Пожар: Извештајот од крим-техника стигна во Тетово
1 октомври 2021Извештајот од МВР за вештачењето коешто го направи крим-техника за утврдување на причините за пожарот во модуларната болница пристигна во Тетово. Но, тоа се уште не е разгледано од тетовските обвинители коишто веќе неколку дена се во Скопје, каде се врши сослушување на членови на комисиите задолжени за имплементација, следење и технички прием на модуларните монтажни контејнери.
„Стигна извештајот, добро е што почнаа да пристигнуваат вештачењата коишто ги побаравме“, вели шефот на тетовското обвинителствоБесир Алиу за ДВ.
Следниот важен чекор е пристигнувањето на вештањето на форензичарите од Германија, кои што по несреќата во која што загинаа 14 лица, изврши увид на местото на пожарот.
„Германските истражители досега не побараа дополнителни информации и колку што знаеме нема потреба повторно да доаѓаат во земјава, бидејќи ги имаат обезбедно сите потребни доказни материјали“, вели Алиу.
Сослушување
Во меѓувреме обвинителите имаат полни раце работа. Од раните утрински часови во Скопје се сослушуваат десетици членови на комисии. Бројката на лица со коишто треба да се разговара, а имале некаква врска со изградбата на модуларните болници, секојдневно расте.
По несреќата која се случи на 8 септември годинава, беа сослушани семејствата на загинатите, пациенти во модуларната болница и медицинскиот персонал. „Се уште на листа на лекање за сослушување се економскиот директор и други надлежни лица од болницата“, вели Алиу. Се чекаат и редица други вештачења коишто беа побарани од страна на Обвинителството.
Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека очекува форензичките извештаи и анализите на вештачењето за пожарот да се објават што поскоро и да се решат дилемите околу трагедијата. „Животот продолжува, политичарите се во кампања, се случуваат секојдневни активности, ред е да се објави тој извештај за да можам секако и јас да го кажам својот став по повод понудените оставки од министерот, заменик министерот“, рече премиерот.