1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија е делумно слободна земја

Б. Георгиевски/фх23 јануари 2014

Слободата во светот опаднала осма последователна година, соопшти организацијата Фридом Хаус презентирајќи го извештајот за годинава. Македонија е меѓу ретките земји во Европа означени како делумно слободни

https://p.dw.com/p/1Aw5W

Статусот на Македонија во рангирањето на Фридом Хаус останува непроменет и годинава. Земјата е меѓу ретките во Европа кои се водат како „делумно слободни“ во трите основни параметри на угледната организација: слободата, граѓанските слободи и политичките права. Во сите три категории, Македонија има оценка 3- делумно слободна. Највисоката оценка 1 им се дава на оние со најдобри перформанси, а најлошата- 7 на тираниите и деспотиите од типот на Северна Кореја и слични држави.

Во регионот, ист статус како Македонија имаат само уште Албанија, Босна и Херцеговина и Косово, а на поширокото европско подрачје Турција, Украина и Молдавија.

На европско ниво, ланската година не бил забележан пад на стандардите. Според Фридом Хаус, повеќето земји на континентот покажале почит за демократските стандарди и граѓанските слободи, и покрај растечкиот национализам како одговор на напливот на имигранти. Авторитарни тенденции се забележуваат кај турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган, додека подобрување на состојбата е нотирана во Италија благодарение на слободните и фер избори и подобрувањето во антикорупциската легислатива.

На светско ниво, најзагрижувачка е состојбата во Северна Африка и делови од Азија. Големо назадување во почитувањето на човековите права е забележано во Египет, Русија, Украина, Азербејџан, Венецуела и Индонезија.

„Некои лидери се потпираат на модерен авторитаризам, сакатејќи ја политичката опозиција, без да ја уништат, изигрувајќи го владеењето на правото за да одржат привид на ред, легитимност и напредок.

Основно за модерните автократи е преземањето на институциите кои го поддржуваат политичкиот плурализам. Тие се обидуваат да доминираат не само во извршната и законодавната власт, туку и во медиумите, судството, граѓанското општество, економијата и безбедносните сили“, гласи дефиницијата на Фридом Хаус за овие ткн. модерни автократии.

На дното на листата, традиционално и годинава се земји каде човеките права и слободи се мислена именка: Северна Кореја, Централно африканската република, Сомалија, Екваторијална гвинеја, Сирија, Еритреја, Судан, Саудиска Арабија, Туркменистан...