Скопје со очи ширум отворени кон Белград и Приштина
29 септември 2021Не се очекува ескалација на тензиите на косовско-српската граница, но македонските надлежни институции внимателно го следат развојот на состојбата кај двата соседа. Со оглед дека тензиите не се на македонската граница, засега нема потреба од посебни активности на армијата. Вака накусо може да се опише македонскиот поглед кон тензиите што настанаа на косовско-српската граница, односно на двата гранични премина Брњак и Јариње, по одлуката на косовските власти да воведат реципрочна мерка за замена на српските таблички со косовски при влез во државата. Таа одлука предизвика одговор од косовските Срби, кои со автомобили и камиони направија блокада на патот кон граничните премини. Блокадата трае веќе десетти ден, исто колку и тамошното бројно присуство на припадници на специјалната косовска полиција.
Претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, која во текот на нејзината балканска турнеја повикува на деескалација на односите меѓу Србија и Косово, вчера во Скопје ја поздрави мирољубивата порака на македонскиот премиер.
„Останувам приврзаник на секоја форма каде лидерите седат на маса и разговараат за решение. Можеме само да апелираме дека треба да се одвратат сите страни на ваков начин да се праќаат пораки од регионот. Во тој дух, убеден сум дека треба да ги користиме сите можности на разговори, партнерство, билатерални соработки. Берлинскиот процес е нешто најдобро на Западен Балкан. Мене ми е драго што претседателката на Комисијата ќе има фокус на Западен Балкан. Секогаш можеме нешто да направиме дома. Ние сме пријател со сите соседи“, рече Заев.
Покажување заби
Во последните денови нема прелети на српски воздухоплови над српско-косовската граница како што беше тоа претходно, но беше јасно ставено на знаење дека состојбата на терен одблиску ја следи и Moсква. Пред три дена во близина на граничниот премин Јариње заедно пристигнаа српскиот министер за одбрана, Небојша Стефановиќ и рускиот амбасадор во Белград, Александар Боцан-Харченко, кој порача дека „Москва е загрижена“.
Денеска во Брисел за проблемот ќе разговараат шефовите на преговарачките тимови на Белград и Приштина, а во Белград патува претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, каде денеска ќе се сретне со српскиот претседател Александар Вучиќ, а утре и со српската премиерка Ана Брнабиќ. Истовремено во Брисел ќе пристигне новиот американски пратеник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, за да го поддржи дијалогот со посредство на ЕУ.
„Овој спор засега не ја загрозува Македонија, но треба да бидеме внимателни и крајно воздржани“, вели поранешниот министер за внатрешни работи, Павле Трајанов.
„А доколку дојде до ескалација, тогаш не само за Македонија, туку и за Балканот и Европа ќе има тешки последици, бидејќи ќе се испреплетат геостратешките интереси на големите сили. Курти и Косово со распоредување на специјални единици на граничните премини со Србија, како и со промената на регистарските таблички на возилата, се обидува да покаже заби и смета на поддршка од ЕУ, НАТО, САД... Но, сметам дека на крај ќе се врати на дијалогот, преку кој ќе мора да се дојде до прифатливо решение и за Косово, и за Србија. Од друга страна, Србија, возврати со раздвижување на воени единици и прелети во близината на граничните премини со хеликоптери и авиони, но не сум убеден дека има сериозна намера да употреби сила, затоа што тоа ќе биде војна со тешки последици за целиот Балкан и пошироко. Накусо, оваа игра на нерви мора да заврши. За деескалација неопходна е булдожер-дипломатија, која штотуку започнува со ангажирањето на САД“, вели Трајанов.
Повеќе:
Оружјето ѕвечка, Вучиќ и Курти глумат храброст
Србија и Косово: Кого го погодува „реципроцитетот“?
Тензии на косовско-српската граница поради регистерски таблички
Два процеса
Кој е во право, а кој прави театар заради внатрешни политички цели? Ако се следат пораките од Белград и Приштина, вината секогаш е кај другиот. Според Арсим Зеколи, поранешен амбасадор и добар познавач на релациите Белград-Приштина, формално-правно, потегот на Приштина за воспоставување реципроцитет со издавање привремени таблички е логичен потег кој е во согласност со Договорот од 2011 година, потпишан од Александар Вучиќ и спроведуван последниве десет години од страна на Србија кон сите возила кои влегуваат од Косово.
„Косово едноставно го спроведува она за што се имаат договорено со Белград. Од политички аспект, Владата на Курти мора да испорача нешто од дадените ветувања за реципроцитет кон Косово, но овојпат без да се навлезе во сферата на економијата и да се приреди реприза на поранешниот потег со воведување 100% данок кон производите од Србија. Од другата страна на границата, потегот на Приштина беше непријатно изненадување за Вучиќ во пресрет на тамошните локални избори. Во основа, театарот предизвикан од Вучиќ беше со цел да се превенира можноста опозицијата да спечали врз состојбата на Јариње и да го обвини Вучиќ за предавство или потклекнување пред барањата од Приштина“, вели Зеколи.
Целата епизода на Јариње тој ја оценува како составен дел од два процеса.
„Прво, давање до знаење до Владата на Курти дека неговата обврска кон зајакнувањето на државноста, владеењето на правото, подобрувањето на економско-социјалната карта на населението ќе ужива поддршка од земјите партнери поддржувачи, под услов да се откаже од идеите за обединување со Албанија. Мислам дека и самиот Курти е свесен за тоа, па затоа неговото инсистирање дека преговорите со Србија не се меѓу трите приоритети на неговата влада се всушност индиректни потврди дека и обединувачките заложби полека се лизгаат кон дното на приоритетите. Вториот процес е дипломатско-политичката акција за враќање во рамките на нејзината државна ингеренција, или како што порано го навестував, компартментализација на Србија според истите параметри употребени кон Албанија или Косово во однос на Албанците во Македонија, Црна Гора или Прешево. Истото сега се одвива и во однос на Србија, на која ѝ се исцртуваат границите на влијание во БиХ, Хрватска, Црна Гора, Косово, а наскоро и во Македонија“, смета тој.
Според Зеколи, таа порака за јасна диференцијација помеѓу етнокултурната блискост и државно-административната одговорност минатата недела е разјаснета и од новиот американски пратеник за регионот, Габриел Ескобар.
„Тој укажа дека 'не постои конфликт помеѓу тоа луѓето да ја слават својата култура, а притоа живеат во некоја друга земја. Но прашање е дали тоа тогаш прераснува во политички и воен императив. Ние апсолутно веруваме дека граѓаните кои живеат во други земји имаат обврска кон земјата во која живеат, а надворешните земји не треба да ги мешаат тие работи’. Оваа порака на Ескобар е оската на новата доктрина на САД во регионот, првично имплементирана во однос на Албанија, Косово и Албанците, но сега проширена и кон Србија и Србите, Хрватска и Хрватите, Бугарија, Турција, Грција, но и Македонија. Накратко, тоа е доктрина сумирана врз синтагмата дека за културата нема граници, но за даночните обврзници има граници и ограничувања“, објаснува Зеколи.
До „Отворен Балкан“ преку отворена дебата
Сепак, последните тензии меѓу Белград и Приштина, го наметнаа прашањето дали таа состојба може да се одрази на иницијативата „Отворен Балкан“, која досега ја прифатија Србија, Северна Македонија и Албанија. Според Зеколи, на таа иницијатива најпрво треба да ѝ претходи отворена дебата во јавноста.
„Регионот допрва се учи да соработува и црпи бенефити од новите прекугранични содејства во рамките на ЕУ и НАТО, така што која било надградба - колку и да се пропагира како позитивна за регионот - прави повеќе штета отколку што придонесува кон смирување на регионот. Идејата за ‘Отворен Балкан’ не треба да биде отфрлена сама по себе, туку треба да биде одземена од рацете на сегашните водачи Вучиќ, Рама, Заев, и да се врати на самиот почеток. Тоа подразбира прво да се спроведе отворена дебата во јавноста, да се обезбеди транспарентна парламентарна и институционална процедура за нејзино разгледување, да се консултираат нашите стратегиски партнери и да се согледаат подеднакво сите поволности и ризици од нејзиното спроведување. И притоа, однапред да се укаже дека смислата за ‘Отворен Балкан’ е прифатлива единствено како етапен чекор во процесот на приклучување кон ЕУ. Секој друг обид за понатамошно форсирање на идејата на мускули, на крај ќе предизвика ЕУ да се амнестира од одговорноста за неинтегрирање по наша вина, како и да предизвика нови групирања во регионот како ривалски одговор на сегашната иницијатива“, смета Зеколи.