Македонската и бугарската влада на седница во Струмица
23 ноември 2017Во Струмица, родниот град на македонскиот премиер Зоран Заев, се е подготвено за денешното одржување на заедничката седница на владите на Република Македонија и Република Бугарија. Бројни новинарски екипи од двете земји веќе го имаат „окупирано“ просторот во, и околу Домот на АРМ, каде што ќе се одржи седницата, во чиј фокус ќе биде напредокот во добрососедските односи. Интерес има и за менито на заедничкиот ручек во еден од тамошните хотели, но секако, најголемиот интерес е за политичкото мени на работната маса. Како што соопшти прес-службата на бугарската Влада, „заедничката седница е континуитет на позитивниот дијалог и партнерството меѓу двете земји“, а најавата за нејзино одржување доби голем простор во бугарските медиуми. Македонскиот и бугарскиот премиер денеска ќе имаат и посебна тат-а-тет средба, а од бугарска страна на седница ќе учествуваат вицепремиерите Томислав Дончев, Красимир Каракачанов и Екатерина Захариева, како и министрите Валентин Радев, Николај Нанков, Нено Димов, Румен Порожанов, Ивајло Московски, Емил Караниколов, Теменушка Петкова и Николина Ангелкова.
На маса десет документи
Договорот за заедничка седница на двете влади уследи по потпишувањето на Договорот за добрососедство и соработка од 1-ви август годинава, чин кој беше поздравен од демократската јавност во двете земји и во голема мера ги зајакна врските меѓу Скопје и Софија. Како што информираа од македонската Влада, на седницата ќе се разговара за унапредување на односите, меѓусебна помош при катастрофи, поддршка во обуката и подготовка на војниците од вооружените сили на Македонија, соработката во областа на туризмот, телекомуникациите, инвестициите и енергетиката... Се очекува разговорите да финишираат со потпишување на девет меморандуми и една декларација во која ќе биде одбележан напредокот во добрососедските односи меѓу Бугарија и Македонија. Засега најголемо внимание предизвикува најавениот меморандум за намалување на меѓународните тарифи за роаминг за телекомуникациски услуги. Бугарското Министерство за транспорт, информатичка технологија и комуникации и македонското Министерство за информатичко општество со тој документ се договараат да ги поттикнат мобилните оператори да склучат меѓусебни спогодби кои ќе доведат до трајно намалување на цените на мало на роаминг-услугите за крајните корисници. Во моментов, цените се едни од највисоките во Европа - меѓу 2,99 лева и 6,99 лева по минута и околу 25 лева по мегабајт.
Цената на роамингот е важна за комуникациите, но уште поважна искреноста во градењето на соработката. На ова потсети премиерот Заев неколку дена пред заедничката седница, со порака дека е многу важно да се гледа на перспективите и да се гради пријателство со соседите, посочувајќи притоа дека Договорот за добрососедство треба да биде поддржан и од опозицијата.
„Јас би сакал и кај нас, во Македонија, и власта и опозицијата да стојат зад ваквите важни документи, што отвораат не само пријателство туку и големо сојузништво помеѓу Бугарија и Македонија, а сѐ за да им се помогне на граѓаните на Македонија во интегративниот процес за членство во ЕУ и НАТО“, рече Заев.
Цвеќе пред споменикот на Трајковски
Во протоколот е предвидено претставниците на двете влади да положат цвеќе на споменикот на претседателот Борис Трајковски. Владините делегации ќе имаат заеднички ручек, а засега нема информации дали по завршувањето на официјалниот дел од средбата ќе продолжат и неформални активности. Иако се спомнува можноста премиерот Борисов да го посети манастирот во Водоча, од струмичката епархија нема официјална потврда за тоа, но велат дека не е исклучена таквата можност. Она што е потврдено, е дека за време на посетата е планирана церемонија за предавање на специјализирано возило за лица со инвалидност, донација од Бугарија за општината Струмица. Во почетокот на ноември бугарската влада одобрила 70.000 лева за купување на возилото, поддржувајќи го со тоа проектот за социјално вклучување на ранливите групи во општината.
Единствен кој од македонска страна денеска ќе продолжи со работниот дел, е министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу. По завршувањето на заедничката седница, тој на покана на бугарскиот колега министерот за регионален развој и јавни работи Николај Нанков, во 16 часот ќе присуствува на церемонијата на пуштањето во употреба на реконструираниот пат Старчево-Крналово-Први Мај, во Република Бугарија. Реконструираниот пат на бугарска страна е од значење за жителите од двете страни на границата, затоа што ја олеснува комуникацијата до граничниот премин меѓу Бугарија и Македонија, Златарево-Ново Село.
Македонија од своја страна ќе продолжи да ја олеснува комуникацијата, за почеток со отворање нови патишата за соработка. Со денешната седница не завршува заложбата на за одржување заеднички седници со владите на соседните земји. За 2-ри декември веќе е закажана заедничка седница со албанската влада, а пред три дена на средба во Белград премиерот Заев и српската премиерка Ана Брнабиќ се договориле за заедничка седница на двете влади кон крајот на февруари или почетокот на март следната година.