Македонија го „брише“ Тито?
4 мај 2010Младата Лидија е матурантка на која априлското сонце и‘ е поважно од последните учебни денови во престижната скопска државна гимназија „Јосип Броз Тито“. Седната на бетонско плато пред училиштето беше изненадена од прашањето - што знае за патронот на нејзината гимназија..
„Не знам многу, само малку, онака, нешто што сум чула од другите“, вели оваа стројна и по последна мода облечена гимназијалка.
Не учат многу за антифашистичката историја. Овие млади генерации друго ги интересира, вели една од повозрасните професорки, која три децении воспитувала над седум генерации.Таа вели:
„Сликата на Тито виси во секоја училница, не знам зошто би требало да ја тргнеме и зошто да го менуваме името на гимназијата.“
Во гимназијата, од пред една деценија, во неколку одделенија, се предава на германски или англиски јазик и секогаш е престижно да се запишеш во неа. Таа се наоѓа во центарот на градот и веднаш до неа кафеаната „Кај Маршалот“. Таа е средиште на познати гурмани од македонската естрада и политичка сцена. Во ресторанот висат слики на Тито, Маркс и Енгелс, Сталин, но и нивни познати слогани. Матурантката Лидија вели дека ја сака фаст фуд храната и никогаш не поминала покрај кафеаната што го носи името на познатиот југовојсководач.
„Прекрасен човек со неубаво име“
Матурантката Лидија е речиси пет децении помлада од политичкиот ветеран Тито Петковски, кој со тоа име, како комунистички кадар, веќе петти мандат е пратеник во плурализмот и самосотојна Македонија, Беше екс-спикер, претседателски противкандидат на загинатот Борис Трајковски.
Се сеќава на првата забелешка од тогашните македонските националисти кои притискаа за самосотојана Македонија во време на распадот на југо-федерацијата. Тогаш еден пратеник од ВМРО-ДПМНЕ на ривалот Тито Петковски му предложил:
„Ти си прекрасерн човек, ама името ти е за никаде, смени го името, можеби подобро ќе поминеш во македонската политика,“ раскажува македонскиот Тито.
Петковски се обидува да го избалансира ставот за улогата на својот истоименик Јосип Броз Тито, во формирањето на антифашистичка Македонија.
„Јосип Броз е респективна личност која успеа да ја афирмира својата земја како важен фактор на меѓународната сцена, да создаде пристојни услови за живот, можеби и со преголеми задолжувања, да ја одржи и покрај сите националистички конфронтации и ривалитети, во светот да го респектираат југословенскиот пасош, да се патува без визи во ЕУ и САД. Но, не ги негирам и слабостите на аворитарните режими, затвори, ликвидации, тортури.“
„Бришење“ на Тито
Во периодот на „детитоизација“, градот Велес ја избриша придавката Титов. Скопската улица „Маршал Тито“ пред шест години е преименувана во Македонија. Тоа е пешачка зона во чии кафулиња седат младите „јапи-момци“ од бизнисот и политиката, од чии партиски речник произлегоа делбите на предавници и патриоти, во периодот на исчекување кој и како ќе го реши спорот околу името. Овој стар дел од метрополата беше познат по еден од најмасовните собири во Југославија, со 150 -те илјади Скопјани кои го дочекаа претседателот Тито од неговата посета во Атина пред пет децении. Но протераните Македонци - Егејци не можат да му заборават на Маршалот дека поради неговиот дил со Западот во 1948-1949 година започнал нивниот егзодус од грчка територија во земјите од Источниот блок. Модерната печашка улица започнува од старата Железничка станица, разурната од земјотресот во 1963 година. Врз фасадата на еден од сочуваните делови стоеше пораката на Тито - „Ќе го изградиме модерно Скопје“. Поранешната Титова улица завршува на скопскиот плоштад, каде веќе се поставени спомениците на македонските јунаци од отоманството. Се подготвува и монументот на Александар Македонски, но нема место за скулптура на Тито што ја побара екс-претседателот Бранко Црвенковски, лидер на СДСМ, партискиот наследник на комунистите.
За десните сили кои владеат, периодот на антифашистичка Македонија не е историски вреднуван и нема место за таканаречените „комуњари“, како што ВМРО-ДПМНЕ ги именува комунистичките лидери.
Албанците не го сакаат многу Тито
За Албанците Тито не е омилена личност, а во ликвидацијата на партиските противници Јосип Броз често ги користел македонските комунистички кадри. Малкумина од младите Албанци ја паметат неговата слабост кон јакнењето на братството и единството, што во современиот македонски политички речник би можело да се замени со соживот или мултиетничка заедница.
„Јас сум еден од ретките новинари во Македонија кој работеше во мешани етнички медиуми и на двата јазика, македонскиот и албанскиот“, вели Мухамет Зекири, главен уредник на ТВ Алсат, која емитува програма на албански и македонски јазик. Според него, старата Титова школа на братство и единство сега модерно ја разбира-да се биде нормален човек во мешани меѓуетнчки средини во Македонија, и тој работи и живее во такви медиуми и краеви од градот.
Во овие денови на Маршалот потсетува неговот Сојуз на Титови сили, кој како маргинална партија носталгично ги негува неговите идеи за работништво, социјална држава, мир и стабилност.
„Срамота е на денот на формирањето на првата македонска влада, што се обележува во дворот на премиерот Груевски, никој да не дојде пред овој паметник на антифашистичката борба и ослободување“, реагираа членовите на Титовите сили. Тие со звуците на Интернационалата ја одбележаа 65 годишнината од формирањето на првата влада во Македонија под водство на комунистите.
Во Македонија Тито не е веќе синоним за југоносталгија, историчарите се‘уште не го превреднувале неговиот дел во содавањето на нацијата, јазикот и пред се‘ обновувањето на МПЦ. Младите не учат многу за него, возрасните не го споменуваат, иако се повидлив е култ кон лидерите и во овие две децении на македонска самостојност. Но, никој досега не се осмелил да облече бел костум, аристократскиот манир на Јосип Броз Тито.
Автор: Александар Чомовски
Редактор: Жана Ацеска