1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Македонско писмо до Најтингел: Извор на среќа е да помагаш!

22 мај 2020

Емотивното писмо на медицинската сестра Елизабета Настеска до Флоренс Најтингел, е објавено на официјалната страна на Меѓународниот совет на медицински сестри.

https://p.dw.com/p/3cbND
Deutschland Coronavirus - Vorbereitungen in Essen
„Не сме ангели, туку сме втората најубава работа по ангелите“, гласеше слоганот со кој здружението „За нас“ ја одбележа Неделата на сестринството од 5-ти до 12-ти мајФотографија: picture alliance/dpa/B. Thissen

Секоја година на 12-ти мај се прославува светскиот Ден на медицинските сестри, а 2020 година, во која се одбележуваат и 200 години од раѓањето на основачката на сестринството, Флоренс Најтингел (12.5.1820), е прогласена за Година на сестринството. За жал, токму оваа јубилејна година, овие медицински работници ја дочекаа во тешки и вонредни услови, предизвикани од пандемијата на Ковид-19.  Сите напори, предизвици, пожртвуваност и истрајност, медицинската сестра Елизабета Настеска ги опишува во писмото симболично упатено до светската икона на посветеноста во грижата за болните - Флоренс Најтингел. Таа е прва Македонка, чие писмо е објавено и на официјалната страница на Меѓународниот совет на медицински сестри.

„Оваа година на 12-ти Мај требаше достоинствено да го прославиме твојот 200-ти роденден. Оваа 2020 година, која е посветена на нас, медицинските сестри и акушерките, несомнено е наша година. Година која требаше да започне многу поинаку ... За жал, се наоѓаме во еден невиден временски период одбележан со вознемиреност, период кој многумина го нарекуваат ’војна со невидлив непријател’. Како што ти се истакна во својата работа како предводник на сестринството и се бореше во време на Кримската војна, каде што неуморно се грижеше за ранетите војници, така денес ние - твоето потомство, сме хероите кои многумина ги бараат. Навистина не е лесна работа да се биде ’Госпоѓата со ламбата’ и да се бориш за уште еден ден, и за уште еден... Би сакала во овој момент да ти ја пренесам несебичната пожртвуваност од твојот колегиум на медицински сестри кои се на првата борбена линија на опасност, додека сите останати се повлекуваат во безбедноста на нивните домови. Ова требаше да биде еден прекрасен почеток на оваа наша година, ова не беше битка за која се пријавивме, но без оглед на сѐ, зедовме оружје и се бориме“, пишува Настеска.

Italien Milan - Krankenschwester
Заедно со лекарите, медицинските сестри, техничари, акушерки добија многу аплаузи за нивната посветност во текот на битката со вирусотФотографија: Imago Images/Independent Photo Agency Int./M. Passaro

Лузните ќе ги гледаме по битката

Во емотивното обраќање таа го споделува впечатокот дека како што се шири Ковид-19 во последните неколку месеци, „се’ повеќе се чувствува како времето да е во некој застој", но и дека срамнувањето на епидемиолошката крива бара посебен вид несебичност и сила.

„И кога сето ова еден ден ќе заврши, дури тогаш ќе можеме да ги погледнеме сите емотивни и физички лузни од оваа битка. Знаеш ли дека не постојат ни грешки ни случајности? Можеби се’ ова што сега ни се случува е само прилика да научиме нешто ново, или оваа година ’случајно’ е избрана за наша! Хероите се луѓе кои го прават она што треба да се направи, без разлика на последиците.Херои се сите медицински сестри и акушерки од целиот свет кои работат во сите часови од денот и ноќта без разлика на кое работно место се наоѓаат, дали е тоа амбуланта, болница, клиника, брза помош, старечки дом, и.т.н ... За мене херој е колешката која мораше да ги остави трите малолетни деца да се грижат сами за себе, додека нејзиниот сопруг, позитивен на коронавирусот, се бореше во болнички услови, додека таа беше приморана да биде во самоизолација... За мене херои се оние кои скришно плачеа криејќи се од нивните семејства, сето тоа со страв дека и нив би ги изложиле на некаков ризик... Во целата оваа битка научив дека најголем извор на среќа е да помагаш и да им бидеш од корист на другите, најдобар лек - оптимизмот, а најуспешна одбрана - насмевката", пишува македонската медицинска сестра.
Не крие дека се изморени, но потенцира дека нема да откажат.

„Продолжуваме да се бориме! Можеби сега само се прашуваме ’Зошто и до кога сето ова?!’ Можеби ова се и денови кога луѓето се обидуваат да ја тестираат нашата интелигенција, вештини, знаења и повикот за да бидеме таму, каде што треба да бидеме“ (...) Ние сме горди на нашиот повик. Почитувана наша Флоренс, знам дека сето ова го гледаш од некаде и се надевам дека си горда на нас!“, вели на крајот од писмото.  

Internationaler Tag der Pflege  Australien
Мурал во Мелбурн по повод Меѓународниот ден на медицинските сестриФотографија: AFP/W. West

Недостиг на кадар

Заедно со лекарите, медицинските сестри, техничари, акушерки добија многу аплаузи за нивната посветност во текот на битката со вирусот, за неброени денови и ноќи поминати во грижа за пациентите. Тие се првиот контакт, првата помош, првата утеха и првата подадена рака. Новиот вирус можеби најсилно досега ја изнесе на виделина нивната огромна улога. Но, се чини дека тоа досега не беше соодветно нотирано и валоризирано. Како што посочи деновиве во разговор за ДВ, м-р Гордана Бешлиовска, претседателка на Задружението „За нас“ (Здружение на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри), овој кадар досега не е вклучен во носењето одлуки, ниту го има во доволен број.

„Медицинските сестри работат за здравствените институции во сите нивоа на здравствениот систем, но недостигот е секаде. Потребните норми по стандарди не се исполнети ни по број на сестри, ни по број на кревети, ни по креветна зафатнина, ниту по број на лекари. Оттука е генералниот недостиг на ниво на државата. Според стандардите, на 1.000.000 жители треба да има 7.500 до 8.000 медицински сестри. Неофицијално, во земјава има 7.500 медицински сестри, што значи дека недостигот е 50%. Ако не се подобрат условите за работа, ако продолжи трендот на заминување, проблемот ќе биде уште поголем, ќе се соочиме со голем дефицит од нашиот кадар“, посочи Бешлиовска.

Слоганот со кој здружението „За нас“ ја одбележа Неделата на сестринството од 5-ти до 12-ти мај, гласеше: „Не сме ангели, туку сме втората најубава работа по ангелите“.