1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Опасен неинтерес за Балканот

Обработка: Е.М. Фиданоска15 јуни 2015

Македонија е пример за тоа како не смее да изгледа справување со кризи. ЕУ и НАТО мора да сторат се‘ за да го зачуваат мирот на Балканот, но не по цена на демократизацијата, пишува Тоби Фогел во гостински коментар во НЦЦ

https://p.dw.com/p/1FhGQ
Фотографија: Reuters/M. Djurica

Објаснувајќи што се случуваше во Куманово и наведувајќи дека опозицијата пушта снимки од прислушувани разговори, авторот на гостинскиот коментар во „Ноје цирхер цајтунг“, Тоби Фогел, констатира дека тоа го привлекло вниманието на меѓународната заедница, што на Груевски му е „повеќе од штета“:

„Се чини како во меѓународната политика да е природен закон носителите на одговорност да се грижат за некоја земја која нема стратешко значење дури тогаш, кога речиси е предоцна. Македонија е навистина ’нагледно наставно средство’ за тоа како не смее да изгледа справувањето со кризи.“

По конфликтот во 2001 година, според НЦЦ, „Македонија се стабилизираше и се приближи кон ЕУ, развој кој во мандатот на Груевски од 2006 година забележа застој, а делумно дури и назадување“. Според авторот на коментарот, „премиерот и неговата национално-конзервативна владејачка партија ВМРО ДПМНЕ се чини се многу повеќе заинтересирани како да се одржат на власт, отколку за политичкиот и економскиот развој“.

Во текстот натаму се вели:

„Истовремено ЕУ и НАТО исто така имаат направено пропусти. Грчкото противење на името ‘Македонија‘ го спречува членството на земјата во двете организации и на Груевски му дава изговор за одолговлекување на неопходните реформи... Меѓународниот неинтерес доведе до катастрофални резултати и на други места на Балканот.“

Во последниот дел на гостинскиот коментар на Тоби Фогел, кој инаку е член на Советот за политика на демократизација, глобална иницијатива која се занимава прилично со состојбите на Балканот, за Македонија оценува:

„И предвремени избори во април 2016-та, како што во меѓувреме се договорија владата и опозицијата, ниту ќе го решат проблемот на актуелната влада која загуби веродостојност, ниту пак ќе придонесат за поттикнување на спроведувањето на итно неопходните реформи. Напротив, сега би можел да следува долг предизборен период, во кој политичката поларизација ќе стане уште подлабока. ЕУ и САД, поттикнати од пријателски влади како швајцарската, би требало да му дадат на знаење на Груевски да се повлече. Само преодна влада би можела веродостојно да ги испита настаните од Куманово и да ги расчисти обвинувањата против Груевски. Таа би морало да ги преземе и првите чекори за корегирање на уназадувањето на реформските напори. За возврат, ЕУ, по речиси 10 години чекање, би морала со Македонија да отвори преговори за приклучување. На Грција веќе не би смеело и натаму да и‘ се дозовлува толку деструктивно да го употребува своето вето. За тоа на Европската комисија и Советот, значи на земјите членки, ќе им биде неопходна извесна креативност, но тоа се‘ уште е полесно отколку на Балканот повторно да мора да се изигрува пожарникар“, се вели во гостинскиот коментар во НЦЦ.

Тревникот на срам на Пољуд

Весникот „Зиддојче цајтунг“ пак денеска пишува за инцидентот пред натпреварот Хрватска-Италија во Сплит. Непознати сторители на тревникот на стадионот во Сплит со помош на хемикалии нацртале кукаст крст. Во врска со шпекулациите дека репрезентацијата на Хрватска би можела поради тоа да биде дури и исклучена од Европското првенство, весникот оценува:

Kroatien Hakenkreuz auf Spielfeld im Poljud-Stadion
Кукаст крст на ПољудФотографија: Getty Images/AFP/A. Isakovic

„Сепак и УЕФА мора да се праша зошто натпреварот, со оглед на ваквата понижувачка околност, не беше прекинат. Како е можно кукастиот крст да се најде на тревникот, а никој ништо да не забележи? Симболот очигледно е нацртан 24 до 48 часа пред натпреварот со помош на хемиска супстанца која е видлива само под рефлектори. Во официјалните ракции во Хрватска се изразува неверување и запрепастеност. Претседателката на Хрватска Колинда Грабар-Китаровиќ изјави дека на овој начин и‘ е нанасен срам на целата земја. Притоа, националистичките испади во Хрватска се секојдневие. Поранешниот играч на Бундеслигата Јосип Шимуниќ е казнет со пет натпревари неиграње поради усташкиот поздрав по еден натпревар... Тој поздрав во Хрватска е инаку забранет. Откако Шимуниќ поради казна го пропушти Светското првенство, претседателот на фудбалскиот сојуз на таа земја Давор Шукер изјави дека ‘репрезентацијата игра во чест на Џо Шимуниќ‘. Шукер во 1996 година го посети гробот на Анте Павелиќ во Мадрид и се сликаше насмевнат како аџија на гробот на тој воен злосторник. На натпреварите на хрватската репрезентација во публика се наоѓаат не мал број навивачи со усташки облежја“, пишува „Зиддојче цајтунг“.