1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ и Берлин ја преиспитуваат политиката кон Западниот Балкан

Марина Максимовиќ
30 јануари 2020

Од посетата на Жозеп Борел на Приштина и Белград не треба да се имаат претерани очекувања. Но она што може да се очекува е Берлин, како и ЕУ, да ја преиспитаат својата стратегија кон Западниот Балкан.

https://p.dw.com/p/3X0d5
Frankreich EU l Borrell will am Iran-Atomabkommen festhalten
Фотографија: picture alliance/Xinhua/Z. Huansong

Речиси во секој јавен настап од изборот на местото шеф на дипломатијата на ЕУ, Жозеп Борел нагласува дека Западниот Балкан ќе му биде еден од приоритетите. Пред првата посета на регионот, Борел вели дека со намера ги избрал Косово и Србија.

„Земајќи ја предвид мојата лична решеност да се напредува во дијалогот под покровителство на ЕУ, сакав прво да ги посетам Белград и Приштина. Имаме многу важна работа пред нас, вклучително и нормализацијата на односите меѓу Србија и Косово“.
За разлика од новиот комесар за проширување Оливер Вархеји кој се надева на постигнување договор уште во текот на 2020 година, во кабинетот на Борел порачуваат дека од првата посета не треба да се очекуваат конкретни предлози и планови.

„Високиот претставник оди во посета на Косово и Србија да го покаже својот личен ангажман и намера да стори што е можно за да се олесни дијалогот во кој тој е главен посредник“, вели портпаролот на ЕУ, Петер Стано.

Шефот на бриселската канцеларија на Германскиот институт за меѓународни односи и безбедност Душан Релјиќ нема големи очекувања од посетата на Борел.

„Процесот на преговори меѓу Белград и Приштина под покровителство на ЕУ застана пред долго време, а во овој момент Брисел и ЕУ немаат многу што да им понудат на Србија и Косово за да ги поттикнат на нови преговори и компромис“, вели Релјиќ за ДВ. Тој укажува дека политиката на проширување на ЕУ е во криза, и дека се очекува дефинирање на чекорите откако Европската комисија ќе излезе со предлог за нова методологија на преговорите за пристапување.

Србија и Косово остануваат зона на влијание на ЕУ

Периодот на стагнација на дијалогот, изборите во Косово и во Србија, транзицијата на ЕУ институциите и промената на методологијата на проширување, не ѝ пречеа на американската администрација да „прогласи победа“ непосредно пред посетата на Борел и да го објави договорот за воспоставување директна авиолинија, а потоа и железнички сообраќај меѓу Белград и Приштина.

Таа американска иницијатива, која беше испреговарана и спроведена во Берлин, го постави прашањето за континуитетот и ефикасноста на улогата на ЕУ како главен посредник во дијалогот. Во Брисел велат дека „секој договор е добредојден“, но ја отфрлаат можноста САД и претседателот Трамп да ја преземат водечката улога во решавањето на односите меѓу Србија и Косово.
Во Брисел објаснуваат дека се свесни за влијанието на Вашингтон врз Приштина, и на Москва врз Белград, но укажуваат дека не се „плашат“ дека Србија, Косово и целиот Западен Балкан ќе излезат од „зоната на влијание на ЕУ“.

Релјиќ предупредува дека САД најавија договор кој е сѐ уште далеку од примена на терен, а тоа пак зависи од истите нешта на кои веќе се „сопнаа“ и други договори меѓу Белград и Приштина.

Dusan Reljic SWP
Душан Релјиќ вели дека освен Брисел и Берлин ја преиспитува својата политика кон Западниот БалканФотографија: CIFE

Берлин ја преиспитува својата стратегија

Пред посетата на регионот, Борел во Берлин разговараше со шефот на германската дипломатија Хајко Мас. Борел тогаш нагласи дека Брисел и Берлин имаат „заедничка визија“ за стабилноста и безбедноста на Западниот Балкан, а укажа и на водечката улога на Германија во заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ.

Релјиќ потсетува дека Германија настојуваше односите меѓу Белград и Приштина да ги нормализира низ нивно поставување во поширока рамка на пристапување кон ЕУ.

„Во меѓувреме, перспективата на брз влез на земјите од Западниот Балкан во ЕУ се помести во далечна иднина, така што и стратегијата во Берлин, да се бара решение преку членство во ЕУ, сега веројатно ќе мора да биде преиспитана“, вели Релјиќ.

Тој додава дека Западниот Балкан е еден од ретките геополитички простори на кои ЕУ има вистинско влијание, а кое произлегуваше од перспективата за членство.

„Бидејќи таа перспектива толку заслабна, мислам дека Борел и новата Европска комисија предводена од Урсула фон дер Лајен ќе мора да ги преиспитаат односите со Западниот Балкан и перспективата на пристапување кон ЕУ“, вели Релјиќ.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема