Македонската економија и официјално е во рецесија
7 декември 2020Македонската економија и официјално е во рецесија, а изгледите за 2020 година се значително влошени. Државниот завод за статистика денеска објави дека минусот во третиот квартал е 3,3%, што само ги потврди прогнозите дека состојбата на терен е сериозно влошена. Во третиот квартал економијата ја одржувале во живот земјоделството, градежништвото и секторот за информации и комуникации. Финалната потрошувачка била во номинален пад од 1,4%, односно 6,8% во делот на извозот на стоки и услуги.
Дека состојбите не чинат потврди и Народната банка, која драстично ги коригира прогнозите за растот на македонската економија. Продолжениот удар на кризата и засилениот, неочекуван втор бран на пандемијата на Ковид-19, создаваат дополнителен притисок врз македонската економија, која регистрира пад по сите параметри, предупреди монетарната власт:
„Во согласност со ваквиот контекст, при понеповолно надворешно окружување, но и послаби остварувања во првата половина на оваа година, најновите проекции упатуваат на пад на економската активност од 4,9% во 2020 година и постепено закрепнување со интензитет од 3,9% и 3,6% во следните две години“, изјави гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска Бежоска.
Негативниот тренд ќе продолжи, а, според Народната банка, на крајот на годината ќе паднат сите сегменти на БДП, освен јавната потрошувачка, која е неопходна заради заштита на јавното здравје и поддршка на економијата. Бруто инвестициите ќе бидат во минус од 13%, ќе се намалат и јавните, но и странските директни инвестиции. Личната потрошувачка е во пад од 4%, извозот од 11,7%. Главниот ризик за македонската економија останува пандемијата на Ковид-19 и евентуалното повторно воведување на строги рестриктивни мерки. Оптимизмот главно се темели на побрзиот напредок во третманот на коронавирусот, како и во развојот на вакцина.
„Доколку заканата од коронавирусот се надмине побрзо од очекуваното, зајакнатата доверба би можела значително да ја поттикне глобалната економска активност“, сметаат од Народната банка.
Во вакви услови, значајно е што инфлацијата и понатаму останува ниска и стабилна, иако повисока во однос на проекциите од април. Во просек, во 2020 година се очекува инфлација од 1,1% што е над априлските оценки од околу 0%.
„Овие отстапувања во голема мерка се одраз на ефектите врз понудата од синџирите на снабдување заради пандемијата, но и нејзините ефекти врз структурата на побарувачката. За 2021 година и 2022 година, тековните проекции се задржуваат непроменети и укажуваат на просечна инфлација од 1,5% и 2%, во услови на постепено закрепнување на побарувачката и умерен раст на увозните цени. Високата неизвесност во поглед на идната динамика на берзанските цени на примарните производи и понатаму останува главен ризик фактор на проекцијата“, изјави Ангеловска Бежоска.
Народната банка очекува дека побарувачката на македонски производи и услуги годинава ќе се намали за 6,3% во однос на 2019. Така е пред се' поради намалената побарувачка од земјите главни увозници, а како најголема од нив е Германија која важи за главен трговски партнер, на кој отпаѓа 50% од македонскиот извоз. Во делот на странските инвестиции, пак, се предвидува пад од 13%.
Проекциите на Народната банка се понеповолни од оние на Владата, која за годинава прогнозира економијата да заврши во минус од 4,5%. Меѓународниот монетарен фонд пак прогнозира падот на брутодомашниот производ да изнесува 5,4%. Монетарците се пооптимисти од Народната банка за наредната година, кога очекуваат раст од 5,5%. Владината проекција пак за наредната година се темели на раст од 4,1%.
Владините прогнозисе малку пооптимистични и се темелат на очекувањата од антикризниот пакет мерки. Од владата засега остануваат на проектираното и се фокусираат на мерките за поддршка на економијата и справување со пандемијата. Како последно, се очекува економијата да ја подгрее потрошувачката, претпразничната, но и онаа генерирана од ваучерите кои деновиве ги добиваат 300 илјади граѓани. Станува збор за дел од пакетот финансиска помош која државата им ја доделува на граѓаните во висина од 6000 денари.