1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тешки денови за историчарите од Скопје и Софија

ДТЗ
11 јуни 2021

Македонските историчари велат дека нивните бугарски колеги сакаат да наметнат свој поглед кон минатото. Една од спорните теми е Гоце Делчев.

https://p.dw.com/p/3umAW
Nordmazedonien Bulgarien Historikerkommission
Фотографија: Government of North Macedonia

Разочарување и кај македонските и кај бугарските историчари коишто се членови на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, откако по два „исклучително тешки денови“ не постигнаа напредок во разговорите за надминување на историските спорови меѓу Скопје и Софија.

Од македонска страна на средбата биле дадени предлози засновани на современите разбирања за историското образование поддржани од Советот на Европа и УНЕСКО, во кои се уважуваат различните погледи и толкувања за минатото и кои се покажале како применливи во надминување на спорови што произлегуваат од различното толкување на минатото. Од бугарска страна тие предлози биле одбиени како неприфатливи и неприменливи. Бугарските историчари пак со обвинување дека македонските колеги „категорично одбиле да разговараат за конкретна историска тема“. „Тешко е да се постигне разбирање за Гоце Делчев“, изјави бугарскиот копретседавач на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Бугарија и С Македонија, Ангел Димитров, во изјава за медиумите во бугарското Министерството за надворешни работи, а по дводневниот состанок на Комисијата. Историчарите летово ќе паузираат во обид да се изнајдат решенија за премостување на разликите. Новата средба е планирана за во октомври.

Предлозите на македонската страна

На првиот ден од средбата на историчарите тема на дискусија биле учебниците по историја и усогласување на препораки за нивно подобрување. Двете страни размениле предлог идеи како да се дојде до решение кое би помогнало во носење на препораки како да се подобри историското образование. Но, предлозите на македонската страна биле одбиени од нивните бугарски колеги.

-повеќе на темата: Нема договор за Гоце Делчев во македонско-бугарската комисија

„За жал, очигледно е отсуството на воља кај членовите на Комисијата од Република Бугарија да се дојде до решение, преку кое историското образование не би било основа за политичка инструментализација, често затскривана позади фразата „историска вистина”. Исто така, очигледно е дека бугарската страна го гледа овој процес како можност да го наметнат својот поглед за минатото во друга држава и образовен систем“, наведуваат македонските историчари во брифинг за државната агенција МИА.

Nordmazedonien Bulgarien Historikerkommission
Комисијата отвори дискусија за Григор Прличев, откако претходно бугарската страна не прифати оваа личност да биде чествувана од страна на С Македонија, Бугарија и Грција.Фотографија: Government of North Macedonia

Од македонскиот тим на Комисијата, која вчера и денеска го одржа 14. состанок, велат дека овие два дена ги имале најтешките разговори досега, а во однос на дискусијата за заедничките чествувања, Комисијата отвори дискусија за Григор Прличев, откако претходно бугарската страна не прифати оваа личност да биде чествувана од страна на С Македонија, Бугарија и Грција.

-повеќе на темата: Бугарија „монолитна“ во пресрет на новата средба на историчарите

„На предлогот на македонскиот тим, дискусијата да продолжи врз основа на првично усогласениот текст за трипартитно чествување кое се наоѓа во заклучоците на записникот од третата средба и Првиот годишен извештај и прифатено од бугарската страна, бугарските колеги спротивно на заедничките заклучоци предложија нов текст кој македонските членови на Комисијата го оценија како навредлив за чувствата на етничките Македонци и сите граѓани на С Македонија. Членовите на Комисијата имаа можност да дискутираат и за Гоце Делчев“, велат од Комисијата.

Забелешките на бугарската страна

Ангел Димитров, шеф на бугарскиот тим во заедничката Мешовита комисија за историјата изрази разочарување по дводневната средба со македонските колеги од Мешовитата комисија, пренесе БГНЕС. „Досега бев убеден дека сме мешовит комитет за историски и образовни прашања, но од денешниот 14. состанок по ред почнувам да се прашувам дали е тоа навистина така, изјави Димитров. Како што пренесуваат бугарските медиуми, тој оценил дека е тешко да се постигне разбирање за Гоце Делчев, најавувајќи дека Комисијата нема да се состане се до октомври.

-повеќе на темата: Историчари од македонско-бугарската комисија се оградуваат од „историскиот ревизионизам“ на Заев

Заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања вчера и денеска го одржа 14. состанок, којшто е трет од предвидените пет за оваа година. На последниот, 13. состанок на Мешовитата комисија, одржан на 23 и 24 април во он-лајн формат, не беше постигнат никаков резултат, а се разговарало за македонските учебници за седмо одделение, додека темата Гоце Делчев воопшто не била отворена на барање на бугарската страна.