1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија се’ уште учи како да ги користи европските пари

22 август 2011

Соработката меѓу Владата на Република Македонија и Европската Унија околу користењето на фондовите на т.н. „Инструмент за претпристапна помош“ (ИПА) е воспоставена пред четири години. Колку земјата ги користи овие пари?

https://p.dw.com/p/12F1u
Фотографија: picture alliance/ZB

Преку петте компоненти на ИПА, државите кандидати за членство во ЕУ, меѓу кои е и Македонија, треба да постигнат економски и структурен развој. Европската комисија за Македонија издвои износ од 622 милиони евра, средства кои можат да се искористат во период од шест години, почнувајки од 2007-та.

Но, колку Македонија ги користи овие средства? Податоците од информативниот центар на ЕУ во Скопје, покажуваат дека до 2010-та година се искористени нешто повеќе од 30 насто, односно од можни 210, искористени се само 80 милиони евра.

Д-р Марија Ристеска, политички аналитичар од Центарот за истражување и креирање политики, околу причините за релативната (не)искористеност, за Дојче веле оценува:

„Ние ја следевме имплементацијата на „ИНТЕРЕК“ програмата, која беше предвесник на компонентата број два од ИПА-програмата за прекугранична соработка. Таа покажа дека определени политички недоразбирања меѓу земјите во регионот можат да бидат сериозен ризик за апсорпцијата на средствата кои што се наменети за соработка меѓу организациите и институциите во регионот. Тоа беше случај со соработката меѓу Македонија, Албанија и Грција. Поради проблемот со името, договорите меѓу организациите од Македонија и Грција не можеа да се потпишат и тоа предизвика нереализација на таа програма, иако постои волја меѓу организациите преку границата да соработуваат меѓусебно“.

Потребно е искуство за пишување проекти

За да се добијат пари од втората компонета на ИПА, потребна е соработка помеѓу организации од Македонија и соседните земји. „Македонскиот центар за меѓународна соработка“ оваа година доби финансиски средства од фондовите на ИПА, во вредност од над 2 милиони денари. Даниела Стојанова е кординатор на проектот:

„Нашиот партнер е од Тирана. Проектот се состои од тематски состаноци на коишто организациите од пограничниот регион ќе разговараат за прашања коишто се од заеднички интерес. Исто така, ќе треба да се договорат за заеднички активности со коишто подоцна ќе можат да аплицираат за проекти. Веќе е одржана обука за партнерство, кадешто организациите од двете страни на границата се запознаа меѓусебно и со теоријата и стекнаа практични искуства за градење на партнерства.“

Daniela Stojanova Aktivistin in Mazedonien
Даниела СтојановаФотографија: DW

Даниела Стојанова објаснува со кои проблеми најчесто се соочуваат организациите при аплицирање за добивање на средства од фондовите:

„За повиците од Европска комисија постои упатство и формулар за аплицирање, коишто се пополнуваат на англиски јазик и тоа може да биде недостаток за организации што немаат членови кои можат добро да пишуваат на англиски, но и самото искуство во пишување на проекти. Но, потребно е следење на процедурите и системите, во самиот процес на аплицирање за фондовите потребно е да се докаже капацитетот на организацијата доколку го добие проектот да го раководи. Тоа се докажува со претходно искуство, буџет и сл. За дел од повиците потребна е регистрација. Ако сте организација којашто нема уредна документација можеби ќе треба повеќе време да се регистрирате. Исто така и во процесот на спроведување на проектите.“

Воспоставување на центар за обука за ЕУ фондови

Оценка за состојбата во Македонија околу искористеноста на фондовите, за Дојче Веле, дава и Дитер Тил, шеф на оператива во делагацијата на ЕУ во Македонија.

„Треба многу внимателно да се разгледаат различните компоненти на ИПА. Во компонентата број еден, која значи техничка поддршка за развој на институциите, во 2007 и 2008 имаме искористено повеќе од 90 отсто од средствата, што од наша гледна точка е високо задоволителен резултат. Во однос на втората компонента, која значи прекугранична соработка, каде фондовите кои се достапни се лимитирани, не можам да кажам дека одеше толку добро. Тука имаме некои фондови од 2007 кои беа загубени, а кои беа наменети за прекугранична соработка со Албанија. Во третата компонента, која значи регионална соработка, имавме слаб старт, но треба да се земе предвид дека третата компонента бара децентрализирано менаџирање и нормално е дека треба повеќе време да се соберат плодовите. Во компонентата број четири - за развој на човечки ресурси, имавме подобар стрт, а компонентата број 5 - за рурален развој, не сум надлежен да коментирам.“

Symbolbild Schreiben auf Computer Tastatur Finger auf Tastatur Blog Tippen
Еден од проблемите е аплицирањето за проектиФотографија: picture-alliance/dpa

За поефикасно користење на европските пари Марија Ристеска од Центарот за истражување и креирање политики смета дека треба што поскоро да биде воспоставен центарот за обука за ЕУ-фондови.

„Од особена важност е да се овозможат обуки за градење на капацитетите за аплицирање за ЕУ-фондови. Тие процедури се релативно тешки, напорни и бараат доза на знаење и вештини, коишто македонските бизниси, земјоделци, здруженија на граѓани, па и државните институции, коишто исто така можат и треба да бидат корисници на овие фондови, засега ги немаат. Од тој аспект се гледа работата на власта во соработка со ЕК да ги изгради капацитетите. Тоа е оној проект кој што треба да воспостави центар за обука за ЕУ фондови којшто ќе биде дел од секратаријатот за европски интеграции. Таквиот центар се‘ уште не е воспоставен.“

Автор: Владимир Калински

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска