1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија гласа

11 декември 2016

Гласањето тече на сите 3.480 избирачки места во шесте изборни единици во земјава. Сите избирачки места навреме беа отворени во 7 часот наутро, а ќе се затворат во 19 часот вечерва.

https://p.dw.com/p/2U5v3
Mazedonien Wahlen
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Македонија денеска  гласа на деветите по ред парламентарни избори и четврти предвремени од 2008 година. Гласањето на сите избирачки места започна во седум часот, а ќе заврши во 19. Во Избирачкиот список се запишани 1.784.416 полнолетни државјани на Република Македонија, од кои 230.122 лица се издвоени во посебен извод од списокот. Според евиденцијата на надлежните органи се смета дека тие се на привремена работа во странство. Но, и тие ќе можат денеска да гласаат во земјата, со важечка лична карта или патна исправа. Со цел да се спречат злоупотреби на гласачкото право, од годинава, освен лични податоци, на избирачкиот список има и фотографии од гласачите. 

Заокружување со сино мастило
Од Државната изборна комисија (ДИК) ги потсетуваат граѓаните да го почитуваат начинот на гласање во согласност со нивниот правилник.
„Сакаме да ги потсетиме гласачите дека своите гласачки ливчиња треба да го обележуваат исклучиво со заокружување на редниот број пред подносителот на листата, заокружување на симболот на подносителот на листата или на целиот назив на подносителот на листата со хемиско пенкало во сина боја. Ливчињата обележани на поинаков начин ќе се сметаат за неважечки“, изјави Љупка Гугучевска од ДИК.
Изборите утрово започнаа навреме и без проблеми на сите 3.480 избирачки места во шесте изборни единици во земјава. Во седмата изборна единица (дијспората) гласањето се спроведе вчера. Правото на глас во странство требаше да го реализираат 20.573 граѓани колку што биле пријавени, но одзивот бил многу помал. Првичните резултати од гласањето на дијаспората, како и од вчерашното гласање на болните, внатрешно раселените лица и затворениците, ДИК ќе ги објави заедно со резултатите од денешното гласање во земјава. 
На изборите учествуваат 11 политички субјекти - шест политички партии и пет коалиции, со 58 листи и 1.092 кандидати.

Околу 8.000 набљудувачи на изборите
Според ДИК, денешните избори ќе ги набљудуваат 7.585 домашни, 667 странски набљудувачи со 354 преведувачи, како и 75 странски новинари.
Граѓанската асоцијација „Мост“ ќе го следи изборниот процес со најмногу набљудувачи - над 3.000 и со покриеност на 55 отсто од избирачките места. Дополнително, 120 мобилни тимови од по двајца набљудувачи ќе бидат логистичка подршка на статичните набљудувачи, а уште 80 други ќе ја следат работата на Општинските изборни комисии (ОИК) како и на ДИК. Од „Мост“ ги потсетуваат гласачите дека евентуалните неправилности можат да ги пријават на бесплатната телефонска линија 080 080 080 или преку веб - страницата neregularnosti.most.org.mk. Повреда на избирачко право граѓаните ќе може да пријавуваат и во канцеларијата на Хелсиншкиот комитет која ќе биде отворена во текот на целиот ден. Здружението за хуманитарни активности „Синергија“ од Штип на изборите има 3.387 набљудувачи, а „Цивил - Центар за слобода“ 308. Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР акредитираше 281 набљудувач, а свои набљудувачи ќе имаат и некои дипломатски претставништва во земјава.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема