Македонија - поделена земја пред референдумот
11 септември 2018„Поделена земја“- под овој наслов весникот Франкфуртер Рундшау ги пренесува впечатоците на својот репортер од предреферендумска Македонија. Приказната започнува со пензионерот Ангел Јанев кој поголемиот дел од својот работен век го минал во германскиот град Гумерсбах. Јанев е одлучен да го бојкотира претстојниот референдум за договорот со Грција.
„'Се разбира дека ќе го бојкотирам референдумот. И не само јас, туку и целото мое семејство. Ние сме повеќе од 30 луѓе. Ние не сме северномакедонци, горномакедонци, или новомакедонци. Ние сме Македонци', вели Јанев. Тој воопшто не разбира зошто се бара од него да гласа. Македонската влада на премиерот Заев најпрво постигна договор со Грција, потоа и го потпиша без да го праша народот. 'Тоа ли е демократија? Јас не го пишував договорот.'
Слично размислува и Владица Кунева.
'Јас сум Македонка и мојата земја се вика Македонија. Точка!' Сепак: таа ќе оди да гласа, но ќе гласа 'против'. 'Со двете раце', вели Кунева.
Без оглед дали се работи за категорично отфрлање на промена на името, латентна политичка разочараност или едноставно незаинтересираност: како Ангел Јанев размислуваат многумина во Скопје и во остатокот на малата земја, како и во бројната дијаспора. Тие нема да учествуваат на референдумот. Верни на мотото:
'На 30 септември имам попаметна работа'.“
Европска наместо Северна
Во тој контекст, Франкфуртер Рундшау пренесува и дека многу мал дел од Македонците во дијаспората се пријавиле за гласање во амбасадите и конзулатите.
Од друга страна, пишува весникот, владата на Заев добива силна поддршка од ЕУ и НАТО. За време на викендот, германската канцеларка Ангела Меркел се заложи за гласање „За“ на референдумот.
„(...) И Заев знае дека договорот со Грција е болен и понижувачки за многу Македонци. Забележливо е дека Заев и неговите поддржувачи во владината кампања за референдумот не го споменуваат идното име Северна Македонија. Поборниците на договорот со Атина често зборуваат за 'европска Македонија'. На тој начин Заев и неговите сакаат да им го одземат ветрот од едрата на противниците на договорот. Барем реторички.
И покрај вербалната гимнастика на 'За' кампусот, пресметката со опозицијата продолжува. Пикантерија е тоа што шефот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски уште не се изјаснил дали ќе ги повика симпатизерите на неговата партија на бојкот. Сѐ додека тоа не го стори, тој им остава простор на водечките европски политичари како Столтенберг, Курц и Меркел да го зголемуваат притисокот врз него. Тоа е поволна позиција за Меркел и компанија.
„Сеедно ми е за државното име“
Калкулацијата на политичката проминенција од Виена, Берлин и Брисел: доколку им успее да го убедат Мицкоски да не го бојкотира референдумот, тогаш драматично се зголемуваат шансите за излезност од најмалку 50 проценти. Според последните анкети, поддржувачите на 'За“'се побројни меѓу оние кои ќе гласаат. Критичарите сепак предупредуваат ваквите анкети да се земаат со резерва, и не само затоа што се правени во текот на август во време на годишни одмори.“
Според авторот, нема сомнеж дека припадниците на албанската заедница во Македонија со големо мнозинство ќе гласаат „За“ на референдумот.
„(...) Елвис Џафери, доктор од Тетово на возраст од 40-ина години, веќе одлучил како ќе гласа. Со 'Да'. 'Крајно време е да се реши спорот за името. Премногу време загубивме на тоа, мораме да гледаме напред', вели тој.
И на Македонецот Атанас Савевски не му треба убедување. 'Ќе одам да гласам. И ќе гласам За', вели 36-годишниот софтверски инженер. 'Македонија има повеќе можности во ЕУ отколку надвор од ЕУ. Членството во ЕУ и НАТО го сметам за позитивно. Сакам подобра иднина за мојата земја. Без корупција, без сива економија. Сакам да имам слобода, барем привремено да можам да работам насекаде низ ЕУ. За државното име ми е сеедно', вели Савевски.
Многу млади Македонци слично гледаат на работите. Нивната тажна реалност во земјата изгледа вака: ниски плати, висока невработеност, мали шанси за кариера. Не е ни чудо што уште од рано наутро има долги редици пред амбасадите на Германија, Австрија и Швајцарија. Ден за ден. Пред сѐ младите Македонци ја посакуваат ценетата работна виза, за да можат да ѝ го свртат грбот на татковината.
Тоа не е лесна работа. Особено не како жител на трета земја надвор од ЕУ“, пишува Франкфуртер Рундшау.