Македонската возачка дозвола ќе биде признаена во Германија
26 јуни 2018Македонските државјани во Германија конечно можат да здивнат. По долги преговори меѓу Министерството за внатрешни работи и германското Министерство за сообраќај постигнат е договор за меѓусебно признавање на возачките дозволи од сите категории.
Договорот ќе стапи во сила откако ќе го потпишат надлежните министри од двете земји. Владата соопшти дека ќе бидат признаени возачките дозволи на сите полнолетни лица со важечки дозволи.
Единствен услов за македонските граѓани е да имаат законски престој на германска територија најмалку 185 дена во годината.
Декларацијата за признавање на возачките дозволи требаше да биде потпишана уште во февруари годинава за време на посетата на македонскиот премиер Зоран Заев на Берлин. Но, тоа не се случи поради технички проблеми во преговорите. Главниот проблем беше што во Македонија се бара лекарско уверение при полагање за возачка дозвола, и истото правило требаше да важи и при преведувањето на германските дозволи - нешто што за германската страна беше неприфатливо.