Мал Шенген: Добра идеја, сомнителни потписници
11 октомври 2019Фактот дека претседателот на Србија, Александар Вучиќ, премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев и премиерот на Албанија, Еди Рама, во Нови Сад ја потпишаа декларацијата за намери за воспоставување на „мал Шенген“ меѓу трите земји, како и тоа дека ги повикаа и останатите земји од „Балканската шесторка“, односно Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово да ја потпишат декларацијата за да се осигура слобода на движење на капитал, стока, услуги и луѓе, на прв поглед е навистина добра вест. Но, се поставува прашањето за искреноста на самите потписници, особено на Вучиќ и Рама, оценуваат соговорниците на Дојче Веле.
Нема сомнеж дека ваквата спогодба, ако навистина не остане само на хартија, туку и се примени, ќе го олесни животот на граѓаните во регионот, како и трговијата и бизнисот.
„Самата идеја воопшто не е лоша. Значително би се олеснил животот на граѓаните, а пред сѐ трговијата. Така на пример, камионите веќе нема да мора да чекаат по 10 до 20 часа на границите“, вели за ДВ, Милан Чулибрк, економски аналитичар и главен уредник на белградскиот неделник „НИН“.
Со ист став е и Мијат Лакичевиќ, економски аналитичар и заменик главен уредник на белградскиот неделник „Нови Магазин“, кој за ДВ вели дека тоа е воопшто не е нелогична иницијатива. „Добро е што се среќаваат и тоа почесто, и не само овие тројца, туку сите шестмина од регионот," вели Лакичевиќ.
Во однос на најавата на Вучиќ дека во случај на потпишување на спогодбата во регионот би можело да се патува само со лична карта, Лакичевиќ нагласува дека и денес, на пример, граѓаните на Србија може во Црна Гора да патуваат само со лична карта, но на границите сѐ уште има километарски колони, особено со камиони.
„До крајот на 2021 година сакаме да создадеме услови да може да се патува низ овие земји само со лична карта. Тоа со Албанија засега не можеме да го правиме и се надеваме дека ќе ни успее на некој од следните состаноци. Камионџиите во чекање на граници губат дваесет и шест милиони часови. Замислете какво значење би имало за економијата отстранувањето на тие бариери“, рече Вучиќ.
Тоа е точно, се согласуваат двајцата наши соговорници, но истовремено предупредуваат дека проблемот е во политичките односи меѓу Белград од една страна, и Тирана и Скопје од друга страна.
„Ќе биде тешко да се спроведе таква спогодба, пред сѐ поради нерешеното прашање со Косово. Од една страна, границата помеѓу Албанија и Косово речиси и да не постои, а од друга страна - не знаеме каков би бил статусот на Косово во таа евентуална спогодба. Дали Косово е јужна српска покраина, што е официјален став на Белград, или е независна држава. Значи, со кого ќе се потпишува тогаш спогодбата, односно како таа воопшто ќе функционира“, прашува Чулибрк.
Бизнисменот од Војводина, Душан Мијиќ, за ДВ вели дека секое олеснување за бизнисот е прифатливо и додава дека би било добро спогодбата за „мал Шенген“ и навистина да заживее, во што тој се сомнева.
„Не верувам дека тоа ќе се случи, пред сѐ поради политички причини“, вели Мијиќ, кој порано работел со земјите од регионот, а сега исклучиво со држави од ЕУ.
Милан Чулибрк потсетува дека во регионот веќе постои економска спогодба, но таа не функционира.
„Спогодбата ЦЕФТА не функционира уште од времето кога Косово воведе царини за стока од Србија и Босна и Херцеговина. Оттука, логично се поставува прашањето зошто не се работи на примена на спогодбата ЦЕФТА, туку во игра се воведува 'мал Шенген'. Сѐ додека не се решат политичките односи меѓу Белград и Приштина, тешко дека ќе функционира која било спогодба“, категоричен е Чулибрк.
Мијат Лакичевиќ смета дека идејата за „мал Шенген“ е всушност само политички потег кој пред сѐ им служи на Вучиќ и Рама да ѝ се претстават на Европа во подобро светло, отколку што граѓаните навистина би имале некаква полза од тоа.
„Економската соработка е лоша токму поради фактот дека власта ја кочи, бидејќи на соседите се гледа како на непријатели“, констатира Лакичевиќ. Тој го дава примерот на Србија, каде секојдневната политика е „националистичка и кавгаџиска“. „Тоа е една лицемерна политика, бидејќи седум дена во неделата се води кавгаџиска политика, а потоа 16 минути извикуваме ‘мир, мир, мир – никој не е виновен’“.
Вучиќ, Рама и Заев најавија нови рунди дијалог за „мал Шенген“ и изразија уверување дека кон тоа ќе им се придружат и останатите земји од „Балканската шесторка."
Вучиќ најави и дека до следната средба експертите ќе подготват и економска анализа. Според него, со примената на спогодбата „за 20% би се зголемило и привлекувањето на странски инвестиции, а оној кој има работна дозвола во Скопје, ќе добие и во Белград и во Тирана“.
Повеќе:
Балкански „мини-Шенген“: Нема љубов, само интереси
„Мини-Шенген“: Парцијално решение без иднина?
Но, и Мијиќ и Лакичевиќ велат дека економијата во регионот сѐ уште е во оковите на политиката, така што пречките за бизнисот се огромни, а граѓаните имаат мала полза од ваквите средби на политичарите.
„Ако тие не ги тргнат границите – а би можеле да го сторат тоа – тогаш сето ова нема никаква смисла. Бидејќи, кога нема слобода во економијата и трговијата, тогаш со трговија се занимаваат само одбрани поединци. Така, во Србија со бизнис се занимаваат привилегирани луѓе, блиски до власта. А ако луѓето блиски до Вучиќ одредуваат кој ќе се занимава со бизнис, тогаш тоа не е бизнис. Дополнително и сивата трговија, односно шверцот, не само што го има, туку е под контрола на власта“, вели Лакичевиќ.
Вучиќ по вчерашната новосадска средба повика на пристап кој не смее да биде емотивен. „Ако луѓето ги остават настрана своите емоции, тоа ќе биде огромен резултат за нашите граѓани“, рече Вучиќ. Премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, пак, додаде дека преку овие средби се испраќа порака во регионот дека политичките односи во регионот се поедноставуваат, односно дека Балканот „веќе не е буре барут, туку регион на мир, почитување и регион во кој се работи на унапредување на квалитетот на животот на граѓаните“.
Душан Мијиќ повторно предупредува дека кога станува збор за економијата во регионот, никогаш немало либерален пристап, туку дека секогаш имало интервенција на државата, поради што, на пример, странски инвеститори во Србија се повеќе привилегирани отколку домашните.
„Тоа не се економски, туку пред сѐ политички проблеми. Луѓето лесно ќе најдат пат како да се поврзат, како да произведуваат и да тргуваат. Но, политиката им е пречка нормално да тргуваат, односно пречи тоа постојано форсирање на меѓусебна недоверба и неразбирање“, заклучува Милиќ.
Додека политичарите, како пред сѐ Александар Вучиќ и Еди Рама, многу често испраќаат пораки со омраза и нетрпеливост, тие приватно се во многу добри односи.
„Ако треба заедно и ќе седнат на софра и ќе се напијат, но потоа си помагаат еден на друг сеејќи омраза и национализам“, потенцира Мијат Лакичевиќ.
Познавачите на ситуацијата тврдат дека ноќта пред средбата, на Вучиќ и Рама на Петроварадинската тврдина добро им одело дружењето и добро се забавувале.