Македонија го разгледува предлогот на Метју Нимиц
20 февруари 2008Доцна синоќа македонскиот државен врв се собра на итна седница во парламентот за да го разгледа предлогот на посредникот за името Метју Нимиц. Од Атина го донесе специјалниот преговарач, амбасадорот Никола Димитров за да ги запознае властите во Скопје со најновите решение што го нуди олеснувачот на долгогодишниот спор за името меѓу Македонија и Грција. Во кабинетот на шефот на државата, Бранко Црвенковски, директно од Албанија стаса и премиерот Никола Груевски. Заседаваа до рано изутрината зад затворени врати. Сеуште не е познато каков став ќе заземе Македонија во однос на вчерашниот предлог на Нимиц.
Додека државниот врв ја градеше позицијата на земјата во врска со проблемот кој може да и се попречи на патот до НАТО, во Скопје се одвиваше протест против промената на уставното име на Република Македонија.
Мирните протести во организација на невладината организација „Младите знаат“, на моменти можеа да ескалираат при обидот да биде каменувана канцаларијата за врски на Грција во Скопје. Сепак завршија без инциденти. Медиумите во Македонија со огромно внимание ја следат последната рунда на грчко - македонски преговори за името. Со нетрпение се очекува да биде обелоденета содржината на документот на медијаторот Нимиц.
Без да шпекулираат во детали, денешните весници пишуваат дека Нимиц во Атина ја повторил последната предлог рамка од есента мината година, сега во проширена верзија и поелаборирана варијанта за решавање на грчко - македонскиот спор. За најновиот предлог за името ќе расправаат и претседателите на највлијталелните политички партии во Македонија на утрешната лидерска среба.