Македонскиот удел во нијансите „на сиво“
21 април 2022Северна Македонија не направила демократски исчекор и заедно со уште три други - Унгарија, Србија и Црна Гора, останува во „сивата зона“ на хибридните режими, со иста оценка како и во претходниот извештај - 3,82. На ваквата оценка во Извештајот на американската невладина организација „Фридом хаус“ за состојбата со демократијата во 29 земји во транзиција, најмногу влијаат поединечните ниски оценки за македонските состојби со судството и корупцијата.
Според генералната оценка која е иста како лани, може да се извлече заклучок дека РСМ се стабилизира, но и дека таа стабилизација води кон стагнација. Како експерите и аналитичарите ги објаснуваат овие резултати? Претседателката на Државната комисија за спречување на корупција, Билјана Ивановска, вели дека не е изненадена од оценката.
„Во извештајот е оценето дека Северна Македонија е демократска земја во минимална смисла, бидејќи, иако се одржуваат редовни, компетитивни избори, институциите се дисфункционални и не се во состојба да испорачаат владеење на правото и силна заштита на правата и слободите на сите граѓани. Оценката од 3,82 е непроменета во однос на претходната година, што може да се толкува дека таа се стабилизира по периодот на постојан пад од 3,93% во 2015 до 3,75% во 2020 година", вели Ивановска.
Со оглед на фактот дека независното судство и корупцијата имаат најниски оценки по области, таа посочува дека со тоа се потврдува констатацијата за дисфункционални институции.
„Во прилог на оваа констатација е и фактот што само 20 % се исполнети мерки и активности предвидени во Националната стратегија за борба против корупција. Исто така речиси, идентичен е процентот (30%) на применети препораки во однос на претходната година, кои ДКСК ги има упатено до соодветните институции. Причините за овие состојби се ризичните фактори за корупција меѓу кои политичкото влијание и неказнивоста се највисоки“, укажува претседателката на ДКСК.
Демократизацијата да почне од партиите!
РСМ најдобро е оценета за изборниот процес (4,25) и за граѓанското општество (5,25), а овие оценки сѐ уште се недостижни за другите области - демократско владеење, независни медиуми, независно судство, битка против корупцијата... Аналитичарот Џелал Незири вели дека токму слабите оценки за судството и за борбата против корупцијата и организираниот криминал, се клучни за актуелните оценки од Фридом Хаус, посветени на здравјето на демократијата и на нејзиниот квалитет.
„Во овој контекст не станува збор само за начин на владеење, туку и за нефункционалност на системот кој не успева да ги дава очекуваните резултати. Собранието е блокирано, судството го следат постојано противречности, борбата против корупцијата и организираниот криминал не е суштинска. Има и други индикатори кои укажуваат на отсуство на квалитет во демократијата на земјата, како што се независноста на медиумите, отчетноста, дискриминацијата и демократизирањето на политичките партии. Сите овие елементи придонесуваат кон тоа граѓаните да не бидат задоволни од резултатите кои ги дава демократијата, реалност која произведува ситуација на ‘заглавена земја во сивата зона’“, вели Незири.
За да се подобри оваа слика, тој смета дека треба да се почне од главните актери и фактори во демократијата, а тоа се политичките партии, бидејќи демократскиот систем во најголема мера е одраз на состојбите - внатре во партиите.
„Нивното демократизирање може да се поттикне со измени во изборниот законик, преку кои би се овозможило гласање не само за партиите, туку и за кандидатите. Тоа значи воведување на отворени листи, каде гласачите би одлучиле кои од кандидатите ќе ги претстави, а не партиските моќници", сугерира Незири.
Бугарија - полуконсолидирана демократија
И земјите соседи на РСМ не добија подобри оценки. Бугарија која е членка на ЕУ е оценeта како „полуконсолидирана демократија“, како земја која продолжува да се бори со политичката корупција и организиран криминал, во која етничките малцинства, особено Ромите, се исправени пред дискриминација, и како земја која има слабости во зашитата на политичките права и граѓанските слободи.
На Бугарија се однесува и еден дел од општиот извештај на „Фридом хаус“, во кој се вели дека Албанија и Северна Македонија треба да ги започнат преговорите со ЕУ и дека „ЕУ мора да изврши притисок врз Бугарија тaa да ги повлече нејзините приговори за кандидатурата на Северна Македонија“.
Албанија има иста оценка како и во претходниот извештај (3,75), а за Србија е оценето дека лани во најголема мера назадувала во спроведувањето на демократски реформи, со пад во оценката од 3,89 на 3,79. Од соседите подобрување има единствено во Косово - со раст на оценката од 3,14 на 3,25, заради забележителен напредок во демократското управување и правосудството.