1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонски рашомон

Зоран Јордановски
17 декември 2016

По изборите Македонија на пат кон излез од кризата или во ќорсокак? Првичното задоволство дома и во странство, со секој нареден ден се покажува како неосновано. Колумна на Зоран Јордановски.

https://p.dw.com/p/2USS3
Mazedonien Siegesfeier der Opposition
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Севишниот мора да е голем шегобиец - уште еднаш ми се потврди оваа претпоставка. Кој инаку можеше да смисли избори во услови какви што владеат во Македонија за да ја извади земјата од кризата? И уште повеќе, кој можеше да смисли ваков резултат? Класичен рашомон: и владата и опозицијата тврдат дека се победници – и обете страни се во право. Зависи кој од што поаѓа. Точно е дека опозицијата освои значително поголем вкупен број гласови отколку владеачките партии. Но, точно е и дека според сметките на Државната изборна комисија (ДИК) досегашната владеачка коалиција математички има мнозинство со еден пратеник повеќе во новиот состав на Собранието на Македонија (ова е моментална ситуација, оти избирачкиот процес уште не е завршен – тој трае додека не поминат сите рокови за жалби и додека по нив не биде решено во сите законски инстанци. Барем теориски, оти пресуди донесува „Сваровски“-судството). Тоа е последица од изборниот модел во државата, кој е законска подлога за сегашната партократија и во кој гласовите на избирачите немаат еднаква важност и тежина. Затоа, за да дојде навистина до израз волјата на народот, на која – за да биде парадоксот уште поголем! - се повикуваат оние на кои мнозинството од народот де факто им го заврти грбот, мораше прво да се создадат вистински претпоставки за демократски избори. Промена на изборното законодавство е една од тие клучни претпоставки. 

Jordanovski Zoran Kommentarbild App
Зоран Јордановски

Амбивалентниот Запад и арогантниот победник

Меѓународната заедница (читај ЕУ и САД), која инсистираше за одржување на предвремени избори како пат за излез од егзистенцијалната криза на балканската држава, по гласањето оцени дека сега се создадени услови за тоа. Ова е вербална акробатика која исклучува логика. Колку што имаше услови за одржување избори, толку сега има услови и за излез од кризата. Смета ли меѓународната заедница дека излез ќе биде продолжување на власта на коалиционите партнери кои ја доведоа земјата до работ на пропаста? Како со иста констелација на власта ќе бидат реализирани барањата што ги постави таа меѓународна заедница во соопштенијата во кои ги поздрави изборите – за демократски реформи и враќање на патот на евроатлантските интеграции, за овозможување на работата на СЈО? А претходно веќе самата во периодичниот извештај на ЕУ за состојбата во евроинтегративниот процес на Македонија го констатира назадувањето на државата и опструкциите за работата на СЈО?! Го превиде ли таа менталитетот на неказнивост на највисоките носители на власта кои се поставија над законите, го превиде ли воспоставениот коруптивно-уценувачки систем на клиентелизам? Не го согледа ли нивото на политичка (не-)култура на актерите кои за сопствениот интерес би ја жртвувале и државата? Го потцени ли конфликтниот потенцијал од кој произлегуваат сериозни закани за мирот во државата? Како бумеранг за амбивалентниот однос, барем на некои од претставниците на меѓународната јавност кон инкриминираната владејачка гарнитура во Македонија, сега им се враќа арогатноста со која Никола Груевски, екс-премиер и лидер на ВМРО ДПМНЕ, по изборите разговара со нив. Таа притискаше за избори, а Груевски сега настапува спрема неа од позиција на победник. Иако, се разбира, и со милиграмска доза на самокритичност би морал да биде малку потивок, оти е само половичен победник - доби 12 пратенички мандати помалку од оние што ги бараше од избирачите, а гласот на народот во целина никако не може да го протолкува како амнестија за криминалот за кој е осомничен и делумно веќе обвинет (за криминалот и без тоа пресудува правната држава, а не народот). 

Mazedonien Wahlen Anhänger der regierenden VMRO-DPMNE feiern den Sieg
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Правната држава и смртните закани

Какво сфаќање за правната држава застапуваат досегашните носители на власта (меѓу нив, на пример, и правник и докторант по политички науки на странски универзитет) најдобро покажуваат токму во деновите по изборите: прикриени и отворени закани за ликвидација на политичките опоненти јавно искажани од водечки претставници на ВМРО ДПМНЕ, неверојатен притисок врз Државната изборна комисија (ДИК) и закани со „гневот на народот“ додека таа решава во врска со приговорите за регуларноста на изборниот процес. Тоа се кривични дела за кои законот предвидел повеќегодишни казни затвор. Кој да го процесуира тоа? Јавното обвинителство (ОЈО), судиите од „Сваровски-судството“? Ваква власт, вакви политичари ќе ја извадат Македонија од кризата? Каков пат за излез може да се очекува од оние, кои се служат со нацистичка терминологија? Толку неуки, за да не го сфаќаат значењето на своите зборови, не се. Побргу ќе е дека се изречени во функција на порака.

Желбата побрза од разумот

А каква е другата страна од медалот, опозицијата? Се прогласи за победник и си „додели“ повеќе пратенички мандати уште пред да бидат избројани сите гласови, иако разликата беше многу тесна. Желбата истрча пред разумот, исто како во случајот со баварскиот политичар Едмунд Штојбер на изборите го Германија во 2002. година. Тој самиот избрзано се прогласи за победник, но кога беа изброени сите гласачки ливчиња се покажа дека сепак, иако со мала разлика, загуби во дуелот со Герхард Шредер за канцелар на Германија. Во актуелниов пример од Македонија желбата истрча пред разумот всушност уште кога Зоран Заев, лидерот на опозицијата, прифати предвремени избори. За аргументите дека нема рационален одговор зошто опозицијата отиде на избори под околностите што владеат во државата упатувам на мојата колумна „Изборите – светилник со прегорена светилка“ од 4. септември. На товар на Заев оди и дека не успеа да го обедини целиот опозициски блок со заедничка цел за смена на власта, почеток на реформи и нови избори во вистински демократски амбиент. Но, една работа сепак мора да му се признае  – обраќањето и кон македонските Албанци, посетите во нивните средини. Ехото, изразено преку гласовите што ги доби на изборите од нив, беше силно и охрабрувачко.

Mazedonien Siegesfeier der Opposition
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Македонските Албанци демонстрираа повисока свест

Македонските Албанци овојпат се вистински морални победници иако освоија вкупно помалку пратенички места отколку на претходните избори. Тие сериозно го казнија поданичкиот менталитет на ДУИ, покажаа дека се подготвени и за алтернативни решенија. Определбата на значителен број на гласачи од тој круг да го дадат својот глас за СДСМ е важен белег на предвремените избори. Би бил голем напредок за државата ако во иднина преовладее граѓанскиот, а не националниот поглед и концепт, ако во фокусот се најдат индивидуалните наместо колективните права. Тогаш Македонија ќе стане модерна држава со убави перспективи и ретроградните политички елити на обете страни ќе останат без досега нивното најмоќно оружје – националистичките закани и сеење страв од меѓуетнички конфликт. Но, воздржаноста овде е нужна оти, како прво, силите кои играат на картата на национализмот и натаму се моќни, а некако и меѓународната заедница на Македонија гледа според таа конфликтна шема. Како второ, на воздржаност упатува и првиот исчекор во таа насока и политичкото салто мортале на Имер Селмани. Тој своевремено на претседателски избори во 2009. година, како претставник на Албанците од Македонија, доби многу гласови од македонскиот блок, за потоа да се врати на националистички позиции. Последица беше маргинализирање на неговата улога и значење во политичкиот живот на државата. 
Занимлив постизборен момент е и одењето на „аџилак“, одењето за барање „свое мислење“ во Тирана на лидерите на партиите од албанскиот блок кои ќе бидат застапени во Собранието на Македонија. Досега не забележав реакција на тоа од страна на македонските Албанци - во редовите на СДСМ или незвисни интелектуалци. И тој момент предупредува на воздржаност. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи