Македонија: тампон за бегалците за опстанок на Груевски
25 јануари 2016Неколку текстови и различни погледи на улогата на Македонија во бегалската криза, се појавија викендов во германскиот печат. Според едната верзија, актуелната македонска влада и експремиерот Никола Груевски им нудат на западните европски држави запирање на бегалците кои влегуваат од Грција и продолжуваат на север, во замена за политичкиот опстанок на Груевски.
Втората верзија, која доаѓа од неименувани извори во владата во Скопје, говори дека земјата е соочена со избор: или да ја затвори границата или да биде преплавена од бегалци.
Магазинот „Шпигел“, текстот под наслов „Држава на првата линија против бегалците“, го започнува со репортажен запис од церемонијата во Будимпешта во јануари годинава по која, 31 припадник на унгарските специјални полициски се упатува кон македонско-грчката граница, како поддршка на македонската полиција.
„Испраќањето беше индиција за новата улога која Македонија треба да ја преземе во регионот- и која станува се појасна. Малата двомилионска држава во моментов се изградува во прва линија на одбраната и тампон држава против бегалците. Делумно и како ад-хок решение, затоа што не е на повидок ниту заедничка европска бегалска политика ниту одржлива соработка со Грција за заштита на границата“.
„(...)Не помага само Унгарија во заштитата на границата во Македонија. И Чешка и Словачка испратија свои полициски единици. Резултатите се видливи. Од крајот на ноември, Македонија пропушта само бегалци од Сирија, Авганистан и Ирак, во средата минатата недела, времено беше целосно затворена.
Унгарија уште во декември испрати опрема и машини во Македонија:
10 илјади ролни бодликава жица на НАТО со вкупна должина од 100 километри.
16 илјади бетонски столбови.
48 илјади монтажни вретена и алатки за дупчење“.
„(...)Западните ЕУ-држави на ваквиот развој гледаат со премолчена согласност- иако во исто време ги критикуваат источно-европските држави поради нивниот однос кон бегалската криза. Од ЕУ во целина, досега немаше слична поддршка за Македонија. Но владата во Скопје се погласно и од Брисел бара логистичка и финансиска помош со цел да ја игра улогата на тампон-зона.
Цената за тоа е политичка, критикуваат борците за граѓански права и независните интелектуалци во земјата. ЕУ го легитимира недемократскиот режим во земјата, кој во последните години го изгради македонскиот моќник, Никола Груевски. Ваквите тврдења ги покренува публицистот Сашо Орданоски. Според него, се случува „напуштање на политиката на вредности и враќање кон реал-политика“.
„Шпигел“ натаму оценува дека претстојните избори во Македонија нема да бидат фер. „Останува сомнежот дека владејачката партија на Груевски - како и досега- ќе го фалсификува изборниот резултат преку неправилностите на изборните листи. Но тие проблеми поради бегалската криза остануваат надвор од фокусот- тие делуваат како подарок за Груевски и кругот околу него“.
Експертот за Балканот од Фондацијата Наука и политика, Душан Релјиќ за „Шпигел“ вели дека тоа е „опасна логика“.
„Договорите кои треба да создадат впечаток дека македонската влада со согласност на ЕУ треба да го запре напливот на мигрантите од Блискиот и Средниот Исток на границата со Грција, му даваат на Груевски ветер в грб“, вели Релјиќ.
„Доколку за тоа одлучува Орбан, тогаш ЕУ треба да прифати ваков дил. Откако на крајот на ноември го прими Груевски во Будимпешта во пријателска атмосфера, тој рече: во рамките на решението за бегалската криза Македонија мора да биде примена во ЕУ и НАТО“, пишува Шпигел.
Ако не може Грција, може Македонија
Весникот „Ди Велт“ во двата дена од викендот опширно ја анализираше состојбата со бегалците на Балканот и улогата на Македонија во решавањето на кризата.
„Се работи за апсурдна ситуација: ЕУ членката Грција не успева да ги запре, ни регистрира, ниту пак да ги спречи мигрантите да го продолжат патувањето кон север. Земјата која не е членка Македонија, од друга страна, стана тврдина на ЕУ“, пишува Ди Велт.
„(...)Безбедносните мерки се координирани со Германија, но источноевропските земји се тие кои во прв ред испраќаат помош и службеници во Македонија“.
„(...) Македонија го прави она што всушност требаше Грција да го прави', вели политичарот на ЦДУ Елмар Брок, претседавач на Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент. 'Тоа е неприфатливо и Грција може да се најде изолирана во Шенген-зоната доколку продолжи така“, вели Брок за Ди Велт.
Поради таквата ситуација, пишува натаму весникот, во Македонија наскоро ќе започне со работа агенцијата за заштита на границите на ЕУ- Фронтекс.
„Тоа ќе го доведе до врв апсурдот: тело на ЕУ ќе заштитува трета држава од полицискиот неуспех на една своја членка. Атина остро се спротивставува на ваквиот потег“.
Ди Велт го цитира и македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски, кој според весникот, не покажува никакви знаци на злоба: „Не е можно дека ние правиме повеќе за заштита на Шенген-зоната од некои земји-членки“.
„(...) Дали Македонија политички ќе профитира од својата соработка за добробитта на другите, е малку веројатно. Надежта е мала. Поводот за соработката со ЕУ, наводно е едноставен: доколку Македонците не соработуваат, така ним им е речено, нивната земја ќе биде преплавена со бегалци“, пишува Ди Велт.
Источно-европска унија?!
Истиот весник и во саботата ја обработуваше оваа тема, иако текстот беше посветен на пошироката, балканска перспектива на проблемот. И самиот наслов на текстот „Добредојдовте во источно-европската унија“ наведува дека „поранешните земји од источниот блок повеќе не чекаат на Брисел и Берлин, туку самите градат тврдина, чиј архитект е унгарскиот премиер Орбан“.
„(...)Доколку Берлин сакаше да го ограничи бројот на бегалци, тоа мораше да го стори во Грција, надворешната граница на ЕУ кон турскиот брег. Но тоа доживеа неуспех. Контра-предлогот на новата источно-европска унија гласи: Грција настрана, Македонија да се претвори во тврдина, мини-државата меѓу Грција и следното парче ЕУ територија. Тоа е еднакво на нова демаркација- една земја која не е членка на ЕУ е декларирана за бастион, а старата членка се става во карантин.
Во Македонија, на границата кон Грција, крупните, тешко вооружени Унгарци во сини панцирни елеци делуваат како да не им е тука местото. Се препотуваат на топлото зимско сонце на југот на Балканот. Заедно со колеги од Хрватсја, Словенија и Полска и други ЕУ-членки, полицајците се дојдени да ја претворат земјата во тврдина. Тие помагаат во изградбата на три метри висока ограда долж 250-километарската граница. Германскиот градежен материјал е дојден, но нема германски службеници“.
„(...) Демаркацијата во Македонија е тесно координирана со Берлин, велат извори во Владата во Скопје. Но урнекот за мерките доаѓа од онаму, од каде што потекнуваат и странските службеници“, пишува Ди Велт.