1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија чека, Иванов молчи

БГ
1 март 2017

Сѐ уште нема никаков сигнал од претседателот Иванов или од неговиот кабинет за одлуката за доделување мандат на лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

https://p.dw.com/p/2YSMW
Mazedonien Gjorge Ivanov Präsident
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Претседателот Ѓорге Иванов не се изјаснува за доделувањето мандат за формирање влада на лидерот на СДСМ, Заев и покрај тоа што минаа два дена откако ги доби на увид бараните потписи од пратениците. Според најавата по средбата меѓу Иванов и Заев, ветениот рок за тоа требаше да биде до денеска, среда. Во земјата веќе два дена протестираат приврзаниците на движењето „За заедничка Македонија“, а претставниците на меѓународната заедница апелираат што побрзо да се формира новата влада.

Последен во серијата реакции беше американскиот Стејт Департмент кој синоќа порача дека „новата влада треба да се формира без натамошни одложувања“.

„Формирањето нова влада посветена на владеењето на правото и имплементирањето на потребните реформи ќе помогне да се стави крај на политичката криза која сериозно го попречи демократскиот и економски развој и евроатланската интеграција на земјата“, соопшти Стејт Департментот. 

Washington Außenministerium US State Department
Американскиот Стејт Департмент синоќа побара итно формирање на влада.Фотографија: Getty Images/AFP/M. Theiler

Претходно и еврокомесарот за проширување Јоханес Хан порача дека „промените во демократските општества се природни и треба да се прифатат“.

„Прифаќањето и почитувањето на изборните резултати и правото на лидерите да се обидат да формираат влада е знак на зрела демократија. Попречувањето и поткопувањето на таквите напори немаат место во демократскиот процес“, рече Хан. Тој особено ги посочи парламентот и претседателот на државата, како институции кои треба да делуваат во согласност со Уставот и одговорно, за да овозможат формирање на влада која ќе се зафати со неопходните реформи.

Од ДУИ, чии пратеници се клучни во сите математики за формирање на ново владино мнозинство најавија дека ќе одлучат дали ќе влезат во новата влада, дури откако Иванов ќе го довери мандатот.

Последното обраќање до јавноста на Иванов се случи на 1 февруари годинава кога, по консултациите со лидерите на парламентарните политички партии, го услови доделувањето на мандатот. Првиот услов беше идниот мандатар да обезбеди потписи од 61 пратеник, а вториот во програмата на идната влада да бидат вклучени два клучни приоритетa: заштита на државните интереси на Република Македонија, што подразбира зачувување и зацврстување на унитарниот карактер на државата и, како второ, системска реформа по кризата во која ќе бидат опфатени субјектите на системот за национална безбедност на државата.