1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија – прва жртва на буџетската криза на ЕУ

Зоран Јордановски12 декември 2005

Франција го блокира доделувањето кандидатски статус на Македонија – дефинитивно решение ќе падне на самитот на ЕУ

https://p.dw.com/p/Acau
Министрите Штајнмаер и Пласник
Министрите Штајнмаер и ПласникФотографија: AP

Министрите за надворешни работи на земјите на ЕУ денеска го подготвуваат Самитот на ЕУ. Во средиштето на вниманието е отворениот спор за буџетот на Унијата од 2007-ма до 2013-та година. Министрите расправаа и за доделување на Македонија статус на кандидат за пристап кон Унијата, во контекст на расправата за Западен Балкан, но дефинитивното решение им го препуштија на шефовите на држави и на влади, кои ќе заседаваат на 15-ти и 16-ти декември.

Тоа може да се насети, откако денеска Франција ги објави своите ставови, според кои прво треба да се решат внатрешните проблеми на Унијата, пред таа да презема наредни чекори за проширување. Македонија – прва жртва на буџетската криза на ЕУ, јавуваат денеска агенциите од текот на министерската средба во Брисел.

На ваквиот можен развој и на последиците од него деновиве во интервју за македонската програма на Дојче Веле предупреди пратеничката во Европскиот парламент од редовите на германските Зелени Ангелика Беер: „Опасноста не доаѓа само од финансиската ситуација, туку сосем е очигледно дека ЕУ западна во криза, пред се’ поради тоа што барем засега пропадна изгласувањето на уставот на Унијата. Секако би било погрешно поради внатрешните проблеми во ЕУ да им се отежне ситуацијата на оние земји, кои направија голем напредок во развојот, на пример Македонија со спроведувањето на Охридскиот договор. Би било погрешно тие да го платат цехот. Тоа би било политички неодговорно. Поради тоа ние јасно велчиме: Македонија е позитивен пример и е збогатување за Европа ако таа се доближи до другите и го добие статусот на кандидат“.

Беер е недвосмислена во своето залагање да и’ се додели кандидатскиот статус на Македонија: „Ние сме, прво, за тоа да има јасен, позитивен одговор од Советот, исто толку позитивен, како што препорача Оли Рен од страна на Комисијата на ЕУ. Како второ, ние ја поддржуваме Македонија на тој пат и во спроведувањето на реформите и поради тоа реков дека јас се надевам оти на 15-ти декември ќе можеме да кажеме добредојдовте кон наредните чекори во насока кон Европа. Се’ друго би било политички огрешно решение со далекусежни последици за целиот Западен Балкан“.

Комисијата на ЕУ на 9-ти ноември го објави своето во основа позитивно мислење за барањето на Македонија и нејзините одговори на европскиот прашалник. Таа препорача да и’ се додели кандидатски статус, а во меѓувреме уште нешто во свој прилог направи и самата Македонија – ги послуша добронамерните совети и со дипломатска офанзива ги предочи своите аргументи, ја нагласи својата успешна приказна по воениот судир од 2001-вата. Покрај тоа, ги усвои и измените на уставот, што ќе овозможат реформа на правосудството – една од големите задачи што треба да ги решава.

Премиерот Бучковски за Дојче Веле минатата недела рече: па, скоро се’ што требаше направивме – оттука натаму се’ зависи од премиерите и претседателите на држави на членките на ЕУ, кои знаеме дека се преокупирани со своите внатрешни проблеми. Непомирливите разлики околу начинот како ќе продолжи буџетирањето, финансирањето на ЕУ не прават во овие последни неколку денови пред 15-ти декември се’ уште да бидеме резервирани“.

Сега, според францускиот предлог – доколку го потврдат и шефовите на држави или на влади – решението би требало да биде донесено за време на австриското претседателствување со Унијата во првата половина од наредната година. Таква солуција, всушност, од порано беше навестена - и од австриски претставници во Виена уште во окотмври за време на престојот на Бучковски и презентацијата на можностите за ангажман на странски капитал во Македонија, пред се’ во врска со приватизацијата на Електростопанството.

Значи, нема место за разочарување, уште помалу за деморализација. Македонија – со или без официјален кандидатски статус, ќе мора да решава многу домашни задачи; само што мотивот секако би бил многу посилен со директно отворена европска перспектива.