Македонските претседатели
Стево Пендаровски е избран за петти македонски претседател, односно прв по промената на името на државата во Република Северна Македонија. Кои се луѓето кои ја водеа земјата од осамостојувањето до денес?
Првиот претседател: Киро Глигоров (1917-2012)
Го сметаа за „историја што чекори“, личност која ги поврза двата столба на македонска државност - АСНОМ 1944 и 8-ми Септември 1991-ва. За изградбата на самостојна Македонија даде личен печат со спроведување на референдумот за независност, донесување на новиот Устав, битката за демократска преобразба на земјата и нејзина меѓународна афирмација. Во 1995. преживеа атентат кој до денес не е расветлен.
Вториот претседател: Борис Трајковски (1956-2004)
Борис Трајковски беше претседател од 15.12.1999. до 26.02.2004, кога неговиот мандат заврши со трагична смрт во авионска несреќа. Иако многумина се обидоа да ја наметнат тезата дека станал „признат“ по несреќата, денес сите се согласни дека тој својот претседателски габарит го потврди во најтешката - 2001 година, кога ги вложи сите напори да ја акцентира потребата од мир, дијалог и заедништво.
Третиот претседател: Бранко Црвенковски
Бранко Црвенковски е една од клучните политички фигури во првите две децении од независна Македонија. Бил двапати премиер и еднаш претседател на државата. За време на претседателскиот мандат на Црвенковски од 2004 до 2009 година, Македонија - во 2006. - стана земја кандидат за членство во ЕУ. Црвенковски стана пензионер со 47 години и има сопствена канцеларија во близина на седиштето на СДСМ.
Четвртиот претседател: Ѓорге Иванов
Ѓорге Иванов функцијата претседател на државата ја извршуваше во два мандата, од 2009 до 2019 година. Често беше предмет на остри критики. Ќе остане запаметен по амнестијата за сите политичари против кои се водеа постапки, по што избувнаа масовни протести. Во јуни 2016 година, по силен домашен и меѓународен притисок, Иванов ја повлече аболицијата.
Петтиот претседател: Стево Пендаровски
Втората кандидатура за претседателската функција му донесе успех на Стево Пендаровски. Националниот координатор за подготовка на Македонија за НАТО во својата кариера бил советник на двајца македонски претседатели - Борис Трајковски и Бранко Црвенковски. „Ќе обединувам, нема да делам. Ќе бидам фактор на стабилност, а не фактор на кризи“, вети Пендаровски во својот победнички говор по изборите.