Македонија доби пари од ИПА-фондовите
23 февруари 2009Во Скопје денеска (23.02.2009) е потпишана спогодба за реализација на 16 проекти. Во присуство на голем број странски амбасадори, вицепремиерот за евроинтеграции Ивица Боцевски и амбасадорот на Европската унија во Македонија, Ерван Фуере ставија потпис на идната финансиска соработка.
За што се наменети парите?
Спогодбата се однесува на Националната oперативна програма од Компонентата 1 – Помош во транзиција и институционална надградба помеѓу Македонија и Европската комисија во рамките на Инструментот за претпристапна помош, за прекугранична соработка меѓу Македонија и Грција и за финансирање на учеството на Македонија во Европската транснационална програма за територијална соработка „Југоисточна Европа“. Акцентот е ставен на прекуграничната соработка. Амбасадорот Фуере објасни зошто: „Искуството на Европската унија ни‘ покажува дека развојот на граничните и погранични региони е еден од клучните фактори за евроинтерграција и за економката и социјална кохезија. Со прекуграничната соработка луѓето се ставаат во центарот на економска соработка. Ова се мерки кои значат подавање рака меѓу луѓето од двете страни на границата, јакнење на партнерството.“
Македонија може
Според вицепремиерот Боцевски, Македонија со денешниот чин покажува дека има знаење, капацитет и искуство за управување со европските фондови.
Европската комисија очекува од Македонија здраво и доследно да ги спроведува сите финансиски проекти со што ќе обезбеди дополнителна поддршка од Европската комисија, за исполнување на крајната цел - Македонија да се подготви за членство во ЕУ.