Мал гласачки одзив во Германија
12 април 2014Денеска (12.04) за првпат и Македонците од дијаспората меѓу кои и оние кои живеат во Германија, имаат можност да гласаат за идниот шеф на државата. Согласно законската регулатива и по претходното регистрирање, за идниот претседател на Македонија денес од 7 до 19 часот се гласа во дипломатско-конзуларните претставништва во Берлин, Бон и Минхен.
Одзивот до 13 часот, како што дознава Дојче веле директно од изборните места, бил многу мал. Исто како и бројот пријавени граѓани за гласање. Поточно, во законскиот рок од Државната изборна комисија, за гласање за идниот претседател биле регистрирани 501 лице. До 13 часот правото на глас го искористиле 73 лица кои привремено живеат, работат или студираат во Германија. Најмногу пријави за гласање инаку има во Берлин – 200. Како што за Дојче веле изјави Драган Петковски, претседател на избирачкиот одбор во Берлин и министер - советник во Амбасадата на Република Макдонија во Германија, до 13 часот гласале 33 лица. Во Бон од регистрираните 127 граѓани, гласале 18 лица, што претставува околу 16 проценти. Излезноста до 13 часот била најмала во Минхен -12,4 прценти, поточно од регистрираните 174 граѓани за идниот шеф на државата гласале 22-ца македонски државјани.
И на трите изборни места во Берлин, Бон и Минхен поголема излезност се очекува во подоцните попладневни часови. Инаку, изборниот материјал со гласовите на дијаспората од трите избирачки места во Германија до ДИК во Скопје ќе биде испратен со дипломатска пошта.