1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Наредната европска кризна држава“

Зоран Јордановски21 мај 2015

„Шпигел онлајн“ за состојбата во Македонија: флуидна е границата помеѓу владата и организираниот криминал, а кршењето на правото и криминалот произлегуваат директно од државата, се вели во текстот.

https://p.dw.com/p/1FTVQ
Фотографија: Getty Images/AFP/A. Nimani

„Шпигел онлајн“ настаните во Куманово ги оценува како „досегашна кулминација на државната криза во Македонија. На Балканот се заканува нова граѓанска војна“ се вели во поднасловот на прилогот.

Откако пренесува сведоштво на еден од жителите во кумановската населба каде се одвиваа крвавите престрелки, во текстот на Кено Верзек се вели: „На крајот остануваат првенствено прашањата: Колку луѓе загинаа, кои се загинатите, кои се наводните терористи? И, дали владата на деснонационалистичкиот премиер Никола Груевски ја инсценира антитерористичката акција, за да го одврати вниманието од растечкото незадоволство во земјата?

Јасно е: по борбите во Куманово се наоѓа на врвот на една веќе подолготрајна тешка државна криза. Со Груевски на власт, Македонија западна во диктаторски и мафијашки околности. ’Границата помеѓу владата и организираниот криминал во Македонија е флуидна, кршењето на правото и криминалот произлегуваат директно од државата‘, вели експертот за Балканот Душан Рељиќ од фондацијата ’Наука и Политика‘ од Берлин“.

Од протестот и контра-демонстрацијата во Скопје се извлекува заклучок дека „веќе е во игра сценарио за нова граѓанска војна во Западен Балкан. ’Груевски целосно загуби врска со реалноста и ги има в рака сите средства за да провоцира тежок конфликт‘ вели македонскиот активист за човекови права Џабир Дерала“.

Потоа се укажува дека Македонија некогаш беше „земја за пример во Западен Балкан“, како и дека единствена од југословенските републики се осамостои без војна. Споменати се настаните од 2001 и Охридскиот договор, „кој до денес не е докрај спроведен“. Наведено е и дека постојано има „етнички инциденти: расистички графити, насилнички напади, подметнувања пожари“.

„Македонија од 2005 е кандидат за пристапување кон ЕУ“, а застојот во евроатлантската интеграција се должи на „апсурдниот спор околу името“ и блокадата наемтната од Грција, објаснува авторот, па вели: „Тој блокирачки став многумина набљудувачи сметаат дека е исто така причина што Македонија во изминатите години западна во диктаторско-мафијашки односи. (...) Целиот размер на злоупотребата на власта во времето на Груевски излезе на виделина во февруари годинава“ со обелоденувањето на снимките од прислушувањето „чија автентичност власта не ја оспорува, но истовремено им припишува на водачот на опозицијата Заев и неговите социјалдемократи дека и самите се најдлабоко корумпирани“. (...)

„Во Македонија и во цела Југоисточна Европа во изминатите години (...) се случи ’Орбанизирање на политичките системи‘ според примерот на унгарскиот премиер Виктор Орбан. Економскиот развој е во застој, а истовремено ЕУ е заморена од проширувањата. ’Поради тоа во Југоисточна Европа има една се „пожестока борба за државните ресурси со се’ почесто кршење на правото и се’ помалку демократија’, вели експертот Душан Рељиќ. Тој пледира за нов, силен ангажман на ЕУ во Западен Балкан (...). ’Ако отпадне ЕУ-перспективата за тие земји, ќе ускокне некој друг, како што токму сега ги гледаме Русија, Турција и исламистички сили - а тие не се опции што приредуваат задоволство‘“, се вели, покрај другото, во прилогот на „Шпигел онлајн“.