1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бугари ќе бидат дел од Уставот, се преговара за рокот

БГ
28 јануари 2022

Бугарскиот премиер Кирил Петков денеска пред парламентот во Софија рече дека е договорено Бугарите да бидат впишани во Уставот на РС Македонија. За рокот кога тоа ќе се случи, се уште се преговара

https://p.dw.com/p/46DiF
Бугарија Кирил Петков
Бугарскиот премиер Кирил ПетковФотографија: BGNES

Македонскиот и бугарскиот премиер Димитар Ковачевски и Кирил Петков се договориле Бугарите да бидат впишани во Уставот на Република Северна Македонија, а останува во рамки на преговорите меѓу двете држави да се договори кога тоа точно ќе се случи.
„Разговараме за тоа каков да биде рокот. Така ќе го направиме во преговорите, што тоа ќе биде факт - Бугарите во Северна Македонија ќе имаат еднакви права со другите“, рече бугарскиот премиер Кирил Петков во петокот пред пратениците во бугарскиот парламент.
Само впишување на Бугарите во Уставот на соседната земја, според Петков, сепак нема да биде само по себе доволно. 
„Важно е бугарското малцинство во Северна Македонија да биде признаено преку измени на нивниот устав, но тоа нема да биде доволно. Поважно е во текот на преговорите за членство во ЕУ секоја манифестација на говор на омраза или дискриминација да биде разбиена во текот на овој процес и елиминирана“, додаде Петков. 

На средбата во Софија, македонскиот премиер Димитар Ковачевски, како и неговиот претходник Зоран Заев, го поврза вметнувањето на Бугарите во Уставот со влезот на земјата во ЕУ. 

Петков остави рок од десет години да се надминуваат и другите спорни прашања меѓу двете земји, како говорот на омраза. 
„Во следните 10 години треба да работиме со Скопје додека тие ги отвораат нивните 27 поглавја (од преговорите со ЕУ, н.з.), и тој мониторинг против говорот на омраза треба да биде реално искористен. Треба да создадеме јасен механизам кој ќе го вметнеме во европскиот процес и така, за 10 години, да ја смениме реториката“, рече Петков. 

Кирил Петков Димитар Ковачевски Северна Македонија Бугарија
Кирил Петков и Димитар КовачевскиФотографија: Reg. Nordmazedonien

ЕУ подготвена да ја финансира пругата 

Бугарскиот премиер најави и заедничко чествување на Гоце Делчев, на 4 февруари годинава, на 150-годишнината од неговото раѓање. 

Двете влади веќе преговараат за повеќе инфраструктурни проекти за подобро меѓусебно поврзување на двете држави. Според Петков, Европската комисија е подготвена финансиски да ја поддржи изградбата на железничката врска меѓу Софија и Скопје.
Надежите на бугарскиот премиер се дека веќе во март ќе биде пуштена во функција авионската линија меѓу Софија и Скопје. Во текот на годинава треба да бидат завршени и 13-те километри од бугарска страна кај граничниот премин Клепало.
Петков уште еднаш потврди дека Бугарија нема да прави промени во составот на заедничката историска комисија, прашање кое претходно го отвори македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема