исполниме нашите ветувања. Сакам да ви ветам дека не е само Германија на вашата страна, туку и партнерите во ЕУ, исто како и претходно, се за конкретна перспектива за сите земји од Западен Балкан и ќе се радувавме ако лани успееше да започнат пристапните преговори со Македонија и со Албанија. Сега работиме за време на португалското претседателство тоа да успее. Останувам оптимист дека ќе успееме во тоа. Португалското претседателство активно работи на тоа решение, а ние во Берлин го поддржуваме тоа решение и се надеваме дека ќе се постигне. Не фрустрирајте се, туку охрабрете се овие потребни реформи да ги остварите во интерес на луѓето. Важно да се има доверба во владата за да може овој мост што ќе го изградиме да биде стабилен и да издржи во следните години. Сега имаме прозорец на можности кој сѐ уште е отворен".
26 мај – Кејт Брнз, американска амбасадорка: „Гледаме позитивен пат напред и задоволни сме од тековните разговори меѓу Северна Македонија и Бугарија за унапредување на членството на Северна Македонија во ЕУ“.
26 мај - Кирил Топалов, бугарски член на историската комисија: „Многу луѓе ја мешаат Европската унија со Советскиот сојуз. Соништата на нашите пријатели и роднини во Република Северна Македонија е ЕУ да ни наложи да ги пуштиме да започнат преговори се залудни и невозможни. Оваа земја не е реформирана ниту милиметар од оној тоталитарен комунистички модел во поранешна Југославија, кој ја формираше и управуваше со неа до денес. РСМ е најнереформираната држава на поранешните југословенски републики. Ако нереформираната тоталитарно-комунистичка држава се приклучи на ЕУ, тоа ќе биде Тројанскиот коњ на Русија и сите сили што сакаат да ја дестабилизираат Европската унија. Земјата е потопена во корупција и не очекувам Бугарија да се повлече од својот став во врска со почетокот на преговорите на РСМ со ЕУ".
26 мај - Андреј Ковачев, европратеник: „Европската интеграција е двонасочна улица. Идејата на Европската унија е да бидеме заедно со цел да се надмине непријателството што ни го наметнаа идеологиите од минатото. Сè е во рацете на Скопје - на нивната политичка и академска елита - колку се охрабрени да го надминат она што ги кочи... Ние не сме академска дебата за историјата, туку битка за правдата, што е проблем денес. Дискриминацијата е сега, денес, не во времето на Цар Самоил или Гоце Делчев. Таа се заснова на лажно толкување на историја што денес води кон омраза. Дискриминацијата денес мора да се надмине“.
26 мај - Драги Ѓоргиев, копретседавач на историската комисија: „Како ние треба да изградиме заеднички став во комисијата за тоа, на пример, дека треба заеднички да го чествуваме Гоце Делчев, а притоа државата со која треба заеднички да го чествуваме Гоце Делчев не го признава македонскиот јазик, тврди дека ние сме нација од 44 година, Титова? Како може ние една таква препорака да дадеме до нашата Влада? Како можеме да дадеме таква препорака за држава која не нè признава онака како што сметаме ние дека како нација постоиме? И на кој начин јавноста овде ќе ја прифати таа препорака? Ние уште бевме во Министерството, не бевме излезени од зградата по средбата на комисијата, а Ангел Димитров веќе даваше изјава со неговата позната обвинувачка реторика кон нашата страна. Досега не сме имале таква реакција од која било страна дека ние зборуваме невистина и шириме некакви лажни вести во нашата јавност“.
27 мај – Зоран Милановиќ, хрватски претседател: „Би можел да ве прашам што е работата со Бугарија? Премиерот оди наоколу и зборува за нападот врз Бугарите. За каков инцидент зборува Пленковиќ? Тоа е сериозно обвинување. Реков дека е комедијант… Со што јас сум подбуцнувач? Со предупредување дека политиката на една држава кон друга држава е неточна, дека станува збор за малтертирање на послабите. Бугарија е партнер со нас во нашите напори да станеме дел од Шенген зоната и реков, ако не беше јасно, дека притисокот и уцената на мала соседна земја за да се влезе во Шенген е погрешен начин. Пред 30 години, покојниот Туѓман зборуваше за Бошњаците како муслимани. Денес има Бошњаци, бошњачки јазик. Замислете некој во Хрватска да им го ускратува правото на Бошњаците да го нарекуваат јазикот бошњачки. Ова никому не му паѓа на памет во Хрватска и не треба да им се прави. Ова го чувствувам како моја мисија да кажувам такви работи… Практично во Хрватска никогаш нема Бугари. Илјада од нив влегуваат во Македонија секој ден, би очекувал да бидат прогонувани со мачети, но тоа го нема“.
27 мај – Румен Радев, бугарски претседател: „Македонија има европска перспектива, но на тоа треба да работат двете земји со уште поголема доверба и поинтензивен дијалог. Ние, двете држави, треба заедно да ги решиме тие нешта, не Брисел, не Париз, не Берлин, туку ние заемно. Нам не ни требаат ни посредници, ни преведувачи. Нема нужда, ние сме си најблиски, ако се вклучи европска земја треба преведувач, зошто ни е преведувач, да трошиме време. Бугарија е подготвена да работи за изградба на мостови меѓу нашите две страни, за развој на економски, трговски и образовни врски и, најважното, за зближување на граѓаните. Верувам дека заедно со нашите пријатели во РСМ, со кои споделуваме заедничко духовно пространство, сме решени да ја споделиме и заедничката иднина во Европа. Нашата заедничка писменост и нашата заедндичка илјадогодишна историја и култура не само што ни олеснува, туку и нѐ обврзува на тоа“.
27 мај – Стево Пендаровски, македонски претседател: „ЕУ всушност е вклучена веќе на некој начин, еврокомесарот беше во Скопје и во Софија, така што европска помош има кај што треба. Комуникацијата со Европа си тече, но најважна е комуникацијата меѓу нас. Јас го поддржувам Договорот за добрососедство до последна буква и бев избран како претседател во 2019 со директна јавна поддршка за него. Се надевам дека во месеците пред нас, и за Република Северна Макеоднија и за Република Бугарија претстојат подобри денови. Ако треба да издвојам нешто од овие два дена, тоа е да покажеме дека прогрес и напредок во развојот на секој народ и држава се можни само ако во дијалог влегуваат два рамноправни соговорника, без потценување и без натценување, со дијалог и со почит“.
27 мај – Стефан Дечев, бугарски историчар: „Не мислам дека до јуни има каква било можност за чекор напредво односите меѓу Бугарија и Северна Македонија, а за декември мојот оптимизам е многу умерен. Ретроградниот карактер на професионалните историски колегиуми на двете земји спречува да се дојде до решение. Постојат и цели ‘династии’ - синови, ќерки, внуци и правнуци го бранат напишаното од таткото и дедото. На ова додадете ја инертноста на самиот образовен систем и историското образование. Бугарите мора да одлучат дали е толку голем проблем што постои соседна, блиска, најблиска земја, но со свои специфики, со различно историско искуство, со друг, многу близок, но различен јазик и друга верзија на приказната. Што се однесува до историчарите овде, мора да имаме разбирање или барем да запомниме дека на 1 јануари 2007 година Бугарија влезе во ЕУ со популарна божидардимитровска приказна и никој потоа не направи ‘попис’ на бугарскиот историски наратив и учебници. Затоа е некако навистина арогантно да се инсистира од такви позиции за промени раскажување приказни на другите пред да се погледне самокритично во сопственото раскажување приказни. Можен бугарски потег е поизвесно признавање на денешниот македонски јазик и идентитет. Многу луѓе ќе ви кажат дека тие се признати. Но, начинот на кој тоа го прави Софија создава чувство на признавање на две историски недоразбирања, а не на легитимни историски производи. Има растечката агресивна презентација на 24 мај во бугарско-центрична рамка, без елементарно почитување на историските факти. Бугарија е без отворена поддршка во која било друга земја на ЕУ, не затоа што другите сметаат дека нема аргументи, туку затоа што тоа го прави на арогантен начин, и што е најважно - затоа што не зборува на јазикот на европската политика и вредности.
За мене, премиерот Зоран Заев е искрен за две работи. Тој бара пат за својата татковина кон ЕУ и сака пријателство со Бугарија. Но македонските политичари мора да се ослободат од стереотипот, очигледно оставен од времето на Југославија, дека ништо не зависи од Бугарија и дека може да се изврши притисок. Порано ја слушаше Москва, сега ќе ги слуша Вашингтон, Брисел, Берлин и Париз. Поттик за ова дава стереотипот што создава чувство на надмоќ од времето на Југославија над цела Источна Европа, а да не ја спомнуваме Бугарија“.
28 мај – Зоран Заев, македонски премиер: „Секојпат се добредојдени пријатели кои сакаат да помогнат, но дефинитивно ова е билатерален спор и така треба да го решиме. Во телефонскиот разговор со бугарскиот премиер Стефан Јанев договоривме некои следни чекори. Разговорот уште еднаш го потврди големото пријателство меѓу нашите две земји. Битно е да продолжиме да работиме на изнаоѓање решенијата. Сепак, ќе кажам, Европа е кабаетлија и ни должи многу. Секогаш ја испраќам и пораката за замолница до Бугарија за поддршка на Северна Македонија зашто лесно е да се стават непријатни состојби меѓу нашите народи, а не е така лесно да се градат пријателства и да се унапредуваата врските“.
28 мај – Румен Радев, бугарски претседател: „На средбата со италијанскиот претседател многу јасно го објаснив бугарскиот став за Западен Балкан и дека ќе постигнеме напредок во однос на прашањата за проширување кога самите земји ќе покажат јасна, дефинитивна, неповратна волја за напредок. Претседателот Серџо Матарела е во целосна солидарност со нашата позиција. Сите ние сакаме да ги видиме овие земји на нивниот европски пат што е можно поскоро. Но, постојат јасни критериуми за членство - критериумите од Копенхаген. Секоја земја мора да покаже дека ги исполнува одржливо и неповратно. Секој го цени она што Бугарија го прави во последно време - интензивирање дијалог, разни иницијативи, како идејата за организирање на државни програми за едукативна размена на млади меѓу двете земји, преку кои ќе се промовира туризмот. Ако ги зближиме нашите млади луѓе, сигурен сум дека тоа ќе ја неутрализира секоја пропаганда".