Македонија- земја на иселеници
Илјадници луѓе секоја година си заминуваат од Македонија во потрага по подобар живот низ земјите на Западна Европа, северна Америка или Австралија. Традицијата не е нова, но во последниве години трендот е растечки.
Масовно иселување
Според податоците на Светска банка, од прогласувањето на независноста до 2010 година од Македонија се иселиле над 440 илјади луѓе. Трендот последниве години повторно се засилува. Проценките се дека во последниве 5 години, најмалку по 20 илјади луѓе годишно ја напуштаат земјата.
Охрид – неславен рекордер
Во Охрид – градот рекордер по бројот на иселувања во Македонија, неславно рекордна е 2012 година, кога заминале 983 лица. Од Охрид за 11 години се иселени 7860 лица, или по две лица дневно. Најчесто се иселуваат младите.
Бесперспективност
Според податоците на Светска банка објавени неодамна, невработеноста кај младите во Македонија изнесува 50,08%, додека најновиот извештај на Евростат покажува дека речиси 40% од младите немаат работа, ниту се вклучени во процес на образование. Ваквите состојби поттикнуваат голем дел од нив својата иднина да ја гледаат надвор од државата.
Правец Германија
Само во 2015 година, над 24 илјади македонски државјани ја напуштиле својата татковина во потрага по подобар живот во Германија. Од нив, 12 илјади останале. Бројката на македонски доселеници во Германија се приближува до рекордни 100 илјади.
Sprechen Sie Deutsch?
Според анкети спроведени во регионот и во земјата, германски јазик во Македонија во моментов учат околу 63.500 луѓе. За студирање во Германија потребно е познавање на германски јазик, кое се проверува преку специјални испити ТестДаФ и ДСХ. ТестДаФ се организира во 90 земји, меѓу кои е и Македонија. Но, може да се учи и во Германија.
Јагма за работни визи
Според податоците на ОЕЦД над 17 илјади луѓе од земјите на Западниот Балкан во првата половина од годинава добиле работни визи во Германија. На Македонија отпаѓа над 10 проценти од вкупната бројка. Германските власти им издале точно 1.841 работни дозволи на македонски државјани во првите шест месеци од годинава.
Бугарски пасош
Илјадници Македонци во меѓувреме побараа и добија бугарски пасош, во обид полесно да заминат во некоја од западноевропска земја. Нивниот точен број не е познат, но според неодамнешното истражување на Призма, само во последните 10 години, 57 илјади Македонци земале пасош од источниот сосед. Се проценува дека вкупната бројка надминува 100 илјади луѓе.