1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонски парадокс: Мизерни плати за високи квалификации

Костадин Делимитов
23 декември 2016

Во Македонија има 200.000 невработени, а непополнети над 7.000 работни места. Зошто нема кандидати за нив? Експертите предупредуваат дека форсирањето на високото образование за сите го дисторзира пазарот на труд.

https://p.dw.com/p/2Uk7Y
Mazedonien Geld Denar
Фотографија: DW/E. Milosevska Fidanoska

Хигиеничари, продавачи, општи работници, градежници, келнери, магационери, шивачи, но и програмери, брокери, наставници. Најмалку 7.000 работници недостасуваат или се бараат на македонскиот пазар на труд, покажуваат последните податоци што ги објави Агенцијата за вработување. Се нудат работни места за разни позиции и фирми, речиси во сите поголеми градови низ земјата. Најголема е побарувачката во Скопје, каде се отворени 3.470 работни места, по што следуваат Битола, Пробиштип, Тетово, Виница. Побарувачката главно е за потребите на преработувачката индустрија, но и останатите главно услужни дејности.

Погрешно поставен образовен систем

Интересно е што ваквиот тренд е присутен веќе подолг период и тоа во земја која важи за неславен рекордер по невработеноста. На што се должи ваквиот парадокс? Зошто речиси и да нема кандидати за работни позиции кои постојано „зјаат“ отворени? Експертите кои професионално се занимаваат и го истражуваат овој феномен не се изненадени од ваквиот тренд, кој дури бележи и благ пораст. Состојбата, според дел од нив, е последица на повеќе фактори, но доминантно на погрешно поставените политики во образовниот систем:

„Досегашната Влада во последниве години го форсираше високото образование за сметка на средните стручни училишта. Така денес имаме сериозен проблем од недостиг на мајстори со средно образование кои ќе бидат добри практичари и ќе вршат разни услужни дејности. Тоа е цената што ја плаќаме поради погрешно поставениот систем на образование. Инсистираме на високо образование за сите, а не водиме сметка за создавање стручни кадри уште во средните училишта“, предупредува универзитетксиот професор Марија Зарезанкова Потевска.

Таа веќе подолг период е еден од гласните заговорници за воведување на дуален систем на образование во Македонија, по теркот на германскиот образовен систем: 

„Веќе со години апелирам да се примени дуалниот систем на Германија, каде паралелно се учат школи и се посетуваат центри за обука во занаетчиските комори. И кога тие ученици ќе го завршат образованието веќе се подготвени да работат во производството. За разлика од нив, ние тоа го немаме, кај нас сите стремат кон високо образование, а всушност само мал дел од нив кога ќе се стекнат со некоја диплома можат да се пофалат со некоја стручност и знаење. И во таква ситуација не треба да нѐ чуди што овие луѓе не сакаат да се задоволат со понуди за несоодветни работни места со ниски плати, па затоа потоа одат на магистратури и слично и тоа само го усложнува проблемот“, предупредува Зарезанкова Потевска.

Deutschland Arbeiten im Büro (Symbolbild)
Кога не се наоѓа работно место согласно квалификациите, едноставно се продолжува со образованиеФотографија: picture alliance/ZB/T. Eisenhuth

Во Македонија исклучоците се правило

Економисти како правници, правници како економисти, историчари како административци, лекари и инженери како продавачи и комерцијалисти. Ваквите случаи во Македонија за жал не се исклучок, туку правило, предупредува социологот Илија Ацески:

„Податоците што се објавуваат покажуваат еден факт, а тоа е дека веќе сме соочени со проблем што сѐ помалку луѓе прифаќаат работа што не одговара на нивниот профил. Сведоци на една психолошка и културолошка ситуација која делува демотивирачки. Едноставно сме во ситуација кога имаме многу луѓе со високо образование коишто практично не се способни за каква било едноставна работа. И затоа не е за чудење што многумина се ставаат во некоја друга понижувачка ситуација отколку, на пример, да прифати некоја работа за 200 евра, иако и тие се многу кога ги немаш. Нивниот ментален склоп не е подготвен да прифати работа којашто условно е несоодветна на образованието. Една понижувачка ситуација во која општеството и државата условно му нуди образование, а од друга страна не му нуди соодветно работно место“, предупредува Ацески.  

Во вакви услови, според Ацески, не треба да чуди фактот што сѐ повеќе млади живеат „на грбот на старите“ и планираат или веќе заминале во потрага по подобра иднина во странство:

„Секој се прашува како јас да се образувам и да завршам факултет, а од друга страна да работам нешто што не одговара на мојата струка и образование. Тие се жртви на расчекор помеѓу прогресот од една страна и реалната состојба во која се наоѓа Македонија. Оваа владејачка структура сметаше и пропагираше, ајде сите на образование, со тоа ќе испумпаме дека се вработуваат луѓето, се намалува невработеноста, но еве сега тоа се враќа како бумеранг со други карактеристики. Па видете, само во Градски трговски центар имате десетина социолози коишто работат како продавачи. Според некои анализи, дури 90% од работниот кадар во Македонија е на позиции кои се несоодветни на нивното образование, што е поразително“.

USA Baustelle Symbolbild Arbeitsmarkt
Според некои анализи, дури 90% од работниот кадар во Македонија е на позиции кои се несоодветни на нивното образование, вели АцескиФотографија: picture-alliance/AP Photo/M. Rourke

Наместо промени, тапкање во место

Ацески предупредува дека системскиот дефект е веќе преголем и доколку не се корегира последиците ќе бидат уште позагрижувачки:

„Не знам, тоа бара големи структурни трансформации на целокупниот систем, посебно во делот на образованието. Па не можете вие да имате 20 правни факултети, десетици економски и факултети за менаџмент. Да, таа категорија на образовен кадар е препознатлива, но пазарот на труд кај нас е толку заситен, што долго ќе се соочуваме со овој проблем“, смета Ацески.  

Експертската јавност во Македонија веќе подолг период алармира за потребата од системски промени кои паралелно со образованието би овозможиле поголема вредност и на стручноста на кадрите, без разлика дали се резултат на средно или високо образование:

„Мора да имаме системски промени, нова стратегија, план и приоритети. И тие да се спроведуваат во континуитет, а не како досега - која и да дојде влада, менува сѐ и почнува од почеток. Затоа и толку време едноставно тапкаме во место“, предупредува Зарезанкова Потевска. 

Движењата на пазарот на труд во Македонија во најголем дел ги диктира политиката на досегашната власт која веќе подолг период форсира стратегија на ниско вреднуван и субвенциониран труд за потребите на странските инвеститори. Ваквата политика дава резултати, но недостигот од транспарентност и отчетност создава дилеми колку тие и долгорочно се исплатливи за државата. И домашните претприемачи веќе одамна предупредуваат на сериозна дисторзија на пазарот на труд и недостиг од квалитетен кадар, кој во услови на нелојална конкуренција однадвор не само што не се во состојба соодветно да го платат, туку сѐ помалку и го имаат на располагање.