Македонија остана без 27 милиони евра од ИПА-фондовите
2 јули 2016Портпаролката на Европската Комисија, Маја Коцијанчиќ, за МИА потврди дека ЕК скратила нешто над 27 милиони евра од Инструментот за претпристапна помош (ИПА) за Македонија, поради недостаток на подготвеност и зрелост при планирање во клучните сектори за кои овие средства требало да бидат наменети. Стопирањето на овие средства се должи и на неисполнување на општите реформски обврски на Македонија, како резултат на влошениот политички контекст во земјата.
„Последните неколку години, а посебно минатата година, ЕК во неколку наврати ја објасни својата загриженост до надлежните органи во врска со недостатокот на подготвеност и недостаток на зрелост во планирање во клучните сектори, како и недостатокот на политичка посветеност за реализација на потребните секторски реформи и погенерално на општите реформски обврски. Како резултат на тоа, Комисијата сега мораше да ја намали финансиската помош на ЕУ што беше предвидена за 2016 година, како и да одлучи да не продолжи со друг проект“, рече Коцијанчиќ.
Портпаролката на ЕК рече дека кратењата во програмата за 2016 година за Македонија ќе изнесуваат нешто над 27 милиони евра. Според неа, влијание на оваа одлука на Брисел има и политичката криза во земјата.
„Влошениот политички контекст е една од причините зошто Владата и администрацијата, за жал, не беа во можност или немаа волја да ги исполнат обврските за реформа или да ја покажат потребната подготвеност да ги планираат потребните реформи или да ги имплементираат фондовите на ЕУ во овие области“, додаде Коцијанчиќ.
СДСМ: Погрешните политики на власта се виновни за повлекувањето на парите
Социјалдемократскиот сојуз смета дека одлуката на Европската комисија за суспензија на 27,1 милион евра наменети за Македонија од ИПА фондовите, е резултат на погрешните политики на власта. Благој Бочварски, член на Извршниот одбор на СДСМ, изјави:
„Ние со години како Социјалдемократски сојуз укажуваме на погрешните политики и на неискористувањето на претпристапните фондови коишто ги дава Европска Унија, и за инфаструктура. Преку тие претпристапни фондови, Македонија може да гради инфаструктура, меѓутоа поради погрешните политики, тие пари очигледно сѐ повеќе ги губиме.“